Како голем љубител на животните и од мала израсната со многу домашни миленици, желба ми беше барем еднаш во животот да отидам на сафари во Африка. Желбата ми стана реалност кога добив покана за посета на пријатели во Јужна Афика и на среќата и’ немаше крај. Бидејќи деновите во Јужна Африка ми беа избројани и распоредот набиен за да ги видам сите знаменитости, се одлучивме за сафари во близина на Јоханесбург, каде што бевме сместени, а воедно и не е маларично подрачје (што е реткост за сафари парковите), па немавме потреба од претходно консумирање на лекарства за маларија.
Pilanesberg National Park е местото каде решивме да одиме на сафари. Оддалечен е на само околу три часа возење од Јоханесбург, зафаќа површина од 550 км2, со 205 км долги патеки за возење – следење и набљудување на животните. Pilanesberg е четврт по големина сафари парк во Јужна Африка и може да се пофали со големата петорка позната како Big 5. Big 5 се петте животни кои за ловците во Африка биле најтешки за ловење, а тоа се: лав, леопард, носорог, слон и бафало. Сега овие пет животни се предизвик за секој посетител на сафари, да има доволно среќа да ги види.
Паркот содржи два кампа за одмор, седум комерцијални одмаралишта за туристи – уредени во автентичен,афрички сафари стил, шест места за пикник и осум места за скриено набљудување на животните. Низ паркот може да се движите со водич, со нивно возило или со ваше возило. Максимална брзина која е дозволена за движење низ паркот е 40 км/час. Се препорачува да возите и многу поспоро од ова, за да може да уживате во целокупното искуство. Се вози исклучиво по обележани патеки, не е дозволено да скршнувате од патот за да ги видите од поблиску животните. За да го фатиме секој момент овде, ние не поминувавме по повеќе од 20 км за еден час, како што и беше напишано во препораките во брошурата. Овде важи правилото: Застани, гледај и слушај.
Се препорачува со разгледување да започнете рано наутро со појавата на првите зраци светлина, потоа да се вратите во кампот на освежување на пладне – кога е најжешкиот дел од денот и потоа да продолжите да трагате по животните доцна попладне. Освен гепардот, повеќето предатори се претежно активни ноќно време и главно се забележуваат рано наутро.
Кога влеговме во комплексот, при купување на картите, ни дадоа и брошура-водич за паркот која ги содржи сите потребни информации, како: мапа на целиот парк, историјат за местото, опис на природната вегетација, листа на сите животни и птици кои може да ги сретнеме, правила на однесување во паркот, како и список на потребни работи кои треба да ги имаме со нас пред да ја почнеме прошетката низ паркот. Работи без кои не треба да влезете во возилото за сафари се: апарат/камера за фотографирање/снимање, двоглед, доволно гориво во автомобилот, вода или други пијалоци, полна корпа за пикник, кеса за отпадоци и книга/брошура со референци за животни и растенија.
Прекрасно е чувството кога ги гледате животните во нивната природна средина, наместо помеѓу решетки во зоолошки градини. А, тука во Pilanesberg и да не те послужи среќата , сепак ќе видиш доволен број од нив, бидејќи паркот брои околу 7.000 животни и 360 видови на птици.
Паркот го посетивме во сезона, во Април – сува сезона, па имавме среќа да ги видиме Big 5 и уште многу други животни. Некои од животните беа во наша непосредна близина, некои дури и ни го пресекуваа патот – на наше големо воодушевување, а некои пак беа на прилично голема оддалеченост од нас, па се натпреварувавме кој прв ќе забележи животно во далечината. Имавме блиска средба со фамилија на слонови, кои беа малку нервозни заради тоа што имаа малечки, па не беа многу пријателски расположени. Секако, не е дозволено излегување од возилото и секаков непромислен потег е на лична одговорност.
Животните овде се во нивната природна средина, не се тренирани, ниту дресирани и никој не ви гарантира дека нема да ве нападнат, затоа треба да се почитуваат сите правила кои ќе ви бидат посочени. Не е дозволено ниту нивно допирање и хранење, доволно е да им се восхитувате од пропишаното растојание, иако некои од животните се љубопитни па може да се доближат до возилото и да ви овозможат момент на гледање “очи во очи”, кој тешко дека ќе ви се повтори некогаш.
Ова доживување е задолжително за секој љубител на животните, воопшто и за секој човек на земјава. Да сфатиме дека ние луѓето не сме апсолутни господари на оваа планета и дека без животинскиот свет, кој секојдневно се повеќе и повеќе го уништуваме, нема да не’ има и нас.
А, јас… верувам дека ова нема да остане моја прва и последна посета на сафари парк.
Pilanesberg National Park може да се пофали и со неодамнешните резултати од анкети спроведени од страна на Туристичкиот Одбор во Јужна Африка – според кои е прогласен за најпопуларен сафари парк во државата. За ова несомнено придонесува и неговата близина до најголемиот град Јоханесбург, како и непосредната близина до Сан Сити – атракцијата со луксузни хотели, која исто така не треба да се заобиколи кога сте во Јужна Африка.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
За Сан Сити – Неверојатниот рај од луксуз и кич може да прочитате на следниот линк: