Патувањето во вселената станува се’ пореално, па така веќе има проект за прв вселенски хотел, кој треба да биде изграден во 2027-ма година.

Вселенскиот хотел кој ќе се наоѓа во орбитата на Земјата, ќе го гради американската компанијата Orbital Assembly Corporation, а изградбата треба да започне во 2025-та година. Компанијата сподели детали за планот за изградба на првата комерцијална вселенска станица Voyager Station, која ќе има вештачка гравитација и ќе служи како хотел.

Хотелот т.е вселенската станица ќе биде во форма на огромен прстен со дијаметар од 200 метри, кој ќе ротира, ќе може да прими 400 гости, а освен капсули – соби за гостите од кои ќе може да се набљудува Земјата, ќе содржи и: ресторани, кино сала и спа-центар. Капсулите ќе зафаќаат површина од 11.600 м2, а хотелот ќе тежи вкупно 2.418 тони. Хотелот ќе ја обиколува Земјата на секои 90 минути.

За изградба на овој хотел, Orbital Assembly Corporation склучиле договор со инженери, научници и пилоти од NASA, а приватни инвеститори ќе ја финансираат неговата изведба.

Пред да почне изградбата на овој масивен проект, ќе се направи тестирање за вештачка гравитација – ќе изградат ротирачки прстен во орбитата, со дијаметар од 60 метри, кој при ротација ќе треба да создаде вештачка гравитација послаба од онаа на Земјата. Потоа, ако тестирањето биде во ред и се’ функционира како што е предвидено, ќе започнат со изградба на хотелот.

Погледнете како ќе изгледа надворешноста и внатрешноста на вселенскиот хотел:

Се уште нема информации колку би чинело сместување во овој хотел.