Во патувачките кругови посебно значење имаат дестинациите кои се тешко достапни, кои не може индивидуално да се организираат и кои имаат актуелен диктаторско – авторитарен систем. Тоа по автоматизам ги прави тешко достапни.
По мојата посета на Северна Кореја и лудостите кои ги видов таму, наредната логична дестинација, која е приближно слична, е Туркменистан.

Туркменистан претставува една од најизолираните и најмалку посетените држави на светот. Само 15.000 туристи влегуваат во државата на годишно ниво и со тоа Туркменистанската виза претставува една од најтешко достапните и егзотични визи за добивање. Јас ја имав таа среќа да ја добијам и заедно со група авантуристи да се упатам кон главниот град Ашгабад.

Но, најпрво мала историја за оваа бизарна држава. По распаѓaњето на Советскиот Сојуз ова бившо-советска република се стекнува со независност, на чело со до тогаш комунистичкиот лидер Сапармурат Нијазов.

Набргу (или веќе претходно знаејќи) дека имаат четврти најголеми резерви на природен гас во светот и со богатството кое буквално им лежи под нозе, господинот Нијазов добива идеја да се прекрсти во Туркменбаши, што значи “Татко на сите Туркмени”, да одлепи од реалноста со пишување на книга која се вика “Рухнама”, која содржи низа бизарни теории, да развие енормен култ на личност (како и секој диктатор) и да тргне во комплетна трансформација на целата држава, а посебно главниот град.

Пo неколкуте бизарни работи ќе издвоиме: преименување на месеци од календарот по неговите роднини, од кои март е преименуван во името на неговата мајка, главниот град Ашгабад мора да е изграден од исклучиво бели материјали, подига споменик на неговата книга “Рухнама”, златни бисти од самиот себе пред скоро секој владин објект, самиот си подига “Споменик на Неутралноста” со сопствена фигура која ротира секогаш накај Сонцето и чувствувајќи си го крајот, на самиот себе си подига огромна џамија која не е изградена по исламски канони туку според неговото учење, пак од неговата книга “Рухнама”. Со тоа сериозно почнува да ги навредува неговите конзервативни соседи во тој поприлично нестабилен дел од светот.

Сега ќе кажете дека со смрта на големиот Туркменбаши , народот ќе се отрезни и ќе се вратат кон демократијата. Но не. На власт доаѓа неговиот бивш стоматолог, Гурбангули Бердимухамедов, ретко откачен лик кој лудилото го збогатува и надградува сето тоа од неограничениот буџет што го има од продажбата на огромните резерви гас. Гурбангули е посебна будала, тој се разбира во се, тој е: пејач, диџеј, спотрист, голфер, научник, доктор и за него има посебна изложба во Националниот Музеј на Туркменистан, со сите негови дипломи, одлики, медали и што уште не. За жал сликањето е забрането во тој дел, но можам слободно да кажам дека такво лудило од култ на личност не сум видел ни во Северна Кореа. Динасијата се проширува, и тој сега владее заедно со син му Сердар Бердимухамедов. Неговото лице се наоѓа на секој државен објект, и во секоја просторија во Туркменистан.

Награденото лудило на Гурбангули највеќе се чувствува преку квази грандиозните објекти што се изградени низ Ашкабад, главниот град на Туркменистан и целата приказна која (како и секој лудачки режим) сакаат да ни ја прикажат на нас, малкуте туристи дека доаѓаме во едно совршено општество. Факт е дека на еден бизарен начин го постигаат тоа, затоа се’ што видов во главниот град, претставуваше една тешка утопија…

Патувањето го почнавме рано наутро на меѓународниот аеродром во Ашкабад, и по излегувањето на зградата, прво што приметив е дека е во форма на бела гулаб со раширени крилја. Чини 1,5 милијарди долари, неверојатно е раскошен, а на него слетуваат само десетина летови дневно.

Имаат и авио компанија за која не можат да се купат карти онлајн или преку нормалните канали. Се сместивме во хотелот во кој одседнуваат сите странци, добиваме пасворд за интернет, кој секако е цензуриран и тоа многу повеќе, од на пример, кинескиот. Ни еден ВПН не можеше да го пробие сите наредни денови.

Наредните неколку дена низ Ашкабад ги поминав со благо подзината уста. Бел мермер насекаде, сите коли се со бела боја, грандиозни објекти пред кои не може да се види жив човек, ненормално големи споменици, споменик за книгата на Туркменбаш, споменик на Неутралноста и Бициклизмот?!?!?!, споменик на овој поет, на оној херој, сите федерално згради се со огромни пропорции, стадион со коњска глава, надземно метро кое не води никаде, и константна опседнатост со соборување на некакви Гинисови Рекорди (кој веќе го прати тоа?!).

-Најголем аква парк?!
-Најголемото затворено панорамско тркало на светот?!

-Најголема сала за венчавање на светот.
-Најголем број на сихрнозириани фонтани во светот?!

-Најголем јарбол на знаме во светот (ова со јарболите, кој ќе подигне поголемиот им е омилен натпревар на сите диктатори од Централна Азија до Северна Кореа и тоа е еден бесконечен натпревар – кој ќе подигне највисок јарбол и наголемо знаме на светот). Тоа е мерење на… и јасно ви е што сакам да кажам за овие луди глави.

Се сеќавате на џамијата на претходниот лидер Туркменбаши?

Имавме прилика да ја посетиме и неа, во која нормално, немаше жив човек, а сепак огромниот волумен беше загреан, а надвор беше поприлично студено. Сето тоа за една група туристи дневно. Ненормално трошење на енергија за налудничав хир на еден веќе мртов диктатор. Тој е закопан со блиското семејство тука во џамијата, но воопшто не изгледа дека веќе некој го посетува неговиот гроб. Време е за култ на новите личности.

Ашкабад има огромни булевари со по 6 ленти низ кои поминуваат мал број на коли.
Интересно е што доколку сакате да се движите низ градот, доволно е да застанете на улица и да подигнете рака, некој ќе застане во рок од 10 секунди и ќе ве праша каде сакате да одите. На крај на возењето оставате некоја пара и возачот си продолжува.

Изгледа луѓето имаат вишок време во оваа држава. Важно е да се каже дека жителите на главниот град не плаќаат никакви сметки за вода, струја и греење и градски превоз.
Уште еден куриозитет за превозот – сите автобуски станици се климатизирани и затворени. Горивото и гасот имаат симболична цена.

Целото централно градско подрачје е со грандиозни објекти, министерства, универзитети, владини објекти, спортски хали, огромни бели габаритни станбени згради и во далечина претседателската палата со ненормално голема купола, но пристапот е забранет километар пред неа, така да правата големина на палатата не може да се види, ниту некој од нормалните граѓани ја видел. Царевите се скриени длабоко во своите палати.

Правев многу паралели со Северна Кореа, но сепак овде работите не беа до толку исценирани и цензурирани. Два дена се движев сосема слободно низ градот, се чувствував слободно, локалците реално многу не ме перципираа, и имаше само едно генерално правило да не се фотографира пред објекти кај што има војници. Се’ друго беше поприлично релаксирано, низ градот има убави кафетерии, па дури и два шопинг молови со западна стока во нив. Глобализацијата нема да ја поштеди ни оваа земја без разлика колку да се трудат во тоа.

По три дена во главниот град со конвој од теренски возила тргнавме кон нашата наредна дестинација, која за мене претставуваше главната атракција на патувањето – Кратерот Дарваза или таканаречените Врати на Пеоколот.

Веќе реков, Туркменистан буквално лежи на огромни резерви природен гас кој избива на површината на многу точки низ територијата. Во шеесетите години во пустината во тоа време на СССР, на Русите им се случува некаква индустриска несреќа со голема експлозија од која се ствара кратер со некои 100м дијаметар и заради големите резерви од гас одоздола, продолжува да гори до ден денес. Ни еден обид не успеал да го изгасне огинот во кратерот и тој станува една бизарна туристичка атракција и предмет на интерес за мене и луѓето од мојата група.

Владата на Туркменистан кратерот повеќе го гледа како лош публицитет, тие повеќе сакаат да ни ги плескаат пред очи мермерите и грандиозните објекти и споменици. Патот до таму е еден од најлошите што сум ги поминал, само што ќе излезете од главниот град, работите се менуваат драстично. Забутани села, инфраструктура која се распаѓа, екстремно лоши патишта и никој ништо не превзема во врска со тоа.

По цел ден патување, навечер стасавме до кратерот. Не’ дочека нереална глетка, која дури ни сликите не можат точно да ја доловат. Од огромниот кратер се преливаше илуминација од огинот и се слушаше еден чуден звук, нешто како горење на шпорет на плин. Самиот кратер уствари е една голема рерна на плин. Целиот простор е незаштитен, лесно може некој да падне во кратерот и тоа се има случено во многу наврати. Ова е најголемата туристичка атракција на една држава која самата држава не сака да ја видите.

Остатокот на ноќта ја поминавме во номадски камп близу кратерот и тоа беше доживување само по себе.

Наредниот ден патот не водеше низ пустина, до кањонот Јангликала. Сте чуле за него? Ни јас.

Не знаејќи го комплетно програмот на патување после кратерот, се чудев каде не возат и зошто вакво малтретирање по пустинскиот пат кој само локалните возачи го знаеја.

Наредниот видиковец ме разубеди и ова беше едно од најграндиозните природни атракции што ги имам посетено. Спој помеѓу Американските Grand Canyon и Death Valley. Туркменистан ме увери дека се’ уште постојат спектакуларни места кои многу ретко се посетени и се’ уште не се извикани и уништени од масовниот туризам.

Последната дестинација во Туркменистан ни беше посета на градот…Туркменбаши.

Градот е големo пристаниште на Касписокото море, и еден дел е направен за туризам, но само домашен.

Огромни хотели во кои можат да се одмараат само домашни туристи (и за кои верувам дека се во врвот на хиерархијата). Огромни зданија и хотели со таа иста чудна сугестивна архитектура. Хотел покрај море во облик на брод? исто како и аеродром во облик на птица. Лу-ди-ло.

Враќање пак на истиот аеродром (огромен и празен). И по едeн војник на секое ќоше внатре низ ходниците. Чисто нека има некој да контролира.

Мисијата заврши и веќе ги имам поминато сите најзатворени и најизолирани држави на светот, Северна Кореа и Туркменистан. А, која е третата?
За тоа во некоја наредна прилика.
Автор на текст и фотографии: Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
Интервју : Македонец во Северна Кореја – каков е животот во најизолираната држава во светот






