Искористете некој од викендите пред новогодишните празници за посета на Божиќниот маркет во грчкото гратче Трикала. Трикала се наоѓа во северниот дел на Грција, на оддалеченост од 255 км од граничниот премин Евзони.
Трикала е убав пример како од ништо може да направиш туристичка атракција или поточно – како од стара воденица да направиш Божиќен панаѓур, со сите потребни содржини за анимација и на возрасни и на деца, каде може да се помине еден интересен ден и да се почувствува Божиќната магија.
Божиќниот маркет во Трикала е сместен во и околу напуштена воденица и за првпат е организиран во 2011 година. Секоја година организаторите се трудат да создадат магична атмосфера за секој посетител да се почувствува како дa e дел од бајка. Оваа година тематиката на маркетот е Алиса во земјата на чудата, па реквизитите се ‘излезени’ од таа приказна. Овде, барем за кратко, и возрасните се чувствуваат како деца.
На овој Божиќен маркет уживајте во магијата на новогодишните празници во: куќата на Дедо Мраз, куќата на џуџињата, на самовилите, пробајте слатки работи во слаткарницата и фабриката за чоколади, замислете желба во бунарот на желби, посетете го музејот, поштата и маѓепсаната шума. И секако, за спомен сликајте се со Дедо Мраз.
Тука може да купите новогодишни подароци кои се движат од 2,5 па до 50 евра, а дел од овогодинешните цени на маркетот се: крофна – 4 евра, лижавче – 12 евра, возење со панорамското тркало – 4 евра, слики со Дедо Мраз – 15 евра.
Овој Божиќен маркет може да го посетите со еднодневна викенд тура организирана од страна на некоја од нашите туристички агенции или во сопствена режија.
Уживајте во Божиќната магија!
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон