Photos from Unsplash.com

Масовниот туризам, во последниве години, го уништува квалитетот на живот на жителите на најпосетуваните градови во Европа. Иако масовниот туризам е одличен за економијата на градот и државата, сепак има и голем број на негативни ефекти: зголемување на цените на сместувачките капацитети, повисоки цени во маркетите, како и на недвижностите, оптоварување на урбаната инфраструктура – нефункционалност на јавниот превоз од преоптеретеност, преполни плажи кои некогаш биле мирни одмаралишта страдаат од загадување и ерозија, како и оштетување на значајни културно – историски споменици.

Photos from Unsplash.com

Европски градови и острови кои не сакаат повеќе туристи:

  • Венеција, Италија
  • Барселона, Шпанија
  • Амстердам, Холандија
  • Дубровник, Хрватска
  • Рејкјавик, Исланд
  • Прага, Чешка
  • Париз, Франција
  • Мајорка, Шпанија
  • Чинкве Тере, Италија
  • Санторини, Грција
Photo: Anna N from Unsplash.com

Ова лето во Барселона се одржаа протести за намалување на бројот на туристи во оваа туристичка мека, кој на годишно ниво надминува бројка од 30 милиони.

Во Венеција пак се обидуваат да воспостават ред на посетители со тоа што воведоа такса за влез во градот и забранија да се влечат куфери на тркалца низ центарот, кои произведуваат бука која го ремети мирот на жителите.

Холандија пак, за да се намали бројот на туристи во Амстердам, престана да ја рекламира државата како туристичка дестинација.

Photo: Dawid Tkocz from Unsplash.com

Дали на овие градови ќе им се придружат и други? Потребно е да се изнајде рамнотежа помеѓу економскиот развој и одржливоста – цената за популарноста на дестинацијата да не ја платат нејзините жители и животната средина.

Едно од можните решенија е пренасочување на туристичките дестинации – наместо да ги концентрираат туристите во најпопуларните градови, европските држави започнуваат да промовираат помалку познати региони кои исто така имаат што да понудат. На пример, Португалија започна кампањи за промовирање на руралните области како Алентехо, како потивка и поавтентична алтернатива на популарните Лисабон и Порто.