Photo: Sabina Kirilovski

За Велигден оваа година, се договоривме со сопругот да отпатуваме во Италија на едно поинакво авантуристички доживување – посета на Тоскана, Италија. Освен во Фиренца, не сум била на ниту едно друго место во Тоскана, а Cinque Terre ми беше запишано како дестинација во мојот патувачки дневник од пред неколку години.

Патувањето ни беше организирано со автобус и прилично долго. По скоро 24 часа, конечно стигнавме во Монтекатини. Откако се освеживме и одморивме во хотелот, тргнавме во истражување на Тоскана со прво место на листата за посета Liguria – Cinque Terre.

Photo: Sabina Kirilovski

Лигуриа (Liguria) е една од дваесетте региони во Италија и е поделена на четири провинции – Џенова (Genoa), Ла Специа (La Spezia), Савона (Savona) и Империа (Imperia). Најголемиот град во источна Лигириа е Ла Специа со околу 92.000 жители од каде може многу лесно да се стигне до главните италијански градови како Милано, Пиза, Торино и Парма.

Photo: Sabina Kirilovski

Петте гратчиња на Чинкве Тере (Cinque Terre) – Riomaggiore, Manarola, Corniglia, Vernazza и Monterosso се групирани во три општини во La Spezia: Monterosso, Vernazza и Riomaggiore. Вкупната популација е околу 5.000 која драстично се зголемува за време на летото. Природата која ги опкружува е една од најубавите во Италија. Таа содржи  разновидни растителни видови на флора и фауна, културни, рурални и морепловни традиции. Поради специфичната природа се декларирани како UNESCO Светско наследство во 1997. Денес во Чинкве Тере доаѓаат посетители од целиот свет во потрага на древната фасцинација која се нуди, нурнати во прекрасен пејсаж, извајан од човековата рака низ вековите.

Photo: Sabina Kirilovski

Жителите на Чинкве Тере водат мирен и спокоен живот во контакт со природата, но се соочуваат со одредени комплицирани движења и одржувања на објектите кои се изградени на стрмен рид. Поради невозможната патна мрежа, жителите и посетителите се принудени да патуваат со воз од едно до друго место. Доколку треба да отидат до некоe од земјоделските полиња или фарми, кои се наоѓаат високо на ридовите, одат пешки искачувајќи се по стрмни скали. Постојат и автобуски линии со кои може да се стигне до Riomaggiore и Manarola, користејќи го крајбрежниот пат, во којшто може да се ужива во преубавата панорама што ја нудат овие два града.

Photo: Sabina Kirilovski

За сите љубители на морска храна и вкусно вино, овој дел на Италија е полн погодок. Најпознати винови лози се Bosco, Albarola и Vermentino, од кои се добива бело вино,а најпознатото традиционално вино од Чинкве Тере е Sciaccetra. Друг популарен производ е маслиновото масло кое се произведува од дрва стари и по стотини години. Исто така, познати се и по производството на лимони, од кои се прават сокови, ликери и органска козметика.

Photo: Sabina Kirilovski

Традиционалните јадења им се всушност многу едноставни со риба и зеленчук. Аншоата од Monterosso (ситна риба) е многу позната. Tипично за Liguria е пестото – зелен сос направен од мелени листови од нане, маслиново масло, сирење, сол и лук. На секое ќоше може да се почувствува мирисот на штотуку испечената focaccia – мек, спласнат леб направен од брашно, вода, сол, квасец и маслоново масло. Како и во секое приморско место, така и во Чинкве Тере морската храна е највкусното нешто што може да се проба, без разлика како е подготвено. Најпознатото јадење е capon magro – античко традиционално јадење со риба и многу зеленчук.

Photo: Sabina Kirilovski

Станица бр.1 Riomaggiore

По помалку од 5-минутно возење со брзиот воз од главната железничка станица во La Spezia, првата станица е Riomaggiore, град кои постои од 13 век.

Riomaggiore е старо шармантно градче, вгнездено во мала долина, покриена со лозови насади. Името го добил од rio (поток) кој тече под карпите, излегува на малата плажа и се влева во морето.

Photo: Sabina Kirilovski

Градот се карактеризира со високи, згради со разнобојни фасади, залепени една до друга, кои имаат прекрасни цветни тераси, тесни патчиња, стрмни угорници и алтернативни мали скалички од камења. Малата плажичка и чистото тиркизно море го прават Riomaggiore идеално место за релаксирачки одмор. Во гратчето, главна црква e S. Giovanni Battista, изградена во 14 век. Два часа беа доволни да се видат шармантните куќички и да се ужива во хоризонтот кој буквално остава без здив.

Photo: Sabina Kirilovski

Станица 2 – Manarola

Manarola е изграден на брегот од потокот Rio Groppo, кој се уште тече под главните улици Via Discovolo и Via Birolli. Потеклото на името се уште не е утврдено. Некои тврдат дека доаѓа од латинското Magna Roea – што значи големо тркало. Во центарот на гратчето се уште има огромна античка воденица.

Photo: Sabina Kirilovski

Главна црква е San Lorenzo, која се издигнува над куќите. Изградена е во уникатен готски стил во 1338, каде што користеле локални камења. Подоле од црквата се наоѓа плоштад, кој е посветен на Dario Capellini, партизан кој подоцна станал провинциски администратор.

Photo: Sabina Kirilovski

Тука може да се ужива со восхитување на мозаичните тротоари декорирани со морски риби и галеби. Интересна работа е тоа што плоштадот е изграден врз тунелот каде што поминуваат возовите и често може да се почувствува тресење. Малку подоле е пристаништето, каде што може да се ужива во малите бротчиња исковани во карпите, како и во брановидното море.

Photo: Sabina Kirilovski

Едно од поубавите места за фотографирање на буквално целиот остров од страна на морето е тесното шеталиште Punta Buonfiglio, изградено во карпата, каде може комплетно да се ужива и да се направат најфасцинантните фотографии. Инаку, најголемиот број на фотографии од Интернет се всушност направени на ова место.

Photo: Sabina Kirilovski

Доколку се искачите малку погоре на карпата, оддалеку може да се видат и Corniglia и Monterosso. Една од поубавите вечери во Monterosso, која сите локалци ја зборат и препорачуваат да се биде тука, е ноќта на San Lorenzo или “ноќта на паднатите ѕвезди,” која се прославува на 10 август со поворка која е долга од црквата па се до морето.

Станица бр. 3 – Vernazza

Vernaza е најмалото гратче и според локалците и најстарото и се претпоставува дека е изградено во 1080 година. Шетајќи по главната улица, се’ уште можат да се видат остатоци од минатото. Vernazza е исто така изграденa врз поток, кој се влева директно во морето. Симнувајќи се надоле по скалите, на ѕидот од левата страна има огромен панел со слики од катастрофалната поплава која го има поплавено градчето во 2011 година. По ѕидовите се уште може да се види мувла, која потсетува на таа природна катастрофа.

Photo: Sabina Kirilovski

Шетајќи по главната улица, се стигнува до пристаништето, каде што може да се ужива во најсликовитиот поглед – Piazza Marconi. Од десната страна, е прекрасната главна црква Santa Margherita di Antiochia, која е изградена во 1318 година.

Photo: Sabina Kirilovski

Дента кога бевме таму, морето беше многу брановидно. Не’ предупредија да не се приближуваме премногу до морето, бидејќи може да се излее на шеталиштето.

Станица 4: Monterosso

По 5 минутно возење со брзиот воз, стигнавме на нашата последна станица – Monterosso, коe е и најголемото гратче во Чинкве Тере и располага со најголем број на сместувачки легла.

Photo: Sabina Kirilovski

Првиот впечаток по симнувањето по скалите беше воодушевувачки – главна улица и надоле долга песочна плажа и брановидното море!  Monterosso многу малку наликува на другите гратчиња. Градот е поделен на два дела – нов и стар и е означен со средовековната кула на Аурора. Новиот дел кој се вика Fegina е на десната страна откако ќе се симнете од железничката станица и тука се наоѓа плажата и многубројните хотели. Fegina доминира со голема статуа, изградена на почетокот на 20 от век, покрај терасата на локалната вила, висока 14 метри, каде што е претставен Нептун – античкиот бог на морето. Оваа статуа денес претставува симболот на Monterosso.

Photo: Sabina Kirilovski

Стариот дел е од левата страна на главната улица и се стигнува по некои десетина минути пешачење покрај морето и по излегувањето од тунелот. Во стариот дел можат да се видат многу рушевини од некогашни замоци. Овој дел е преполн со продавници за сувенири и ресторани.

Photo: Sabina Kirilovski

Главната црква во Monterosso е San Giovanni Batista, изградена во 13 век, која се истакнува со интересна фасада – една од поуникатните што сум ги видела досега и е во две бои – бел и црн мермер.

Photo: Sabina Kirilovski

Како и на секоја станица, така и на оваа не пропуштивме да се одмориме и напиеме еспресо на италијански начин, како и да ги пробаме локалните морски специјалитети, со чаша бело вино или Аперол шприц – италијански ликер аперитив, кој се подготвува во висока чаша со мраз, кришка од портокал, пенливо вино и малку газирана вода.

Photo: Sabina Kirilovski

Морам да признаам дека Италија ми е една од најпосетуваните земји, а и една од најомилените, па ја посетувам секогаш кога сум во можност и досега ниту едно италијанско место не ме разочарало.

Cinque Terre – Благодарам на гостопримството! Saluti Cinque Terre!

Автор на текст и фотографии: Сабина Кириловски  @sabinna_kirilovski

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон