Photo: Vojkan Milenkovik

Замислете да патувате во различни делови од светот и притоа да имате можност да присуствувате и да го фотографирате еден од најсреќните моменти во животот на секој човек – венчавка и свадбена прослава. Интересно, зар не? Токму ова го живее и работи нашиот Војкан Миленковиќ од Скопје – вљубеник во добра фотографија и несекојдневни дестинации, па со него разговаравме за неговата работа тесно поврзана со патувања по различни места во светот. Тој сподели најинтересни места и моменти од фотографирањата, омилени дестинации, несекојдневни случки, како изгледа една подготовка за фотосесија во нов, непознат град:

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Војкан, на почеток да ни раскажеш како дојде до тоа да станеш Destination Wedding фотограф или во превод – фотограф на венчавки во различни делови од светов?

Сосема случајно. Мислам дека кога почнав со фотографирање свадби, никој не почнуваше со идеја дека ќе стане destination wedding фотограф. Ставаш фотографии на фејсбук (тогаш Инстаграм не ни постоеше во формата што ја има денес) и луѓе споделуваат, се јавуваат… Првпат мислам дека имаше барање за фотографирање уште 2012 година, за Хрватска. Но, бевме букирани, така што моравме да откажаме. А, првата свадба што ја фотографирав во странство беше во Хрватска, но во 2015 година. И оттогаш наваму речиси и да нема година да не отидам на барем една свадба во странство.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Откако знаеш во кој град/место треба да отпатуваш за да фотографираш венчавка, како се подготвуваш за фотографирањето, дали пребаруваш на google за локацијата, разгледуваш можни места за фотосесија, се консултираш со луѓе кои веќе го посетиле тоа место…?

Сето тоа што го наброја плус уште некои други работи. На паровите на кои им фотографирам свадба им испраќам прашалник и таму пополнуваат не само каде ќе биде свадбата, туку детали за целиот ден, споделуваат нивни идеи и насоки. На пример, дали ќе има групни фотографии, дали ќе има фотосесија, дали свадбата има дрес код… Потоа почнувам да истражувам. Ги барам локациите на гугл, симнувам фотографии, правам план за сесијата (најчесто правам нешто како мудборд), потоа со помош на Google Earth барам да видам како ќе се движи Сонцето дента на свадбата во однос на локацијата и ако најдам некој што бил физички присутен во тој простор, седнуваме на кафе да ми каже повеќе за местото.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Каде сè досега си отпатувал за да фотографираш свадба?

Хрватска, САД, Холандија, Унгарија, Србија. Имало интерес и за други држави, но за жал не сме се договориле или веќе сум бил букиран. Се повторуваат местата затоа што најголем дел од свадбите ги работам по препорака.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Од твоето десегашно искуство низ светот, каде луѓето се најлесни, наједоставни за соработка при фотографирање, а каде имаат најголеми/најнесекојдневни барања?

Имам среќа да немам многу пребирливи клиенти и генерално се многу easy going – лесни за соработка, но ако морам да издвојам некои, тогаш тоа би биле Холанѓаните. Екстремно опуштени и нула стрес на нивните свадби.

Photo: Vojkan Milenkoviк

Најголеми очекувања имаат паровите од Америка. Не во смисла дека се напорни, туку обично имаат листи на фотографии кои мора да се направат. Многу повеќе се обрнува внимание на детали, на групните фотографии. Агендата за денот знае да биде во минута организирана… Тоа колку помага, толку знае да стави и притисок дека мора некои фотографии да се направат.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Од сите досега посетени и фотографирани венчавки – кое ти е најомилено место, а на кое место ти било најтешко (најмалку инспиративно) да фотографираш?

Мислам дека омиленото место нема да се повтори, зашто беше во приватна куќа во Америка. Баш во нивни стил. Куќа на три нивоа, со огромен двор. За мене беше баш впечатливо, бидејќи тоа сум го гледал само на филмови.

Најтешко? Би издвоил две свадби. Една свадба во Хрватска. Требаше да биде на отворено и во шума, но заврна и се префрливме во ресторан кој беше есктремно темен и ми беше тешко да фотографирам во свој стил. Другата свадба е во Америка. Бев сам, а просторот беше огромен и насекаде имаше луѓе и морав постојано да трчам од едно на друго место за да видам што се случува. Згора на сè, парот задоцни за сесијата и место 45 минути, сесијата траеше 5 минути и не успеав да направам доволно фотографии.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Сподели ни некоја интересна/несекојдневна/смешна /стресна случка при фотосесија на свадба низ светот?

Види го претходното прашање 🙂 Секогаш е стресно кога се патува некаде со опрема, цело време мислам нешто да не се случи. Но, ако треба баш смешно да издвојам, на една свадба во Америка облеков, ни јас не знам зашто, еден пар кондури кои многу се лизгаат. И испадна дека ќе има церемонија на молчење пред да почнат говорите. Замисли ја следната сцена, пече сонце, 4 попладне, околу 100 луѓе седат во тишина. И јас почнувам да се шетам со кондурчињата за да фатам подобар агол од луѓето, од сцената. Прво почнувам да крцкам кога одам зашто целиот простор беше со кршен камен и чакал. И на сета таа тишина, јас успевам не само да крцкам, туку во еден момент се излизгав по камењата, се испотепав. Жива среќа што апаратите беа ок. 

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Следни дестинации за свадбени фотографии?

Засега немам ништо договорено за следната година. Би сакал да фотографирам во Грција или Шпанија. Многу е непредвидлива оваа работа, не може да се планира многу однапред.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Освен низ светот, ти фотографираш свадбени веселби и во нашата држава, па кои се твои омилени места за фотосесии во Скопје и низ Македонија?

Во Скопје имам 2-3 места кои ми се први на листа за фотосесија. Омилено место ми е просторот (платото) зад Соборна црква. Има многу „сцени“ каде што можам да ги поставам невестата и младоженецот. Плус, колку и да звучи безвезе, мене како позадина таа архитектура на постземјостресно Скопје ми е врв. Брутализам, модернизам, графити… Друго место ми се некои улички во Капиштец и Дебар Маало. Огради од ковано железо, бршлени… И на крај едно скриено делче од чаршијата каде што нема многу луѓе, а има прекрасни ќепенци на дуќаните.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Настрана од работните обврски, ти сакаш да патуваш и приватно, па кажи ни која дестинација ти има оставено најголем впечаток?

Шангај. Луда комбинација од модерно и традиционално. Иако на прв поглед само модерното се гледа. Мора малку да се загребе под површината за да се види убаво градот. Плус, многу луѓе мислат дека Кина е затворено и тоталитарно општество (и јас мислев дека е така), а всушност се изненадив колку е отворено и што сѐ може да се види. Од култура и традиција до модерни работи. Одлично за фотографирање затоа што има од сè по нешто.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. На која дестинација би се враќал одново и одново и зошто?

Прага. Поминав таму речиси 5 години и градот го сметам за втор дом. Секогаш кога има шанса поминувам од таму или одам на неколку дена. Исто така, Прага е  уште еден град кој е одличен за фотографирање (не само архитектура).

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Која држава/град не би ја/го посетил никогаш повторно и зошто?

Да ме прашаше пред 3-4 години, без размислување ќе ти кажев Индија. Тоа патување ми беше катастрофа. Постојано луѓе трчаа по мене, бараа пари, храна. Понекогаш не бараа ништо, туку едноставно само ќе почнеше да ме следи група луѓе. Многу непријатно чувство. Дали дека тогаш имаше помалку туристи, па луѓето мислеа дека секој од Европа е полн со пари – Не знам. Но, последниве 2-3 години баш размислував за тоа патување и мислам дека треба пак да се посети Индија. Преголема земја, премногу култура, традиција и храна за да остане на само едно патување.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Која држава те има најмногу воодушевено, според начин на живот, функционалност, едноставност, среќа… од каде би требало да земеме пример и ние за таков начин на живеење?

Тешко прашање. Мислам дека од секоја земја треба да се земе пример за одредени работи. Во Чешка ми се допаѓа гордоста што Чесите ја имаат за својата култура и колку се грижат за тоа и колку го ценат својот јазик. Во Холандија ме одушеви колку се луѓето опуштени и не се нервираат. Толку се фини, што едно време мислев дека некој ме зеза. Но, кога ќе поразговараш со некој кој живее долго време таму, а е дојден од друга држава, сфаќаш дека едноставно луѓето се такви. Дали од мали ги учат на такво однесување, дали е генетика, не знам. Мислам дека за почеток е доволно секој да си ја врши својата работа кај нас, па за друго после ќе биде полесно.

Photo: Vojkan Milenkovik
  1. Која е следна дестинација на твојата листа за патувања? Кои места би сакал да ги посетиш кои досега ги немаш посетено?

Следна дестинација – Крит есенва. На листа на желби за нови дестинации – Јапонија (веќе се години се’ нешто ќе излезе и морам да откажам планирање), Мароко, Перу, Мјанмар. Сè друго што ќе дојде како дестинација е добредојдено.

Photo: Vojkan Milenkoviк

Војкан,ти благодарам што сподели со нас дел од твоите фотографии и одвои време за да одговориш на нашите прашања.

Photo: Vojkan Milenkoviк

Можеби сте имале среќа Војкан да ја фотографира вашата свадба, можеби денес првпат разбравте за него и неговата работа, но едно е сигурно – секој би посакал да има вакви врамени ремек дела од својот најсреќен ден во животот.

А, додека чекаме да сподели нови фото доживувања од светот – разгледајте повеќе фотографиите од Војкан на овој линк.

Разговараше: А. Петровска

Фотографии: Приватна архива на Војкан Миленковиќ

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон