Пред повеќе од година дена, Мартин Фармаков со семејството, својот дом во Скопје го замени со нов дом во главниот град на Естонија – Талин. Економист по струка, со желба за надградба и напредок во професионалната кариера, се одлучил за преселба во држава со сосема поразличен менталитет на луѓе, различна храна и чести минусни температури, но и земја на старт-ап компании и посакувана дестинација за голем број на ИТ професионалци. Единствена држава во светот која моментално ја водат две жени: жена Претседател и жена Премиер. Мартин ни сподели со што Естонија успеала да го освои, кои се интересни места за посета, како и што им е прва асоцијација на Естонците за Македонија:
- Како се одлучивте да заминете да живеете во Естонија? Колку време сте веќе таму и во кој град живеете?
Во Естонија сме нешто повеќе од една година и живееме во Талин, главниот град. Се одлучивме за преселбата поради отворените можности за професионална надградба во нашите кариери и кон крајот на 2019 година најпрво се преселив јас, па потоа неколку месеци подоцна дојде и мојата фамилија.
2. Што ви беше најтешко за привикнување кога се доселивте?
Бидејќи се уште сме „новодоселени“, се уште сме во фазата на привикнување. Најголемата разлика која веднаш се чувствува е самото траење на денот. Во зима се разденува прилично доцна, 9 или 10 часот, додека пак се стемнува многу порано отколку во Македонија. Но, наспроти тоа, во лето денот започнува во 4 часот наутро и сонцето свети до доцна – дури и до 23 часот. Покрај различниот тек на денот и студеното време, најтешко за привикнување е и различната храна и недостатокот на нашиот македонски зеленчук и овошје.
3. Како ги поминувате викендите и деновите за одмор во Естонија, кои се популарни туристички места за викенд посети и одмор?
Традиција на Естонците, поради местоположбата, е често да патуваат до дестинации како Санкт Петербург и до останатите градови од балтичките земји како Рига и Вилнус, до каде има директна линија со воз и автобус. Исто така, често патуваат и до Хелсинки, Копенхаген и до градовите во Шведска, поради добрата поврзаност со траекти.
Додека во самата земја, поради обилните пространства на шуми, Естонците често патуваат и престојуваат во дрвени колиби со сауни во шумите каде ги поминуваат викендите и се релаксираат.
4. Омилено место во Естонија, кое би ни го препорачал за задолжителна посета при туристичка посета на Естонија?
Не би можел да издвојам едно конкретно место, но би ги посочил националните паркови, со шумски мочуришта и водопади, кои имаат извонредна природа, каде туристи доаѓаат за прошетка низ естонски познати хајкинг патеки.
Исто така и старите градови и замоци кои се испреплетени со историја од периодите на средновековните владеења, шведските кралства и советскиот период.
Естонија има вкупно 2222 острови во Балтичкото море и крстарење по нив е една од најважните работи која не смее да се пропушти.
5. Дали Талин е безбеден град ? Дали може безгрижно да се движиш по улица во секое време од денот во секој кварт?
Да, Талин е еден од побезбедните градови во Европа со речиси никакво присуство на криминал. Шетањето по улиците дури и во темните часови во зима е безгрижно. Луѓето носат рефлекторски значки за поголема видливост кога учествуваат во сообраќајот. Сообраќајот е исто така многу безбеден и организиран, па дури и децата често се ориентираат и движат сами низ градот и по големите улици.
Градот е центар за голем број странци од ИТ индустријата, па локалните власти се имаат потрудено да го направат гостопримлив и безбеден за големиот број на доселеници.
Исто така, безбедноста и почитувањето на приватноста е видлива и во Естонскиот тренд на отворено живеење, со поврзани и отворени дворови на куќите и секако големи прозори на градбите поради потребата од повеќе сонце и светлина во домовите.
6. Какви се како народ Естонците? Дали лесно склопуваат пријателства и како ги прифаќаат доселениците?
Најдобар начин да се опишат Естонците е смирени и практични. Земјата е отворена и гостопримлива за странци, поради тоа е и фактот за огромниот број на професионален кадар што посакува да се пресели тука. Меѓутоа, самите Естонци се резервирани и помалку затворени за формирање нови пријателства. Секогаш спремни да помогнат, меѓутоа последни да го покренат тој прв чекор на комуникација и креирање нови познанства.
Луѓе од малку зборови и тивки разговори – би ги опишало совршено, нешто што е тотално различно од нас Македонците. Дружбите секако се сведуваат помеѓу доселениците и странците најчесто се групираат по нивната сличност во културата. Постојат секако и голем број организации за соединување на доселеничката и локалната култура и градот и самата претприемничка старт-ап средина работи на преминување на овие разлики. Исто како и луѓето и административните работи се средени и организирани одлично, нема редици за чекање и речиси секоја работа може да биде практично средена и завршена онлајн за многу кратко време.
7. Што е она што Естонците го знаат за Македонија, каква претстава имаат за нашата држава?
До неодамна постоел директен авионски лет од Талин до Охрид, со единствена цел за Естонците да посетат сончева дестинација во летниот период. Поради тоа, Охрид е доволно познат за Естонците. Најголем адвокат на македонскиот спорт препознатлив за Естонците е Перо Антиќ. Она што најмногу не’ изненади е нивното исчекување на периодот кога пристигнува македонската зелка во Естонија.
8. Дали има и други Mакедонци / македонски фамилии кои живеат во Естонија?
Бројот на Mакедонци во Естонија не е голем, меѓутоа таа мала група на луѓе кои сме тука често одржуваме контакт и постојано се дружиме. Исто така, се одржува контакт и со останатите националности кои доаѓаат од Балканот.
Постепено расте бројот на доселеници од нашиот крај, поради желбата и можноста која се нуди за вработувања и напредок на образовен и професионален план.
9. Што најмногу ти недостасува од Македонија?
Секако фамилијата и пријателите се на прво место. Дружбата е различна во Македонија и недостасува. Покрај тоа, најголем недостаток се и Сонцето и убавото време, планините и македонската храна.
10. Што најмалку ти недостасува од Македонија?
Загаденоста на воздухот, здравството и бавноста на администрацијата. Исто така, образованието во Естонија е едно од најдобрите во Европа и можностите за напредок се на тотално различно ниво.
11. Дали постои некоја традиција во Естонија која со задоволство ја прифативте?
Една од најинтересните и за нас различни традиции кои Естонците ги практикуваат е нивната навика за поминување на голем дел од времето во сауна и секако зимското пливање во морето на минусни температури.
12. Наброи ни неколку интересни факти за Естонија кои те изненадиле.
- Естонија има 2222 острови.
- Јавниот транспорт е бесплатен.
- Територијата на земјата е претежно рамна, највисокиот рид во Естонија е 318 метри.
- Околу 60% од територијата е покриена со шума.
- Естонија има два официјални јазици: Естонски и Руски, меѓутоа поради големиот број странци секоја услуга се наоѓа и на Англиски јазик. Естонскиот јазик е еден од најтешките јазици за учење за еден странец.
- Естонија е земја на старт-ап компании и посакувана дестинација на голем број ИТ професионалци. Исто така е дом на компании како: Skype, Hotmail, KaZaa, Transferwise, Taxify и многу други.
- Естонија е дигитално општество и создавач на европскиот e-residency систем.
- Естонците имаат неофицијална спортска дисциплина на Wife Carrying (Носење на жена на грб). 🙂
Мартин, ти благодарам за одвоеното време и споделеното искуство за Естонија – држава која ретко, скоро па и никогаш не може да се најде во туристичките понуди на нашите туристички агенции, а несомнено вреди да се посети и безгрижно да се ужива во нејзините природни убавини, напредното општество и интересни традиции.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Мартин Фармаков
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон