Во многу предели низ нашата земја, природата не ја штедела својата дарежливост, уникатност и разноликост на природни пејсажи, кои ја формираат сликата за убавините на Македонија. Многупати се восхитуваме на убави фотографии на кои се претставени природните убавините на европските или светските дестинации. Тоа често ни создава копнеж за посета на светски дестинации, но при тоа за жал често не ги забележуваме природните убавини кои не’ опкружуваат. Во секое место во Р. Македонија може да издвоите некое езеро, река, село, манастир, кое може да биде прекрасно место за посета во слободно време.
Мој денешен викенд предлог е езерото Сандански. Ова езеро спаѓа во групата на вештачки езера, лоцирано во крајните источни делови на Р.Македонија. Иакo мало според својата површина, тоа претставува скриен бисер и одлично место за викенд прошетка. Факт е дека езерото е слaбо познато за поголемиот број на луѓе, при пишување на овој краток текст не успеав да најдам основни податоци за езерото, што за жал повторно ја потврдува теоријата дека ова езеро нема регионално значење како туристичко-рекреативно место.
Но, радува податокот дека во последниве неколку години се забележува тенденција на зголемување на посетеноста и со сигурурност полека станува популарна дестинација за жителите од Пијанечко-Малешевскиот регион, но и пошироко.
Голема улога во промоција на ова езеро имаат неколку манифестации, како што е планинарска рута која еднаш во годината се практикува на релација Делчево – Сандански, во должина од околу 12 км, и спортските риболовни манифестации во кои учествуваат голем број риболовци од Делчево и пошироко.
Езерото Сандански се наоѓа во непосредна близина на градот Делчево, со кординати 41°56’37.19″N, 22°48’5.16″E , на околу 3 км јужно од Делчево, во близина на реката Брегалница. Езерото има поволна географска положба поради што е лесно пристапно и се наоѓа во непосредна близина на регионалниот пат за градот Берово. Има неправилна елипсовида форма со најголема должина од 205 м, ширина од 145 м и површина од 2 хектари. Бреговата линија му е доста разгранета и долга дури 1100 м. Во езерото се наоѓаат два мали острови и неколку полуострови. Просечната длабочина на езерото изнесува околу 2-3 метри, а максималната е 12 метри.
На патот кон езерото се наоѓаат остатоци од средновековна кула и во чест на таа кула е именуван хотелот кој е наоѓа во нејзина непосредна близина и кој нуди можност за преноќување за посетителите од подалечните места.
Туристичката понуда е збогатена со присуството на манастирот “Свети Ѓорѓија”, кој се наоѓа во близина на ова езерце, во подножјето на питомата Голак планина.
Несомнено ова место е одличен избор за пикник, бидејќи околината на езерото е уредена со: маси, клупи за одмор, патеки, дрвени мостови и мала зоолошка градина во која има голем фонд на животни како: срни, пауни, ноеви, биволи, патки, коњи… Во самото езеро се присутни: крап, клен, амур, бојник, белвица, мрена и лињак.
Сите овие атрибути со кои располага езерото, го прави привлечно место за пикник посета, релаксација и уживање, па затоа одвојте еден ден или викенд за овој скриен бисер во нашата земја.
Автор на текст и фотографии: Дарко Оносимоски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон