На само 20 километри северно од главниот град Тунис, во истоимената држава Тунис, се наоѓа бисерот на оваа туристичка оаза – местото Сиди Бу Саид (Sidi Bou Said). Сместен на врвот на стрмна нагорнина, со фантастичен поглед кон Медитеранот, ова гратче претставува задолжителна тура за сите кои го посетуваат Тунис. Исто така, Сиди Бу Саид е и прибежиште за Тунижаните, пред се’ од главниот град, кои заради близината се редовни гости во локалните угостителски објекти, бегајќи од гужвите на големиот град.
Низ улиците, кои се поплочени со векови стара калдрма, секојдневно има огромен број на посетители, многу продавници за уметнички дела, ракотворби, сувенири, традиционално уредени кафулиња, ресторани со различен вид на храна.
Фасадите на сите објекти, кои се ниски куќи, се обоени во бела боја, додека вратите и прозорците се во сина боја, што на Сиди Бу Саид му дава карактеристична убавина. Постои легенда која се пренесува меѓу туристите, треба да си замислите желба и да чукнете на една од сините порти за желбата да ви се оствари.
Градот го добил името по Абу Саид Ибн Калеф Ибн Јахја Ел-Беји, муслимански светец кој го поминал најголемиот дел од животот учејќи и предавајќи во џамијата Зитуна во Тунис. Откако починал, неговиот гроб станал место за аџилак на муслиманите и со текот на време околу него израснува град. Тој град е именуван во негова чест – Сиди Бу Саид или во превод – Светиот човек Саид.
Во раните 1920-ти, градот ја усвојува и заштитува својата впечатлива шема на сина и бела боја. Инспириран е од палатата на Барон Родолфе Д’Ерлангер, познат француски сликар и музиколог познат по својата работа во промовирање на арапската музика, кој живеел во Сид Бу Саид од 1909 година до својата смрт во 1932 година. Оттогаш, градот станува синоним за уметност и креативност и е засолниште на многу познати сликари, писатели и новинари. Уметникот Пол Кле (Paul Klee) е еден од многуте кој е инспириран од убавината на Сиди Бу Саид, а авторот и нобеловец Андре Гиде ( André Gide) тука си изградил куќа.
Најубавиот дел за шетање во Сиди Бу Саид е Стариот град. Од двете страни на калдрмите има многу мали галерии и студија со изложби на разни уметнички дела, може да ги разгледате тезгите со рачно изработени сувенири од разни периоди од туниската историја, како и убав накит, шарена крамика, зачини, да ја почувствувате миризбата на јасмин од шишиња кои се продаваат на тезгите и секако – да се исценкате за што пониска цена на сувенирот кој сакате да го купите.
Во Сиду Бу Саид има хотели од кои најпознат е “La Villa Bleue” сместен над пристаништето во самите карпи. Традиционален ,со сино-бела боја на фасади и прозори, располага со 13 соби, два базени кои гледаат кон морето и ресторани со традиционална и интернационална кујна. Доколку немате идеја каде во Сиди Бу Саид би одмориле од шетањето, а истовремено и да пробате од традиционалната туниска кујна, но и медитеранската класика, добра идеја е “Au Bon Vieux Temps”, кој има посебен поглед кон медитеранот, врвна услуга и голем избор на квалитетни домашни вина. Но, доколку сте повеќе жедни отколку гладни, вистински избор во ова атрактивно место е “Café des Nattes”, познато по чајот од нане, арапското кафе и домашните лешници.
До Сиду Бу Саид се стигнува лесно од главниот град Тунис со такси, рент а кар, со редовна железничка линија или со организирана дневна туристичка тура.
Ова мало, шармантно место не остава рамнодушен никого, па и најпребирливите туристи, а сино-белата рапсодија овде, останува во долготрајно сеќавање.
Автор на текст и фотографии: Д. Томиќ
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон