Истанбул – единствениот град на овој свет кој се протега на два континента (Европа и Азија), најголемиот и најзначајниот град во Турција (со над 16 милиони жители), главен град на три империи, е еден од најпосетените градови во светот.
Познат и како “Главниот град на светот”, “Мостот помеѓу Европа и Азија”, а во минатото најпрво како помал град Византион, за да прерасне во Константинопол односно Цариград, за кој Наполеон рекол: “Ако светот беше една држава, Истанбул ќе беше нејзиниот главен град”.
Изграден на 7 брда, Истанбул денес е светска метропола која изобилува со културно -историски споменици, музеи, културни центри, над 20 универзитети, природни богатства, традиционална и модерна архитектура и вкусна, турска кујна.

Ако сакате вистински да го доживеете Истанбул, тогаш испланирајте си најмалку 4-5 дена за посета на овој огромен град, а на вашата листа за активности кои не смее да ги пропуштите ставете:
- Секоја посета на Истанбул започнува во најзначајниот дел за градот – Султанахмет каде што се наоѓа прочуената Аја Софија (некогашна црква, па џамија и музеј, која сега функционира како џамија, но е отворена за посета на туристи), Султанахмет џамија (или попозната како Сината Џамија) и плоштадот Султанахмет. Никако не пропуштајте да влезете во џамиите, внатрешноста им е спектакуларна.

- Шопинг (со ценкање) во Капали чаршија. (Најважното зборче кое ќе ви треба при посета на чаршијата е “Indirim” (Попуст на Турски јазик). Исто така, може да го посетите и Египетскиот пазар, кој е втор по големина во Истанбул по Капали чаршија.

- Одвојте по неколку часа за убаво разгледување на надворешноста и внатрешноста на Долмабахче сарај и Топкапи Палатата, ќе се почувствувате како дел од дамнешното минато.

- Посетете го Амамот на Хурем Султан.
- Уште една џамија која е вредна за посета е Сулејманова џамија, изградена од најпознатиот османлиски архитект Мимар Синан.

- Посетете го Археолошкиот музеј во Истанбул.
- Посетете го музејот Цистерна Базилика. (Пред да биде претворена во цистерна од која со вода се снабдувал Цариград, на ова место постоела Базилика).

- Црквата Chora (или Св. Спас во Чора) е православна црква изградена во византиски стил која до 2020 година фукнционирала како музеј, а од 2020 година се користи како џамија. Додека била музеј, во неа се реставрирани некои од најстарите византиски христијански мозаици и фрески кои вреди да се посетат.
- Прошетајте на плоштадот Таксим каде се одржуваат сите прослави и митинзи и по познатата Истикал улица по која се движи малиот, симпатичен, црвен трамвај. На оваа улица се наоѓаат многу продавници, кафулиња и дискотеки, па може да ја посетите и преку ден и во ноќните часови.

- Качете се на Галата кулата од каде има импресивен поглед на целиот град, на висина од 67 метри.

- Уживајте во крстарење по Босфор и посетете ја романтичната Киз Кулеси (Момина кула) – сместена на островче во Босфорот. Тука доживејте едно од најнезаборавните зајдисонца.

- Преминете од Европа во Азија преку познатиот Босфорски мост. Мостот се наоѓа меѓу Ортакој од европска страна и Бејлергеј на азиска страна. Долг е 1,56 км, а кога бил пуштен во употреба, бил мост со 4-ти најголем распон во светот.

- Посетете ги островите на Принцезата: Büyükada, Burgazada, Kınalıada и Heybeliada.
- Прошетајте по стрмните улички на населбата Балат кои се исполнети со безброј колоритни куќи во низа. Балат е една од Христијанските населби во Истанбул, каде има повеќе цркви, а во Црквата “Свети Стефан” (позната и како Железна Црква) почива Партеније Зоографски.

- Ако сте фан на фудбал, Истанбул е дом на познатите фудбалски клубови: Фенербахче, Галатасарај и Бешикташ, па може да посетите фудбалиски натпревар и во живо да навивате за некој од овие тимови.
- Пробајте ја вкусната традиционална турска кујна: донер, шишкебаб, лахмаџун, пиде, манти, кускус, кадаиф, баклава, реванија…

- Од Истанбул не си заминувајте без: турски локум, тазе мелено турско кафе, баклави, алва и други благи специјалитети, зачини, марама, турска шарена керамика и сувенир – турското око за заштита и среќа.
Кога еднаш ќе го посетите Истанбул, ќе сакате да се вратите повторно и повторно и повторно…
Автор на текст: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон






