Занзибар станува се’ поинтересна и подостапна дестинација за нас, па затоа со Срѓан Бишевац решивме да разговараме токму за ова негово неодамнешно патување. Срѓан е човек кој секое свое слободно време го користи да посети нова интересна, егзотична дестинација, па така на неговата листа на посетени држави во текот на минатата година се и Малдиви и Јордан, а во изминатите години пропатувал и поблиску и подалеку, низ Европа и надвор од неа, како Швајцарија, Израел, Катар…
- Дали патот до Занзибар е долг и напорен? Како и колку долго патуваше?
Секако дека патувањето кон некоја прекуокеанска земја или патување на друг континент е малку напорен и долг пат, но желбата и љубовта да се види нешто ново и неоткриено го занемарува сето тоа. За да стигнам до Занзибар, патував со автомобил од Скопје до Београд и од таму имав лет до Истанбул, па од Истанбул слетавме на Занзибар. Целото мое патување кон Занзибар траеше околу 15 часа, но се исплатеше долгиот и напорен пат.
- Први впечатоци кога стапна на Занзибар?
Toпла и малку влажна клима, која е типична за таквите предели, но јас уживам во неа.
- Кои места ги посети и каде беше сместен?
Бев сместен во Nungwi, тоа е горе на северниот дел на Занзибар. Морам да напоменам и да дадам важна информација, за оние кои сакаат да патуваат во Занзибар, дека Nungwi е место каде што скоро и да нема плима и осека и доколку ја има може да биде максимум до стотина метри и таму застапеноста на маларија скоро и ја нема. Не пиев никави апчиња против маларија затоа што тој дел е безбеден.
Инаку, бев во шумата Јозани, шумата на црвените мајмуни. Го посетив познатиот бар “ТHE Rock” и плажата Паја, потоа плажата Michamwi, Кendwa и уште некoлку други, убави плажи.
Задолжително препорачувам да се посети и Prison island (островот на желките), каде што имаше желки стари и по 200 години
и Stone town – градот каде е роден познатиот пејач Freddie Mercury, a има и уште многу историски моменти кои ги нуди градот.
4. Место во Занзибар кое ти остави најголем впечаток и го издвојуваш како едно од местата кои мора да се видат кога се посетува Занзибар?
Најголем впечаток ми остави Stone town и неговата историја, која на моменти е и жална заради робовите од црната раса.
- Секој кој оди на Зазнибар обавезно остварува средба и кратко дружење со племето Масаи, па дури и посета на локално основно училиште. Па, какви се жителите на Занзибар? Во што е најголемата разлика помеѓу нашиот и нивниот начин на живот?
Масаи луѓето се толку забавни и смешни што секој поминат момент со нив максимално ќе ве расположи. Имаат многу интресна традиција и се’ уште живеат како пред сто години и не сакаат да го променат тој начин на живот.
Основните училишта се доста сиромашни од секој аспект. Голем дел од децата одат и боси, но за нив тоа не претставува никаков проблем. Иако голем дел од населението е доста сиромашно, сепак скоро и да нема човек кој не е насмеан и расположен. Верувам дека пред се’ климата е главен фактор за тоа, но исто така што и самиот народ е научен да живее и со она малку што го имаат и што природата им го дава.
6. Дали имаат слушнато за Македонија и дали знаат по нешто за нас?
Не, дефинитивно немаат слушнато за Македонија и не знаат каде се наоѓа.
7. Какви се плажите на Занзибар? Дали има голема разлика при плима и осека?
Природата на Занзибар и’ дала преубави плажи. Скоро и да нема плажа која нема да ве воодушеви. Северниот дел има многу мала плима и осека, а доле спрема југот плимата и осеката може да биде и по 3 до 4 километри во рок од 2 до 3 часа.
8. Дали ти се допадна локалната храна? Дали се издвојува некое најпопуларно јадење?
За мене лично морската храна е најубава. Секоја нивна морска храна може да биде приготвена на повеќе начини и доколку сте љубител на таква храна – ќе уживате во свежите морски плодови.
- Со оглед на тоа дека Занзибар е маларично подрачје, иако според објавени статистики и извештаи во последните години е многу намален бројот на заразени со маларија, дали имаше проблем од тој аспект и дали препорачуваат секој турист да си превземе одредени заштитни мерки (апчиња за маларија, спреј против комарци, облека со долги ракави и сл.) пред и за време на ова патување?
Nungwi, каде што јас бев сместен, e скоро безопасно. Човекот кој што ни беше водич, кој е од Белград и живее таму веќе 10 години, никогаш не пиел апчиња против маларија. Ние бевме на север а можеби према југ да има, но не можам да бидам 100% сигурен. Доволно е само некој спреј или крем против комарци да понесете. Во текот на мојот престој, само еднаш ме имаше каснато комарец, но не се мачкав воопшто со никакво заштитно средство. Инаку, креветите за спиење се целосно обиколени со мрежи за комарци во хотелот каде што јас бев сместен.
10. Дали Занзибар се скапа дестинација за посета? Какви се цените во споредба со нашите?
Искрен да бидам, за едно вакво патување во времетраење од околу 10 дена, треба да издвоите минимум 1200 евра. Храната и пијалоците се можеби за некои 30 проценти поскапи од кај нас.
- На кого би му препорачал да го посети Занзибар?
На секој оној кој е вљубеник на таква клима, кој сака плажа, Сонце и тиркизна вода, топло го препорачувам Занзибар. Сигурно место за туризам и добри забави по локалните кафулиња и дискотеки.
12. Твоја наредна подалечна дестинација за посета?
Па имам повеќе, но една од следните ќе биде Куба, Мексико или Бразил.
Срѓан, ти благодарам за издвоеното време и за споделените информации со нас, се надевам дека многу луѓе ќе се инспирираат и охрабрат да ја посетат оваа неверојатна, егзотична дестинација.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Срѓан Бишевац
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон