Кањонот Матка е едно од најпрепорачуваните места за посета на секој турист, кој ќе дојде во нашата држава и не случајно британскиот “Гардијан” го има прогласено за еден од 10-те најубави кањони во Европа. Останатите 9 се: Викос во Грција, Сакликент во Турција, Гола су Горопу на Сардинија, Винтгар во Словенија, Кава Диспика во Сицилија, Горж ду Вердон во Франција, Партнах во Германија и Карес Горхе во Шпанија.

Матка – кањон на реката Треска, со површина од околу 5.000 хектари, е скриеното богатство на Македонија, кое се наоѓа на 15 километри југозападно од Скопје. До него може да стигнете пешки (ако сте расположени за подолго пешачење може да тргнете и од врвот на Водно и да стигнете до Матка), со велосипед, автомобил или со јавен градски превоз – автобус со број 60.

Во Матка има десет пештери со должина од 20 до 177 метри, од кои најпознати се пештерите: Врело, Кршена и Убава и една подводна пештера – Подврело. Пештерите се полни со сталагмити и сталактити и се интересни и едукативни за посета. Може да ги посетите со тура со чамец или да изнајмите кајак.

Пештера Врело.

Природата кај Матка била навистина дарежлива, па така овде може да сретнете 1000 видови на растенија, од кои 20% се ендемити, а внимание сигурно ќе ви одземат и голем број на пеперутки кои овде ги има –  119 видови дневни и 140 видови ноќни, од кои 77 видови се балкански ендемични пеперутки.

Може да поминете еден цел ден исполнет со различни активности: пешачење, прошетки, алпинизам, кајакарство, спелеологија, посета на средновековни манастири со живописни фрески, набљудување на птици (особено белоглави орли) и ретки видови пеперутки, како и да дегустирате вкусна храна во рестораните, уживајќи во погледот кој ви се пружа кон кањонот.

Пештера Врело.