Photos from Unsplash.com

Оваа летна сезона се’ почесто читаме или сме директни сведоци од “лице место” за тоа дека во Грција се обиваат и крадат автомобили на туристи, се казнуваат за се’ и сешто, полицијата има зачестено со вадење на таблици на автомобили за непрописно паркирање во крајбрежните места, каде до сега не било проблем да се паркираш буквално “каде ќе стигнеш”, нељубезни сопственици на кафе барови покрај плажа ви ги тргаат пешкирите и чадорите ако сте ги поставиле во близина на нивната опрема за плажа, па дури имаше и случаи на потраги на исчезнати туристи, од кои дел завршија среќно со нивно пронаоѓање, а дел – трагично, за жал.

Photo: Johnny Africa from Unsplash.com

По сето ова дел од туристите се враќаат дома разочарани и споделуваат размислувања дека се двоумат дали повторно би ја посетиле Грција. Но, дали навистина е така? Дали треба да им се лутиме на грчките полицајци што си ја работат работата и казнуваат за сообраќајни прекршоци? И најважното прашање – Дали само Грција е станата понебезбедна држава во последниве години или ова е несакан тренд насекаде низ Европа?

Photo: Eleni Afiontzi from Unsplash.com

На оваа тема, свое мислење сподели Радмило Белиќ во Фејсбук групата Grčka Info, кој е Србин, но долги години живее во Грција и секогаш споделува потребни и корисни информации за оваа држава:

“Читам многу постови каде се жалат дека Грција не е како што беше, дека Грците не се тоа што беа, дека има многу кражби и дека безбедноста едноставно не е она на што сме навикнати. Сето ова е делумно точно. Значи никаде не е како порано. За жал, светот се промени на полошо. Дури ни мојот Белград, кој порано беше еден од најбезбедните градови, веќе не е таков. Истото важи и за Грција. Во последните десет години, а можеби и повеќе, Европа е нападната од различни делови на светот. Грција поради својата географска положба е прва нападната од илегални мигранти. Тие доаѓаат со брод од Турција до грчките острови во близина на турскиот брег од една страна и по копно преку реката Еврос (нам позната како Марица). Во Грција во моментов има над милион такви луѓе. Карактеристично е што доаѓаат без документи и со тоа ја оневозможуваат депортацијата во матичната земја. Дополнително, има многу имигранти од земјите од поранешниот источен блок кои по влезот во ЕУ ги користат поволностите и можноста да живеат во Грција. Во текот на летото има банди од околните земји кои ја користат големата гужва и ограбуваат туристи. Во текот на летото, наместо 11.000.000 жители на Грција, многукратно повеќе луѓе остануваат во земјата. Тогаш полицијата едноставно нема капацитет да покрие сообраќајни несреќи, кражби и илегални мигранти. Затоа мораме со сопствена будност да ја сведеме можноста за кражба на минимум.
Сега, што се однесува до учтивоста во туристичките области, треба да имате на ум дека многу луѓе кои се таму во сите видови туризам не се само Грци. Во последно време се’ почесто се случува среде Грција понекогаш да морам да нарачам пијалок или оброк на англиски, а не на грчки јазик.
Во однос на новите построги регулативи кои започнаа оваа година со симнување на регистарските таблички, морам да признаам дека како некој што живее во Грција, искрено го поздравувам овој потег. Има луѓе на кои не им е проблем да ја платат казната и да одат во возење или паркирање каде што ќе им текне. Со вадењето на табличките покрај плаќањето казна, ваквите возачи ја губат можноста да продолжат со востановената практика. За нас во Грција, повторувањето на ваквите прекршоци доведува до трајно одземање на возачката дозвола. Затоа, ова правило не е воведено поради туристите, туку за да се намали процентот на сообраќајни несреќи во земјава. Некои пишуваат дека не ги вадат грчките таблички, а јас одговорно тврдам дека тоа е неточно. Ги отстрануваат сите без исклучок. Ќе го спомнам островот Родос како пример. Додека траеја страшните пожари, никој не настрада или не беше повреден. Поради ограничувањата за возење на островот немало сообраќајни незгоди. Сега кога се’ се смири, повторно ги читам дневните извештаи за сообраќајот на островот. Затоа, драги членови на оваа група, бидете внимателни бидејќи превенцијата е секогаш подобра од санирањето на штетите. Поздрав до сите и до оние кои се на одмор ви посакувам пријатен одмор без проблеми.”

Photo: Militiadis Fragkidis from Unsplash.com

Текстот може да го прочитате ТУКА.