Островот Кипар – не е Грција, но како да сте во Грција, потсетува на Грција, но и не баш, има многу туристи во летниот период исто како во Грција, но не се истите туристи, тука најчести туристи се Руси, Скандинавци и Британци. Остров поделен на две држави, откако пред 10 години го посетив турскиот дел на островот, оваа година на ред за посета дојде кипарскиот дел, па:
Не двоумете се да го посетите Кипар, а ако сакате да уживате на најубавите плажи на островот, во тиркизно море и во квалитетен, разновиден ноќен живот – тогаш сместете се во напознатото место за летување – Аја Напа.
Аја Напа е живо место, популарна туристичка дестинација сместена на југоисточниот брег на Кипар, а името го добила по Света Напа, која е заштитничка на градот. Од 70-тите години на минатиот век, од мирно рибарско место, Аја Напа станува најпосетена дестинација на островот. Денес изобилува со модерни хотели и други видови на сместувачки капацитети, продавници за се’ и сешто (и да пристигнете без куфер – овде може се што ви треба да си купите, буквално ништо не недостасува), огромен број на ресторани со разновидни кујни (грчка, италијанска, азиска, мексиканска…), кафе барови, популарни барови на плажи, ноќни клубови – па тука секој посетител може да си пронајде свое омилено место.
Плажите се со ситен песок, а водата чиста, тиркизна и топла како ретко каде на друго место. Лежалки и чадори за Сонце има поставено општината и сегде се со иста цена (оваа сезона цените беа: 2,5 евра за лежалка и 2,5 евра за чадор, плус со фискалната сметка добивате и код за wi-fi интернет), а баровите на плажа исто така имаат поставено своја опрема, но тие лежалки се подалеку од морето за разлика од општинските (и секако – поскапи).
Во Аја Напа дури 14 плажи се одликувани со “Сино знаме”, па навистина нема да згрешите која плажа и да ја посетите, а најпопуларна (во Аја Напа и на целиот Кипар) е плажата Ниси. Ниси е плитка лагуна со кристално чиста, тиркизна вода, од каде со пешачење може да стигнете до многу мало, ненаселено островче, од каде има убав, панорамски поглед на целиот Ниси залив.
Плажата се наоѓа на 3 километри од центарот на градот и до таму може да стигнете со градски превоз, такси, рент а кар или пак да се сместите во некој од хотелите кои се наоѓаат на Ниси. Оваа плажа е најпопуларна меѓу младите туристи заради целодневни забави со диџеи кои имаат различен репертоар, а една од најпопуларните забави е пена забавата.
Освен Ниси, други познати плажи се: Makronissos, Landa, Vathia Gonia, Pantachou, а за да уживате на која било од нив, најдобар период за посета е од мај до крај на октомври, со тоа што јули и август се најтопли месеци, па ако не можете да поднесете високи температури, тогаш отидете на Кипар во јуни, септември или на крај на сезоната – октомври. Во мај, септември и октомври има и помал број на туристи, па може да уживате во помирна атмосфера на Аја Напа.
По најфрекфентното место во Аја Напа – булеварот Ниси, кој е со должина од околу 5 километри, и долж него се сместени многу хотели, ресторани, таверни, барови, пабови, продавници… се стигнува до плоштадот и старото пристаниште, каде се закотвени глисери, чамци, помали бродови – кои нудат дневни тури за крстарење околу островот и party boats, а од новата, модерна марина може да пловите по Медитеранот и со полуксузни јахти, доживување кое не треба да се пропушти:
Аја Напа е позната и како Кипарска Ибица, заради добриот ноќен живот, кој започнува по зајдисонце и трае до утринските часови, до разденување. Па така, забавата може да ја започнете во попладневните часови во некој од баровите на плажа, а да продолжите во бар или ноќен клуб, како на пример “The castle clab” – најголемиот ноќен клуб во Кипар, кој се простира на 5 нивоа. Репертоарот е широк, од популарна грчка забавна музика до најнова електронска музика, од стандардни забави до тематски забави, како ноќи во бело (White nights) со задолжителен дрес код.
Во Аја Напа се наоѓа и WaterWorld – најголем тематски аква парк во Европа, на 80.000м2, кој CNN го има сместено во 12 најдобри аква паркови во светот и има широк асортиман на забавни содржини за сите возрасти. Исто така, вреди да се посетат и: Паркот на скулптурите, Националниот парк Cape Greco, Sea caves и манастирот Аја Напа кој датира од 16-от век.
Од Аја Напа може да го прошетате и останатиот дел на островот, да отидете до главниот град Никозија (кој е едниствен главен град поделен на две држави – Кипар и Турција), Киренија, Лимасол, Ларнака, потоа Пафос и Куриум, како и да го посетите градот на духовите – Фамагуста (кој е отворен за посетители од 2021 година).
Можеби сте забележале дека аранжманите и хотелите на Кипар, а особено во Аја Напа, се за нијанса поскапи од местата кои најчесто се нудат за летен одмор кај нас, како на пример Халкидики во Грција, но имајте во предвид дека ова е остров, а исто така има и голема разлика во сместувачките капацитети, во Аја Напа хотелското сместување со 4 и 5 ѕвезди е без мана, а најчесто хотелите се нови и модерно уредени, исто како и баровите покрај плажа. Одлични хотели, превкусна храна, рајски плажи, љубезни жители и персонал, богат ноќен живот, Аја Напа вреди за сите пари.
Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
За напуштениот град на Кипар – Фамагуста, еден од најпознатите градови на духови, прочитајте:
Фамагуста на Кипар – еден од најпознатите градови на духови, апсурд на политиката и религијата