Ентони Бордејн, познатиот патеписец, водител и готвач не’ научи како подобро да го гледаме светот. Тој не се плашеше од непознатото, тој трчаше кон непознатото. Ни ја покажа хуманоста која се крие во секого и не’ направи подобри познавачи на овој свет.

За жал, Бордејн веќе година и половина не е меѓу нас, но останаа неговите најпознати мисли за патувањата, од кои издвојуваме неколку, како поттик за запознавање на нови места во светот, а преку нив и запознавање на самите себе си.

  • “Ако јас сум застапник за нешто, тоа е да се патува. Колку подалеку можете, колку повеќе можете. Преку океанот или само преку реката. Пробајте да чекорите во туѓи чевли или барем да ја пробате нивната храна, тоа е плус за сите. Почнете да размислувате надвор од комфорната зона, станете од удобниот кауч, почнете да се движите.”
  • “Патувањето не е секогаш убаво, ниту секогаш пријатно. Некогаш боли, некогаш дури и ви го крши срцето. Но, тоа е во ред. Патувањето секогаш ве менува и треба да ве менува. Тоа остава траги во вашата меморија, во вашата совест, во вашето срце и на вашето тело. Земете нешто со вас, во надеж дека ќе оставите нешто добро зад вас.”
  • “Ако имате 22 години, физички сте здрави, имате желба да научите нешто и да станете подобри, ви препорачувам да патувате – колку што е можно подалеку и пошироко. Спијте на подови ако треба. Дознајте како другите луѓе живеат и готват. Учете од нив, каде и да одите.”
  • “Без експериметирање, без желба да поставуваме прашања и без да пробуваме нови работи, сигурно ќе станеме статични, репетитивни, полумртви.”
  • “Ништо неочекувано и прекрасно нема да се случи ако имате тура низ Париз  исполнета со посета на Лувр и Ајфеловата кула.”
  • “Одамна научив дека обидот за мeнаџирање на совршен одмор е секогаш катастрофа. Тоа води кон ужасен одмор“.
  • “Да бидете третирани добро на места каде што не сте очекувале да ве третираат добро, да најдете заеднички работи со луѓе за кои претходно мислевте дека сте имале многу, многу малку заедничко – тоа не може да биде лоша работа.
  • “Кога ќе умрам, сигурно нема да жалам за пропуштените шанси да си поминам убаво. Моите каења ќе бидат повеќе за тажната листа на повредени луѓе, разочарани луѓе, залудно потрошени драгоцени срeдства и прокоцкани можности.”

Може да се потсетите на неговите уникатни коментари за секое место и храна во светот, гледајќи по некоја интересна епизода од неговите серијали : “Без резервација” и “Непознати предели”.