Островот Кос е вистинско освежување од стандардните, популарни грчки места за одмор. Неправедно заобиколуван од нашите туристи, Кос е автентичен, грчки остров со многу богата историја и колоритни местенца кои тотално ме освоија.
Кос се наоѓа во Егејското море, на идеална локација која секој ја посакувал, па затоа на овој остров се смениле различни владетелски периоди, од Античка Грција, Хеленистички период, Романски, Византиски, Отомански, за да по Италијанско – Турската војна падне под италијанска власт, а во 1947 година со потпишување на Парискиот мировен договор конечно и’ припадне на Грција.
Исто така, Кос е родното место на Хипократ, таткото на модерната медицина, па често го нарекуваат и по него – островот на Хипократ. Роден во 460 год пр.н.е, Хипократ се смета за еден од најважните личности во медицината, па и денеска медицинските лица при дипломирање се обврзуваат на Хипократовата заклетва.
Кос спаѓа во групата на Додеканези островите во југоисточниот дел на Егејското море и е трет по големина остров на Додеканезите по површина (по Родос и Карпатос) и има околу 37.000 жители, а островот е со димензии 42 на 11,5 километри.
Главниот град Кос е типичен, грчки островски град, со пристаниште, шеталиште, плоштад, твдина, стар дел со чаршија со продавници и улица со кафетерии и ресторани, низ кој може да шетате со часови и времето да ви летне. Јас не можев да се одвојам од колоритните ресторани со мали дрвени маси и столчиња, уредени во типично грчки стил и тесните камени улички со продавници, каде се разминував со туристи од различни делови на светот.
Погледнете како изгледа прошетка низ центарот на Кос:
Заштитниот знак на островот – Замокот на Витезите (познат и како замок Neratzia) e изграден врз урнатини на античка тврдина, а се издигнува веднаш над пристаништето. Потекнува од 15-от век, изграден од Витезите, чија окупација на островот траела повеќе од 200 години. Јужно од тврдината, се наоѓаат остатоци од античка агора со храм и светилиште.
Плажите се песочни и со ситни камчиња, урбано уредени со лежалки и чадори за Сонце, по чија должина има кафе барови и ресторани, а морето е кристално чисто. Оваа година цените за изнајмување на лежалки се движат од 5 евра (плус пијалок) за лежалки во прв и втор ред, а во останатите редови лежалките ви следуваат бесплатно ако порачате пијалок. Островот изобилува со плажи оптегнати на крајбрежјето долго 112 километри,а како најубави се издвојуваат: Golden beach, Agios Stefanos, Kardamena, Tigaki, Mastichari, Marmari, Camel beach, Limnionas, Cavo Paradiso и Cap Helona.
Покрај главниот град Кос, останати поголеми места на островот се: Кардамена, Кефалос, Тингаки, Антимахија, Мастихари, Мармари и Пили. Останати помали места се: Зија, Зипари, Платани, Лагуди и Асфендиу, од кои се издвојува Зија за туристички посети, која иако не се наоѓа покрај морскиот брег, туку е боемско место во планина, се посетува заради уживање во зајдисонце.
На Кос не може да се одолее на вкусната грчка храна, па можеби тука ќе го пробате највкусното гиро, најдобриот доматен сос, маслинов зејтин, мед или сирење.
По Кос може да се движите со автомобил (рент а кар, такси, квадри), автобус, велосипед, а низ главниот град Кос постои и воз кои вози на 3 линии. До островот може да стигнете по воздушен (има аеродром) или воден пат, а ако сакате само на кратко да прошетате по Кос, тогаш постои и дневна линија со брод од турското летувалиште Бодрум до Кос (не заборавајте да понесете пасош, бидејќи преминувате од Турција во Грција).
Тука има секаков вид на сместувачки капацитети и за сечиј џеб, а најголем број од хотелите (од 2 до 5 ѕвезди) се наоѓаат во градовите: Кос, Кефалос и Кардамена. Најдобар период за посета е од мај до крајот на октомври, со тоа што летото на Кос е навистина жешко со темпеартури до 40 °С, а водата во морето се загрева до 23-24 °С. И зимата е топла на Кос, со просечна температура од 12-13 °С.
Кос е навистина комплетен остров кој содржи се’: интересен главен град, тврдина, археолошко наоѓалиште, убави плажи, чист воздух, медитеранска клима, разновидни кафе барови и ресторани со вкусна храна, аеродром, пристаниште, места за млади посетители со добар ноќен живот и места за постари кои боемски сакаат да уживаат во зајдисонце и чаша вино, па тешко дека ќе му одолеете, и после една посета – веќе ќе правите план за наредна. 😉
Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон