Ако сакате да поминете 24 часа во непосредна близина на слонови и да почувствувате како е да живеете во дивина со животни, тогаш треба да го посетите ресортот “Anantara Golden Triangle Elephant Camp & Resort” во Тајланд.

Овој ресорт со 5 ѕвезди, покрај стандардни хотелски соби за сместување, нуди и два невообичаени сместувачки капацитети т.н Меурчиња во џунгла. Овие меурчиња се апартмани од по 22 м2 и секој апарман содржи: спална соба чии ѕидови од меурот се проѕирни, дел за седење и бања, кои се удобно уредени и комплетно климатизирани. Меурите се изработени од високо-технолошка полиестерска ткаенина и овозможуваат поглед кон надворешноста – кон слоновите и ѕвезденото небо.

Ресортот содржи камп за слонови на површина од 160 хектари, каде што гостите на ресортот можат од непосредна близина да се дружат со овие животни во нивното природно живеалиште. Има вкупно 22 слонови, кои се спасени од нехумани услови на чување и експлоатирање во Тајланд и сега живеат мирен живот заедно со негуватели и тренери.

За време на годишниот празник – Национален ден на слоновите, ресортот кани студенти кои сакаат да научат повеќе за слоновите и нивното однесување преку едукациона тура која го опфаќа начинот на живот на овие нежни гиганти и трудот на ресортот за грижата за нив. Преку овие едукациони тури, ресортот се надева дека ќе се подигне свеста на луѓето кон слоновите за нивна ангажираност кон овие животни на неинванзивен и неексплоатирачки начин. Исто така, овој ресорт нуди различни спонзорски пакети за слоновите и секој кој сака може да се вклучи во оваа програма.

Сместувањето во еден од двата меури во џунглата чини околу 550 долари за едно ноќевање за две лица. Во оваа цена е вклучена и 24 часовна собна услуга за храна, мини бар, кафе и чај. Секако ова е непроценливо доживување кое се памти до крајот на животот.