Несомнено туризмот во нашата соседна држава Албанија е во голем подем, а за тоа придонесува и изградбата на нови, модерни капацитети за сместување на туристи. Еден таков модерен, луксузен ресорт е Кеп Мерли.
Кеп Мерли се наоѓа на брегот на Јонското море, помеѓу градовите Ксамил и Саранда, на оддалеченост од само 6 км од Ксамил. Дел од ресортот за гости е отворен од летото 2020 година, додека пак се очекува сите предвидени објекти да бидат завршени во 2024 година.
Луксузниот ресорт се протега на површина од 28 хектари, каде се изградени вили со модерен архитектонски израз – чисти фасади со прозорци до под и отворени простори, а акцент е ставен на пејзажот и погледот кој се нуди кон тиркизното море. Предвидено е да се изградат вкупно 63 луксузни вили за продажба, изградени по највисоки стандарди за градба и дизајн.
Моментално на плажата на Кеп Мерли може да влезат и гости кои не престојуваат во овој ресорт, но влезот и лежалките се наплаќаат.
Ова е уште еден од многуте проекти кои Албанија ќе ја стават на светската туристичка мапа, заедно со брзиот раст на популарност меѓу патниците и пристапните цени на туристичките услуги.