Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Дали Ибица е најдоброто место за забава во светот? Да! – и според светски топ листи на најдобри места за забава во светот и од моето досегашно искуство.

На самиот почеток, да го разбијам митот – Дали Ибица е остров за забава само за млади? Не, во клубовите на Ибица може да сретнете луѓе од 18 години па се’ над 70 годишна возраст како уживаат во музиката и атмосферата. Никогаш не сте престари за Ибица ако го носите во себе духот на островот. Ибица е за секој што сака да се забавува, за секој што ужива да слуша и танцува на електронска музика – во текот на сите 24 часа во денот. Ибица никогаш не спие!

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Доживувањето на Ибица започнува уште во авионот на летот за островот, каде сите патници започнуваат да се забавуваат уште пред авионот да го допре тлото, како ни на еден друг лет, па ни јас не можев да останам рамнодушна на целата таа весела, возбудена и среќна атмосфера. Сите патници свесни дека одиме барем на неколку дена да го оставиме останатиот свет зад нас и да уживаме во добра музика во најдобрите клубови на светот, со пријателски расположени лица од цел свет, да го доживееме толку зборуваното зајдисонце кај Café del Mar и ако имаме време – да посетиме некоја од плажите и да нурнеме во кристално чистата морска вода.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

На аеродромот не’ пречекува огромен натпис “Hi Ibiza” (“Здраво Ибица”) од најдобриот клуб на светот за 2022 и 2023 година – Hi Ibiza (поранешен Space клуб), каде на огромни постери над вратите за излез е претставена програмата на клубот за оваа сезона и секако е клуб кој не треба да се пропушти, па уште при планирање на ова патување, ни беше ставен во нашиот распоред, а картите за влез купени неколку дена пред да пристигнеме. Карти за клубовите може да купите online на официјалните страни за продажба или во некој од кафе баровите насекаде низ островот, па дури и на автобуската станица во Сан Антонио, а и на влезот на клубот. (на влезот на клубовите картите се поскапи за околу 10%).

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Островот знае од и за што живее и зошто се посетува, па на секој билборд кој ќе го видите по пат изникнува лице на познат диџеј и клубот во кој настапува. Дури и автобуските станици и автобусите се облепени со вакви плакати.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ибица, уште е позната и како бел остров заради бела архитектура – објектите на островот најчесто се со бела фасада, а тоа се забележува уште веднаш, при возење од аеродромот кон местото за сместување, а најпопуларни места за сместување се: градот Ибица, Сан Антонио и Плаја ден Боса каде се наоѓаат најпопуларните клубови.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Бидејќи Ибица никогаш не спие, треба да си направите солиден распоред како да ги издржите сите денови таму, а тешко е да се одолее на набиениот распоред на клубовите, каде во летната сезона секојдневно резиденти се моментално најдобрите и најпопуларните светски диџеи. Па, може да се случи во еден ден да ги слушате во живо  Дaвид Гета, Мартин Гарикс, Армин Ван Бјурен, Калвин Харис, Медуза, Тиесто, Кајго…

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Сместување, краток одмор и забавата може да започне.

Преку ден забавите се во клубовите на плажа (како O’Beach), кои започнуваат на пладне, па се продолжува во некој од клубовите како Ushuaia кој започнува со работа од 15 или 17 часот, се’ до 23 часот, а потоа веднаш (или од 23.30 мин) може да се продолжи од карши или поточно во Hi Ibiza се’ до утринските часови, т.е до 6 наутро. Освен овие клубови, не треба да се заобиколат и: Ammnesia, Pacha, Eden, Pikes

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ushuaia e огромен клуб на отворено, со базен и вип дел, ограден со хотел, па ако се сместите во хотелот, на овие забави може да присуствувате и од балконот на вашата соба. Оваа година во Ushuaia резиденти беа: Тиесто, Давид Гета, Калвин Харис, Мартин Гарикс, Кајго, Армин Ван Бјурен, Димитри Вегас или најзвучните диџејски имиња во светот, а сцената беше различна за секој ден од неделата.  Веќе споменатиот Дaвид Гета, кој е најследен и најстримуван диџеј во светот, е и првиот диџеј во светот кој бил резидент два дена во неделата во два различни клуба, а тоa се случи за првпат оваа година, каде освен во Ushuaia, тој беше резидент диџеј и во Hi Ibiza.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Најдобриот клуб на светот Hi Ibiza e голем клуб, кој собира 5000 посетители, одлично организиран, со обезбедување кое внимава на секој детал, со ‘тајна’ градина на отворено за одмор и тематски шанкови, а во исто време во клубот во три различни простории (Teatro room, Club Room и Wild corner) настапуваат три различни диџеи – па така, јас тука успеав во една вечер да ги слушам Медуза и Џејмс Хајп во Club room, Давид Гета во Teatro room и Вуди Кук во Wild corner кој е најголемиот тоалет во клубот.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Да, во Hi Ibiza има диџеј и во тоалетот! Колку и да звучи неверојатно, ова е многу пријатно изненадување, бидејќи името на диџејот кој ќе настапи во тоалетот не се открива се до почетокот на вечерта, па во тоалетот може да ги фатите како настапуваат имиња како Фетбој Слим, Идрис Елба и сл. Во најдобриот клуб на светот забавата не престанува ни додека сте во тоалет, па во тоалетот поминавме околу час – час ипол, забавувајќи се во лудата, несекојдневна атмосфера. Овде атмосферата те носи и те држи на нозе, сите се забавуваат, но времето лета, па 6 часот наутро некако многу брзо доаѓа и иако изморени, ретко кој го напушта клубот пред затварање.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

По напуштање на клубот, редот за такси е огромен, но перфектно организиран, па нема недостаток на возила, а освен такси, има диско бус кој вози од/до диско клубовите од/до местата за сместување.

Ако треба да направам споредба со настапите на диџеите кои и претходно ги имам слушано кај нас, во околината или на друго место во светот и сега на Ибица  – Не, не може да се споредат забавите во клубовите на Ибица со кои било забави на друго место во светот. Има зошто Ибица е број 1 дестинација за забава – ова е домот на диџеите, каде тие го даваат најдоброто од себе на настапите, имаат одлична интеракција со публиката која е дојдена да се забавува, а не да биде видена, сите се облечени удобно и послободно, но според наведен дрес код на клубот (во клубовите е забранет влез во костими за капење и останата облека за на плажа, папучи и спортски дресови). А, ако имате среќа, во некој од овие клубови може да налетате и на позната холивудска ѕвезда или свестки познат пејач/пејачка.

Потребно е и време за релаксација и запознавање на островот, па одвоивме време и за посета на стариот дел на градот Ибица и пристаништето, каде за разлика од другите делови на островот, овде објектите се шаренолики, а може да го имате градот на дланка од тврдината која се наоѓа на највисокиот дел во местото. Од пристаништето во градот може да тргнете со брод до некоја од околните, убави плажи, како на пример на островот Форментера.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во Сан Антонио може да го започнете денот со кафе и појадок во некој од кафе баровите и рестораните во центарот на градот или покрај плажата, да изнајмите лежалки или едноставно да ставите пешкир и да одмарате на пространата плажа , па да продолжите со шопинг во многуте продавници или на дневна журка во некој од клубовите на плажа, а попладнето во Сан Антонио е резервирано за зајдисонце.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Посетата на Ибица не би била потполна ако не се посетат Café del Mar и Mambo, од чии тераси се ужива во спектакуларното зајдисонце со соодветна chill музика во позадина, а за да не го пропуштите зајдисонцето и да знаете за во колку часот да направите резервација за место (ретко има слободни маси на лице место, па потребно е да се резервира неколку дена претходно), на веб страните на овие два бара секојдневно е наведено точното време на заоѓањето. Ние имавме среќа што бевме сместени во непосредна близина, па неколкупати успеавме да уживаме во зајдисонцето. Боите на зајдисонцето се навистина спектакуларни, атмосферата незаборавна, музиката до секунда темпирана и погодена, а крајот е со аплауз.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ибица е раздвижен остров, со туристи од секаде на светот, а најчести се: Италијани, Французи, Британци, Германци, Скандинавци и секако домашните – Шпанци. Од нашето најблиско опкружување, при мојот престој на островот, сретнавме само две девојки од Словенија.

Кој е најдобар период за посета на Ибица? – Сезоната трае од мај до октомври, на почеток на октомври се завршните забави во клубовите, а и времето веќе не е топло како од мај до септември. Ако не сакате да ја фатите најголемата гужва, тогаш најдобро време за посета е почеток на јуни и септември.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Атмосферата на аеродромот при враќање од Ибица е дијаметрално различна од атмосферата при пристигнувањето, па така на аеродромот има и патници кои се дојдени директно од клуб, ненаспани, изморени, па додека го чекаат својот лет за дома, пробуваат да се одморат и дремнат. И во авионот не е поразлично, сите ги фаќа заморот од забавите на островот, но секој би останал уште некој ден плус на Ибица.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Пишувајќи го текстов, сфаќам дека Ибица не може да се раскаже, Ибица треба да се доживее, а текстов е само обид да ви доловам мал дел од одличната атмосфера на островот за да ве поттикнам да ја посетите. Ретко кој само еднаш ја посетил Ибица. Јас секако веќе правам планови за повторна посета. 🙂

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон