Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Скупи – древниот град на само 5 километри оддалеченост од центарот на Скопје, уште една македонска знаменитост речиси непозната за наши и странски туристи, со векови им пркоси на сите неприлики.

Сместен северозападно од центарот на Скопје, на падините на Зајчев рид, непосредно до населбата Злокуќани и покрај реката Вардар, на површина од 43 хектари, Скупи бил многу поголем од Стоби (16 хектари) и од Хераклеја (4 хектари).

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Скупи е откриен на крајот од XIX век, а со археолошки ископувања на наоѓалиштето започнато е пред Втората светска војна. Истражувањата траат до ден денес. Досега се делумно или целосно откриени и истражени: градските бедеми, театарот, цивилната базилика, градската вила, градската бања, улицата – кардо, христијанската базилика, источната и западната некропола.

Локацијата била идеална за поврзување со римските градови во регионот, па така Скупи станал голем провинциски град, важен економски, верски, културен и административен центар – римска колонија во провинцијата Дарданија.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Според најстарите пронајдени предмети на оваа локација, во Скупи постоеле живеалишта уште во бронзеното и железното време, а својот најголем развој го доживеал во периодот од II до крајот на IV век.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во II век градот го добил својот лик со театарот кој го завземал централното место, а во IV век била изградена најрепрезентативната градба – Базиликата 1 и уште една ранохристијанска црква. Царот Теодосиј I при своите престојувања во Скупи во 379 и 388 г. издал два царски указа – во IV век станал седиште на епископија, а подоцна и на архиепископија.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Скупи најверојатно страдал во напади од страна на Хуните во 447 година, а во 518 година бил погоден од катастрофален земјотрес, по што престанува урбаното живеење во овој римски град, иако има индиции дека постоела мала словенска, рурална населба сè до X – XI век од н.е.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Се’ уште е во тек реставрација на театарот кој има капацитет од околу 9.000 гледачи, со што претставува најголем од четирите антички театри откриени на територијата на Македонија. Припаѓа на римскиот тип на театри, во кој се изведувале комедии, пародии, пантомими, а бил украсен со мермерни архитектонски елементи.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Неговата реставрација е започната во 2016 година и планирано е тој после многу векови повторно да заживее, со одржување на претстави и концерти. Локалитетот е заштитен со ограда, но може да се влезе во делот кај театарот, кој мометално делува прилично запуштено, а заслужува да биде една од најголемите туристички актракции во Скопје и целата држава, да се најде на мапата за посета на секој турист заинтересиран за историја, археологија и култура на древните народи.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Па, да се надеваме дека во скоро време ќе може да присуствуваме на некој концерт или претстава во овој величествен, антички театар, кој несомнено ќе го популаризира и целиот археолошки локалитет.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон

 

За уште еден древен објект – знаменитост на Скопје, прочитајте:

Скопскиот аквадукт- нем сведок на вековните случувања