Според истражување спроведено од страна на професори на универзитетот “Корнел” во Њујорк – посреќни сме кога патуваме, отколку кога купуваме. Истражувањето докажало дека подеднакво сме среќни кога патуваме и кога одиме на шопинг, но задоволството од купувањето трае многу пократко, отколку сеќавањето за некое патување.
Професорот по психологија Томас Гилович од Универзитетот “Корнел” објаснува дека со патувања, искуството станува поважен дел од нас отколку материјалните работи. Во материјалните работи може да се ужива, не’ прават среќни, но за краток временски период, а искуствата од патувањата стануваат дел од нас, остануваат со нас во текот на целиот живот и не’ дефинираат како личност. Најубавите спомени не се од материјални предмети што сме ги купиле, туку тоа се збир на искуства кои сме ги доживеале. Со патувањата откриваме нови места, нови лица и нови култури и сето тоа што го доживуваме не’ прави да се чувствуваме побогати за нови искуства. Искуствата не’ поврзуваат со другите луѓе на начин на кој не можат материјалните предмети.
Исто така, патувањата се карактеризирани како едни од најважните искуства во животот и активност која го зближува семејството, а луѓето кои се најповрзани со своите семејства и пријателите се најздрави и најсреќни.
Значи – планирајте и уживајте во нови патувања, со тоа инвестирате во вашата долгорочна среќа, здравје и задоволство.