Поглед на Бангкок од 84 кат на Бајоке облакодер.

Далечна, но одамна посакувана дестинација.  Во денешно време далечината е само бројка, која лесно и брзо се совладува со авион, а патот до Бангкок го скратувам со неопходни информации и мапи за градот превземени од интернет, трудејќи се да запомнам неколку најосновни зборчиња на Тајландски јазик, како : Добар ден, Благодарам, Довидување – за соодветно да одговорам на надалеку познатата љубезност  на Тајланѓаните.

Тајланд е единствена азиска земја која никогаш не била колонија. Државата ја води Воена Хунта која е на власт од 2014 година, а Тајланд е монархија со кралска династија, каде до пред неколку месеци, беше повеќе од половина век на власт Рама IX, кој го наследи неговиот ексцентричен син – Принцот Маха Ваџиралонгкорн, за чие владеење Тајланѓаните не се многу оптимистички настроени, иако монархот нема никава политичка моќ, но населението во кралот гледа фактор на обединување на државата.  Сфаќајќи дека некогашните големи светски сили Британија и Холандија сакаат да стигнат до Тајландското богатство, Тајанѓаните изиграле многу паметно со спогодба за слободна трговија и така го избегнале губењето на суверенитетот. Нивната вештина за политика и одлично одбирање на сојузници, ја покажале и после Втората Светска војна кога станале партнери со Соединетите Американски Држави, а благодарение на тоа пријателство, во Тајланд пристигнале инвестиции кои добро ги искористиле и станале една од најразвиените земји во Азија и рекордери во извоз на техничка роба, ориз и облека.

Авионот лета и ги менува временските зони, за конечно да го допре тлото на Бангкок. И, азиската авантура може да започне.

Првиот впечаток за Бангкок е при возењето од аеродромот до хотелот, каде не може да се избегне гужвата во сообраќајот и во очи впаѓаат стотина кабли за електрична енергија кои се развлечени на бандери паралелно со улиците.  Тоа е така изведено , бидејќи каблите за струја не смеат да се стават под земја, бидејќи во период на монсунски дождови се случува некои делови од Бангкок да бидат поплавени. Бангкок е познат и како Азиска Венеција или Венеција на Истокот. Градот е подигнат на брегот на реката Чао Прај, недалеку од нејзиното слевање во Тајландскиот залив. Бангкок е на само  2 метри надморска височина и има мочварско тло, а неговите жители со векови го претварале ова тло во тло погодно за живот, во што несомнено и успеале, за денес да брои околу 7 милиони жители.  Автомобилот во движење одминува многу тезги со ефтина храна. На тротоарите на улиците има тезги на кои се продава пржено и печено месо, зеленчук и овошје. Погледот ми го привлекуваат и безброј светлечки реклами од ресторани, продавници за се и сешто и големи трговски центри. “Тук-тук” такси возила  распоредени по краевите на улиците, чекаат туристи за да ги повозат до некоја туристичка атракција во градот. Пред мене се отвара урбана џунгла.

Градот на храмовите во Бангкок

Бангкок е дом на 400 храмови, а делот каде се сместени храмовите во Бангкок, уште познат и како “Градот на храмовите”, завзема една петтина од вкупната површина на Бангкок. Градот на храмовите со кралската палата го изградил кралот Рам I околу 1785 година.  95% од Тајланѓаните се Будисти, 4,6% се муслимани, а  0,75 % се Христијани. Влезот во некои од храмовите е бесплатен,а таму каде што се наплаќа ,парите од влезниците се наменети за хуманитарни цели.  При посета на храмовите, посетителите мора да ги остават чевлите на влезот на храмот, низ храмот се шета бос. Исто така, облеката треба да го покрива целото тело – долги панталони или долго здолниште и покриени рамена. Пред влезот на секој храм може да се изнајми наметка и непречено да се влезе во храмот.

Најпознати и најубави храмови кои се издвојуваат за посета се:

Храмот Ват Арун (Wat Arun)

Храмот Ват Арун или Храм на Зората името го има добиено по Хинду Богот Арун – Заштитник на зората, а изграден е во XVIII век. Претставува цел комплекс од храмови, составен од мали и поголеми храмови, кули,капели, испреплетени во лавиринт низ кој се шета покрај 49 статуи на Буда и галерија со 394 слики од Буда. Главната пагода е висока 79 метри и има уште 4 помали. Впечатливи се и 33 статуи на слонови, како и главна статуа на Буда,а комплексот го чуваат статуи на Кинески стражари.

Храмот Ват По (Wat Po)

Храмот Ват По или попознат како Храмот на лежечкиот Буда е спектакуларен храм во кој е сместена најголемата статуа на лежечки Буда, долга 46 метри и висока 15 метри! Овој храм е најголем и најстар, изграден во XII век.  Статуата е импозантна, огромна и ми го опфаќа целиот видокруг, а златото ми ги заслепува очите. Не постои добар агол од кој може да се фати со поглед  целата статуа. Лежечкиот Буда е прекриен со златни ленти во комбинација со бисери и седеф. Огромните стапала на Буда се покриени со цртежи од 550 реинкарнации на Буда додека стигнал до нирвана состојба. Околу статуата има 101 метален сад, за кои постои верување дека ако барем во еден од садовите фрлите паричка, некоја желба ќе ви се оствари или ако ништо друго – барем ќе ви се подобри кармата.

Храмот на Златниот Буда ( Wat Trai Mit)

Храмот Ват Траи Мит или многу попознат како храмот на Златниот Буда , не е изграден многу одамна, но е познат по статуата на Златниот Буда која е изработена од чисто злато и тешка е  5,5 тона, а висока околу 3 метра. Интересна е приказната за оваа статуа: Во 50-тите години на минатиот век било одлучено една од гипсаните статуи на Буда кои се наоѓале во Храмот Ват Траи Мит да биде пренесена во друг храм во северниот дел на земјата, но при товарење на статуата за нејзин транспорт, била оштетена и под слојот на гипсот се појавило чисто злато. Потоа е откриено дека златната статуа била покриена со гипс пред два века за да ја заштитат од заплеменување од страна на Бурманците. Во храмот сеуште се чуваат остатоци од гипсениот слој. И во овој храм ,исто како и во претходните , влегов боса и со наметка, а на влезот на храмот може да се купи венец исплетен од свежи цветови кој се положува пред статуата на Златниот Буда.

Храмот од мермер ( Wat Benchamabophit)

Изграден во 1899 година од бел мермер , овој храм е еден од најубавите храмови во Тајланд, а во неговиот изглед се помешани тајландскиот етницитет и напредната Европа. Блесокот од белата мермерна фасада на хранот Храмот го чуваат два мермерни лава кои се сместени во влезната партија.  Во центарот на внатрешниот простор се наоѓа златна статуа на Буда, а по должина на ѕидовите наредени се 52 статуи кои ги прикажуваат фазите на формирањето на будизмот.

Храмот на Смарагдниот Буда (Wat Phra Kaew)

Изграден е 1782 година со цел да се зачува многу важна света реликвија – скулптура на Смарагден Буда, долга 66 см, која има најважна улога во верскиот живот на Тајланд. Скулптурата претставува Буда седнат на престол во лотос положба, целата изработена од едно единствено парче жад. Во текот на годината, за различни верски пригоди, Смарагдниот Буда три пати годишно го  облекуваат во златна облека.

Правила за почитување на Буда

При влезот на секој храм ,наидовме на брошура со совети за почитување на Буда,каде љубезно се замолува Буда да не се третира лошо:

  • Ликот и телото на Буда не треба да се поставува (принта/наслика) на под и да се гази врз него.
  • Апликација од Буда не треба да се печати на облека и обувки.
  • Слика од Буда не треба да се тетовира по тело.
  • Буда не е мебел или декорација и не треба да се користи за таква намена.
  • Името Буда не треба да се користи како име за домашен миленик или име на кафе- бар, ресторан, хотел и сл.
  • Скулптура на Буда не треба да се оштетува, да се гази или да се седнува врз неа.

Пловечки маркет – Damnernsaduak

Уште едно несекојдневно искуство во Бангкок – пловечки маркет, најверојатно е најнеобичниот маркет кој сум го посетила до сега. Има повеќе пловечки маркети во близина на Бангкок, но вработените во хотелот каде престојувавме не’ советуваа да го посетиме најголемиот од сите нив – Damnernsaduak, лоциран на околу саат и половина возење од Бангкок, а за превозот не моравме многу да мислиме, бидејќи од хотелот се понудија да не’ однесат до таму и назад. Нетрпеливо се возевме тие саат и половина низ сообраќајниот метеж, спремни да видиме дали маркетот со причина е една од работите кои не смеат да се пропуштат кога сте во Бангкок.

Пловечкиот маркет е составен од многу водени канали од чии страни се наоѓаат бетонски платформи изградени на колци, на кои има наредено тезги кои нудат свежо овошје и зеленчук, како и сувенири и традиционални конусовидни шапки од трска.  Низ каналите се возиме во дрвен чун со мотор, а возачот забавува до секоја тезга и остава простор да разгледаме што се нуди. Ценкањето е неизбежно овде,впрочем како и низ цел Бангкок и Тајланд, а освен статични тезги има и чамци-тезги кои не’ пресретнуваат преполни со свежа и вкусна храна. Не’ пресретнува чамец со најразновидни капи,шешири,шапки. Пробувам традиционална конусовидна шапка, која воопшто не е скапа, а е драгоцен спомен. Се отпоздравуваме со чамци со туристи кои не’ одминуваат во спротивен правец, уживајќи во моментот. Како и на секое останато интересни место во светов , и тука во себе водам борба дали комплетно да се препуштам на уживање во моментот или да се фатам за фотоапаратот и бесконечно да шкрапам, обидувајќи се да го зачувам секое делче во фото меморијата. Впрочем, фотографиите многу подобро го доловуваат маркетот, отколку сите овде напишани зборови. Уживање е возењето низ каналите, пејзажот кој се отвара од двете страни на чамецот го одзема здивот. Прекрасна зелена природа, палми со банани и кокосови ореви, а во таа џунгла има и дрвени куќички на луѓето кои работат и живеат во пловечкиов маркет. Повеќето од куќите се мали и изгледаат прилично бедно и навистина е чудно како некој воопшто може да живее во такви услови,а сепак да е среќен.

Тајланѓаните се најверојатно најгостопримливите  луѓе на светов, сериозно – заборавете на нашата македонска гостопримливост, Тајланѓаните дефинитивно не’ надминуваат! Попозитивен народ од нив сеуште не сум сретнала. И не мислам на богатите Тајланѓани, туку на средната и ниската класа – сопственици на ресторани, келнери, персонал во хотел, таксисти, улични продавачи и продавачи во маркет. Не сретнав ниту еден Тајланѓанец кој зрачеше со негативна енергија.

Панорамата на Бангкок е полна со облакодери со убава архитектура, а погледот од височина на градот може да се доживее во видиковците кои се наоѓаат на највисоките катови од облакодерите. Најчесто на највисоките катови од облакодерите има барови (sky bars) од каде може да се ужива во панорамата на градот и сите барови изгледаат одлично и супер модерно и тешко е да се одлучиме кој облакодер да го посетиме. Сепак,преовладува архитектонската професионална деформација и изборот паѓа на највисокиот хотел во Бангкок, воедно и највисока зграда во Тајланд – Бајоке хотел.  ( Baiyoke Tower II).  Највисоката зграда во Тајланд ( се’ до отварањето на облакодерот Maha Nakhon во Октомври 2016), е висока 328 метри, распоредени на 84 ката, а зафаќа вкупна површина од 179.400 м² или вкупно 673 соби. Изградбата на Бајоке облакодерот започнала во 1990 година, а била завршена во 1997 година, како замислен проект од страна на Khun Panlert Baiyoke во доцните 80-ти години од минатиот век. Во објектот се вградени 60.000 м³ бетон, а темелите се вкопани 50 метри под нивото на теренот. Кога завршила изградбата, Бајоке облакодерот во 1997 год. била највисоката армирано- бетонска кула во светот, а бетонот се пумпал на висина од 300 метри со користење на Putzmeister пумпа –  пумпа со која претходно бил поставен светски рекорд во високо пумпање на бетон, на висина од 532 метри за време на изградба на брана на Riva dil Garda во Италија.  Проценета вредност на Бајоке е 3,4 милијарди бахти. (Тајландска валута).

Од 84-тиот кат на Бајоке целиот Бангкок е на дланка. Не е највисок кат на кој може да се искачите, бидејќи не го надминува 124-от кат на “Бурџ Калифа” во Дубаи (која моментално го држи рекордот на највисока зграда во светот), но секако е  спектакуларен поглед кој не треба да се пропушти. Се гледаат кровови на пониски облакодери, чија височина исто така не е за занемарување. Нивната архитектура е убава и ненаметлива. Од горе, погледот на Бангкок покажува убаво урбанистичко решение, каде не е занемарено и зеленилото, градот е голем и функционален. А, сето ова се впива со свеж пијалок, послужен во ресторанот на 320 метри височина. Градот оправдано е светска метропола.

Бангкок – шарен свет на контрадикторности: премногу богати и премногу сиромашни квартови, луксузни шопинг центри и улица на проститутките, модерни ресторани и улични тезги со храна. Бангкок, бејби!

 

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон