За да може да патуваме во земјите членки на ЕУ, односно да влеземе на “белата листа” на ЕУ, треба да имаме помалку од 400 заболени од Covid-19 во период од две недели, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Три клучни критериуми се битни за ЕУ во врска со белата листа за слободно патување. Со тоа што и во ЕУ ситуацијата се менува и не е исклучено да има извесни промени.

Првиот е земјата да е до 20 нови позитивни случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 000 лица. Ако ние сме околу 2 милиони, точна е таа калкулција дека треба да имаме помалку од 400 новозаболени за две недели. На секои 14 дена се ажурира листата.

Вториот е трендот на нови случаи во истиот период во споредба со претходните 14 дена да биде стабилен или опаѓачки.

Според третиот критериум се зема во предвид колку се тестираат, дали само симптоматски или асимптоматски случаи, колку се следат контактите, третманот и веродостојноста на информациите.

Во овој контекст мислам дека е важно колку повеќе сите носиме маски, избегнуваме контакти, се дезинфицираме, толку побрзо ќе дојдеме до овој праг од 400 нови случаи во период од 14 дена. – објасни министерот Димитров.

Исто така, забраната за патувања не важи за суштински патувања, како: регулиран престој, образование, хуманитарни причини, семејно обединување, а најави и дека во контакт се со земјите каде има најголем интерес од македонските граѓани, да се утврдат протоколи за бизнис секторот кој има потреба да одржува состаноци во некоја земја, како и за лицата кои имаат имоти во некои соседни држави.