Ако не ви се патува подолго од неколку часа, а сакате да стигнете на море во Грција, во место кое има содржини за секого по нешто и убави, песочни плажи со чиста морска вода, тогаш дефинитивно треба да ја посетите Неа Каликратија.
Неа Каликратија е оддалечена 120 км од граничниот премин Евзони и само 40 км од Солун, сместена покрај патот кој води до Касандра, првиот крак на Халкидики.
Ова е мал, но жив град, со околу 7.000 постојани жители во текот на целата година, но оваа бројка прилично се зголемува во текот на летната сезона, а најголема гужва има за време на викендите.
Во Неа Каликратија има разновидни содржини, па затоа е идеална за одмор на туристи од секоја возраст – од најмали до најстари, за фамилијарни луѓе со мали деца или тинејџери, за млади или постари парови или за разновидни друштва.
Има голем број на таверни со традиционална грчка храна, пицерии и ресторани за гиро и останата брза храна, слаткарници, кафетерии, градски пазар во центарот на градот каде секогаш има свежо овошје и зеленчук, маркети (има и “Lidl”) и разновидни продавници, а не недостасуваат и амбуланта и аптеки. Во центарот на гратчето има плоштад и мал парк за одмор и муабет во вечерните часови, а за најмалите има забавен парк со реквизити за деца.
Плажите се долги и песочни, со чиста морска вода, опремени со лежалки и чадори, со многубројни, модерни барови и таверни. Лежалките и чадорите на плажите во градот најчесто посебно не се наплаќаат, туку следуваат со порачка на пијалок.
Во beach баровите на сепариња поставени на ситниот песок може да уживате и во вечерните часови, со освежителни коктели во рака, на роматично, пригушено светло од свеќи.
Како најубава и најголема плажа се издвојува плажата “Сахара” – наградена со Сино знаме за чистота, која се наоѓа на оддалеченост од 4 км од Неа Каликратија. На Сахара е најголемиот бар на плажа во Грција, долга е скоро 1 км – 990 метри, има голем паркинг за 1200 возила, а се ужива на ситен песок на 4500 лежалки со 1200 чадори за сонце и секако – бесплатно wi-fi.
Оваа плажа нуди одлична забава за млади, релаксирано уживање покрај море, концерти и организирање на различни приватни настани како: венчавки, крштевки, ергенски и девојачки вечери, деловни состаноци и други видови на прослави. Содржи и детско игралиште, игралиште за одбојка и фудбал, како и реквизити за водени спортови.
Неа Каликратија е идеално место за викенд покрај море или подолг одмор, на кој нема да ви недостасува ништо за релаксирано и исполнето време на убави плажи, прошетки низ гратчето и дегустирање на вкусна храна.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон