Сигурно имате некоја омилена фотографија од плажа која сте ја виделе на Интернет, можеби и сте ја зачувале на Desktop, бидејќи сте помислиле колку е совршена и би сакале повторно да ја погледнете или пак да ја посетите во живо… Шансите на таа фотографија да се наоѓа плажа од Сејшели се 99,9 %, бидејќи најубавите и најфотогеничните плажи во светот се токму на овие рајски острови. При создавањето на оваа планета воопшто не се штедело на распостелување на најубавата природа со најубавите плажи баш на Сејшели.
Откако ги посетив карипските и малдивските плажи, на ред за посета дојдоа Сејшели, острови кои најчесто се посетуваат заради рајските плажи, но и заради ендемичната и колоритна флора и фауна. И не, Сејшели не се исти или слични на Малдиви – ова е едно од прашањата кои најчесто ми го поставуваат откако се вратив од Сејшели, двете островски земји се различни и оригинални на свој начин. Плажите со огромни камења – гранитни карпи ги има само на Сејшели, а се создале милиони години наназад кога се откинале континентите од целокупното копно.
Сејшелските острови се држава во Индискиот океан составена од 115 острови, распространети на површина од 451 квадратни километри, кои се наоѓаат на 1500 километри оддалеченост од копното на Африка. Со помалку од 100.000 жители ова е најмалата држава во Африка, а населението зборува на сејшелски креолски (заснован на францускиот јазик), англиски и француски јазик.
Климата е тропска, со просечна температура од 24 до 33 степени Целзиусови, а најдобар период за посета се месеците: април, мај, oктомври и ноември кога времето е суво, без тропски дождови. (но, климатското затоплување влијае на овие острови и може да имате дождливи денови и во овие месеци, а суви денови во некој од месеците каде би требало да провладува дожд). И, спремете се за многу влажна клима која е карактеристична за тропските дестинации. Јас ги посетив Сејшели од втората половина до крај на месец март и времето во најголем дел беше сончево, суво и топло, само неколкупати заврна тропски дожд, кој не траеше долго, а водата во морето беше претопла, па дождот не беше пречка да се плива и при такви временски услови.
Најголем број од населението се Христијани (89%), а останатиот дел се Хиндуси, Муслимани и Атеисти (2%), тие се мешавина од различни етнички групи кои емигрирале на островите, па населението е мешано со африканско, француско, индиско и кинеско потекло. Од сите 115 острови, населени се само 8, а најголем дел од популацијата живее на островот Махе (90%), потоа на островите Праслин и Ла Диг, кои воедно се и туристички најпосетени сејшелски острови.
Сејшели се мирна и безбедна дестинација за посета, а населението е пријателски расположено и спремни се да ви одговорат на вашите прашања. Просечниот животен век им е 95 години, живеат во една од државите со најчист воздух, бидејќи нема развиена индустрија, а се хранат со свежо заловена риба, морски плодови и локално овошје и зеленчук. Опасни инсекти и опасни животни (како на пр. змии) нема, ќе забележите како над вас надлетува голем лилјак, но е безопасен, тоа е Fruit bat кој се храни само со овошје и не е заинтересиран за интеракција со луѓе. На Сејшели утрата започнуваат со пријатни звуци од птици, кои ако ги видите на дрво ило ви слетаат на тераса, ќе ве воодушеват со својот изглед со јаки, колоритни бои, a и нуркањето е приказна за себе – не пропуштајте да бидете опкружени со корали и риби излезени од цртаниот филм “Немо”.
Мојот пат кон Сејшели започна со лет од Скопје кон Истанбул (лет од час и половина), од каде продолжи директниот лет од Истанбул кон островот Махе на Сејшели. Овој лет трае околу 7 ипол – 8 часа, но возбудата за пристигнување на Сејшели го победи времето поминато во авион, па тие 8 часа ми поминаа како само неколку часа лет, а седиштето покрај прозор беше уште еден плус при овој лет, бидејќи слетавме претпладне и од височините можев да уживам во денска, панорамска глетка на островите.
Веднаш по симнување од авионот, прво нешто кое ќе го почувствувате на Сејшели се топлината и влажниот воздух, а прво што ќе видите се огромни карпи, високо зеленило како џунгла и знамето оптегнато на висок јарбол. Знамето на Сејшели е едно од поколоритните знамиња во светот, а интересно е што го дизајнирал Србин – уметникот Филип Ужице во 1996 година, кога имал само 28 години.
Островот Maхе не е преголем остров, се протега на 157 квадратни метри, долг 26 и широк 17 километри. Патот кон сместувањето во Бо Валон води низ главниот град Викторија – најмалиот главен град во Африка, а до хотелот стигнавме за околу 20-тина минути и конечно уживањето на Сејшели можеше да започне, најпрво со ладна лимонада за “добредојде”, со која не’ пречекаа во хотелот, а веднаш потоа со краток одмор на терасата со поглед кон долгата плажа и океанот, пред да го започнеме вистинското откривање на островот.
На Сејшели се забранети со закон и не постојат приватни плажи завземени од хотели или ресторани, сите плажи се јавни без лежалки и чадори (хотелите свои лежалки и чадори смеат да постават на дел од својот имот веднаш до плажите, но не и на самите плажи), па затоа за посета на секоја плажа треба да си носите свој пешкир и барем едно шише вода.
Бо Балон (Beau Vallon) е место кое најчесто се препорачува за сместување на островот Махе, каде плажата е долга, со ситен бел песок и сенки од палми, топло море со тиркизна боја, а освен убава плажа, ова е туристичко место со шеталишт исполнето со: ресторани, барови, маркети, продавници за сувенири, аптека, тезги со улична храна и со незаборавно зајдисонце.
Рестораните и баровите се отворени до полноќ, но тука речиси и да не постои ноќен живот, освен последниот петок во месецот, кога локалното население зема плата па може да начекате забава со диџеј во некој од локалите, но не очекувате врвна забава, како на пример на Ибица. За моја среќа се погодив на Сејшели во последниот петок од месецот, но тој петок започнуваа католичките велигденски празници и изостана забава, а локалите си работеа стандарно како и секој претходен ден.
За викенди локалното население се собира на паркинг прокрај шеталиштето каде од своите автомобили пуштаат гласна музика на која играат со по некој алкохол во рака. Еден факт кој не е за занемарување и е еден од ретките негативни факти за Сејшели е тоа дека, според објавени статистики, дури 10% од населението на Сејшели се зависници од алкохол и од дрога. При мојата посета на Сејшели немавме никакви проблеми со локалното население, а и од страна на нашиот водич кој веќе неколку месеци престојуваше таму, ни беше напоменато дека нема никаква опасност од прошетки низ градот ни преку ден ни навечер, едноставно локалците се безопасни. Живеат опуштен, бавен живот, каде жената е носечки лик во фамилијата, за разлика од други места во светот, велат дека овде владее матријархат.
Островот Махе не може да се пофали со којзнае какви културно-историски споменици, Сејшели имаат само 250 годишна историја, но во главниот град Викторија постои реплика на британскиот Big Ben и иако оваа реплика е прилично мала во споредба со оригиналот, и е сместена на сред раскрсница, е заштитен знак (и потсетник на Британското владеење) на овој главен град, кој е сочинет само од неколку улици. Часовникот е направен во 1903 година во спомен на кралицата Викторија.
Освен Big Ben, уште една знаменитост на градот е хинду храмот кој ќе ви го привлече вниманието со уникатната, колоритна фасада, а ако сакате да влезете внатре, важи истото правило како и во секој друг хинду храм во светот – соблечете ги обувките и оставете ги на влезот.
Како и во секој друг главен град и овде постои пазар Sir Selwyn – Clarke market, каде на приземје се продава локален свеж зеленчук и овошје, а на катот има продавници за сувенири и облека и каде цените се најповолни за ваков вид на шопинг.
Еден од најпознатите производи на Сејшели е румот Takamaka, чија огромна продавница ќе ве испрати на аеродромот (да ве потсети во случај да сте заборавиле да си купите), па така не сте ги посетиле Сејшели ако не ја посетите дестилеријата за рум која се наоѓа на Махе островот. Посетите на Takamaka дестилеријата се закажуваат претходно и целата посета е убаво организирана со претставување на нејзината работа и раскажување на нејзиниот историјат, како и дегустација на сите видови рум кои моментално ги произведуваат, па има голем избор на рум со вкус на: кокос, ананас, јагода, светол рум, темен рум… По дегустацијата знаете кое шише рум да си го купите и да си го однесете како спомен од оваа посета.
Махе може да го прошетате со изнајмен автомобил, но имајте во предвид дека возат од лева страна, како остаток од тоа што биле Британска колонија, или пак со автобус (со редовна градска линија), такси или со групна тура.
По запознавање со овие знаменитости на островот Махе, време е да се откријат и едни од најубавите плажи на овој остров:
Плажата Petite Anse над која е сместен престижниот хотел Four Season Resort и за да ја посетите оваа плажа треба да поминете пат кој е дел од овој ресорт, каде не влезот ќе ве евидентират дека сте влегле, а потоа пешки или со мало електрично возило (како возилата на голф терените) се пристигнува до плажата. Плажата е во залив со ситен, бел песок, тиркизно море и сенки од палма, нема гужва, но препорачливо е да си фатите место под сенка, бидејќи Сонцето на Сејшели е прилично јако (заради близина на Екваторот), па многу лесно се гори. Не тргнувајте на пат за Сејшели без крем за зашита од Сонце со најмал фактор 50-ка, дури и оние со потемен тен овде можат да изгорат.
Плажата Anse Royal e мала, тесна, но многу живописна плажа, која се наоѓа веднаш до асфалтиран пат, а преку улицата има ресторан каде може да се одморите под поголема сенка. На плажата може да изнајмите и кајак или даска за сурфање, како и да си купите свежо овошје (ананас, банани, манго) или пак едноставно само да уживате и да пливате во топлата, кристално чиста морска вода.
Плажата Anse Solei e една од омилените плажи на посетителите на Махе, бидејќи во близина има и бунгалови за сместување и ресторан од кој се шири убав поглед на целата плажа. Плажата е пространа, како и претходните плажи е со ситен песок, топло, тиркизно море во кое може да пливате со часови, а има и убави, природни сенки од разновидни дрвја.
На плажата Anse Intendance заради силни морски струи и карпи, забрането е влегување и пливање во водата, но сепак туристи ја посетуваат за да се сликаат на неа.
Најблизок остров до Махе е островот Еден, оддалечен 3,5 километри од градот Викторија. Ова е вештачки остров создаден пред 20 години со фондови од Дубаи, каде се изградени луксузни објекти, во кои еден стан чини околу 800.000 евра, а куќа од 1.200 000 евра па нагоре. Островот има мало пристаниште и одделно пристаниште за јахти. Во близна на овој остров има уште еден помал остров на кој се изградени ветерници, од кои се обезбедува електрична енергија.
Како изгледа островот Махе и сите погоре опишани знаменитости и плажи погледнете во видеото:
Но, Сејшели не сте ги посетиле како што треба ако не ги посетите и островите Праслин (Praslin) и Ла Диг (La Digue).
Од Махе до Праслин се стигнува со брз брод за околу час и половина возење и веднаш се забележува разлика – Махе е поурбанизиран остров, а Праслин е џунгла со рајски плажи, иако е втор по големина населен остров на Сејшели. Овде се наоѓа заштитениот парк Valle de Mal каде расте ендемичната палма Coco de Mer, која расте само на Праслин и на островот Curieuse. Името Coco de Mer во превод значи “кокос од море”, име кое на овој плод го дало населението на Малдиви до каде овој плод стигнал по морски пат, носен од брановите и морската струја. Оваа палма има машки и женски стебла, чии плодови личат на полови органи. Плодовите од женската палма може да тeжат и до 25 килограми, што е најголем и најтежок плод на светот, а за да созрее плодот потребни му се околу 6-7 години. Инаку, плодот не се јаде, се користи за изработка на козметика.
Овие палми се загрозен вид, нивниот број во последните 50 години драстично се намалил, па сега постојат околу 1400 стебла кои се под строга контрола и заштита. Ако сакате да купите и да изнесете од границите на Сејшели плод Coco de Mer треба да имате автентичен сертификат за купување, со кој се контролира шверцување и без него може да завршите во затвор. Плодот од женската палма се наоѓа и на печатот кој го ставаат во пасошите при влез и излез од Сејшели и е еден од најуникатните и најинвентивни печати во мојот пасош, покрај печатот од Малдиви (кој е цела композиција од корали, риба, желка, Сонце).
И конечно, посета на една од 10-те најубави плажи во светот, која се наоѓаат на топ листите на најубави плажи на светот составени од најрелевантните туристички сајтови, како Tripadvisor, каде свое мислење за дестинациите даваат посетителите – импресивната плажа Аnse Lazio. Ако повторно ги посетам Сејшели би сакала барем пола од мојот престој да бидам сместена во близина на оваа плажа. Плажата е голема, широка и долга, со бел песок, карактеристичните гранитни карпи и тиркизна вода на морето. Во близина има ресторани, кафе барови и сместувачки капацитети, но плажата не е воопшто преполна, иако е една од најубавите плажи на светот. Атмосферата е опуштена и релаксирана, впрочем како и во најголемиот дел од Сејшели. И замислете, кафе (лате) во бар карши оваа плажа чини само 5 евра.
Од Праслин со брз брод за околу 15-тина минути се стигнува до островот Ла Диг (La Digue) за што можам да кажам дека претставува јаготка на шлагот на ова патување. Овде се наоѓа нејзиното височество – плажата Anse Source de’Argent – најпознатата плажа на Сејшели, која сосема оправдано, исто како и Аnse Lazio, е сместена во најубавите 10 плажи на овој свет, а тоа ви станува јасно уште со првиот чекор кој го правите на неа.
Ова е таа плажа од почетокoт на овој текст, плажата од разгледници, насловни страници и Desktop-и…Рај. Овде гранитните карпи доаѓаат до полн израз, па за да стигнете до плажата треба да поминете неколку ‘тунели’ природно создадени од овие импресивни карпи, пешачејќи по најбел, ситен песок, со по некоја сенка од палма, а на тиркизното море и овде не може да му се одолее. Овде природата е недопрена, а жителите се трудат и така да остане. За комплетно доживување, може да се изнајмат и проѕирни кајаци, а човекот кој ги изнајмува е толку испраксиран за фотографирање и ќе ви направи одлична фотосесија. Постои и бар со ладни пијалоци, вода, коктели, каде цените се прилично високи, но еј – се наоѓате на најубавата плажа во светот! Тука треба само да се ужива.
На Ла Диг живеат само 2000 жители, тој е трет по големина населен остров на Сејшели, после Махе и Праслин, но тука живеат и познатите сејшелски гигантски желки. Овие желки имаат многу долг животен век, над 200 години, па една од желките која ја хранев и погалив беше стара околу 70 години и се’ уште се смета за млада желка.
На овој остров жителите и посетителите се движат пешки или со велосипеди, бидејќи има само мал број автомобили и камиончиња за превоз на туристи од пристаништето до сместувањето и до плажите. Со вакво традиционално камионче пројдовме и низ плантажи на дива ванила и кокоси.
Како изгледаат две од 10-те најубави плажи на светот сместени на островите Праслин и Ла Диг погледнете во видеото:
И на Ла Диг и на останатите острови може да пробате вкусна храна од традиционалната креолска кујна која се базира на риба, морски плодови и салати од зеленчук, а во менијата на рестораните има и кинеска, јапонска храна, како и пици, бургери, клуб сендвичи и сл, значи за сечиј вкус, но секако највкусна им е морската храна.
Од Сејшели не се заминува без сувенири како: чај од ванила и цимет, рум Takamaka, креолски накит, украсни фигури на гигантските желки, садови изработени од кокосов орев, зачини, магнети.
Конечно, навистина е тешко да се доловат Сејшели со зборови, фотографиите и видеата се поверодостоен приказ за нив, а најдобро може да се доживеат ако се посетат. Ги препорачувам за посета на секој кој сака релаксирано патување, хедонизам, тропска клима и уживање на едни од најубавите плажи на овој свет.
Најкратко опишано – Сејшели се Земски рај.
Автор на текст, фотографии и видеа: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон