Летото е во тек и ако се уште не сте се одлучиле каде ќе отидете на одмор, а сакате убави плажи со кристално чисто, тиркизно море – тогаш размислете за посета на оваа плажа која се наоѓа во наше соседство.
Пасјача е една од најпопуларните плажи во Хрватска и на Јадранското крајбрежје, а во 2019 година е прогласена за најубава плажа во Европа.
Се наоѓа на 30 километри оддалеченост од Дубровник, во Конавле и за да стигнете до неа треба да испешачите по тесна патека со скали, на делови стрмна, но секој поминат сантиметар вреди за уживањето на оваа скриена, дива плажа.
Плажатa е мала и тесна, долга 80 метри и широка околу 10 метри, со тиркизна, кристално чиста, морска вода. Пасјача е рај за љубители на природата, планинари и авантуристи, а заради пристапот е помалку погодна за постари и хендикепирани лица.
На плажата нема никакви објекти (тоалет, киоск, штанд за храна и вода, туш, гардероба) и затоа ако планирате да ја посетите, понесете си со вас: храна, течности, лежалки.
Погледнете како изгледа Пасјача:
Пасјача е створена во средината на 20-от век под интересни околности – при изградба на тунел, ископаниот камен материјал бил фрлен во морето од работ на карпата над плажата, висока 200 метри. За само неколку години, брановите ги претвориле камењата во плажа со ситен камен и песок.