Од наредната година, хотелите и приватните сместувачки капацитети во Грција ќе бидат поскапи заради воведување на повисоки туристички такси за престој, a парите од овие такси ќе одат во фонд за борба против последиците од климатските промени.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис изјави дека фондот за санација на елементарни непогоди (во летниот период голем дел од територијата на Грција е зафатена со пожари и поплави) ќе се зголеми на 600 милиони евра и поради оваа причина ќе се зголеми и данокот за престој, при што од зголемувањето на дневната туристичка такса ќе се обезбедат дополнителни 300 милиони евра.
Според грчката телевизија ЕRT, туристичките такси во зависност од категоријата на сместување, ќе се движат од 1,5 до 10 евра по соба на ден.
Ова ќе бидат новите цени за туристичка такса по сместувачка единица на ден:
- 1,5 евро на ден за приватни соби, студија, апартмани и хотели со 1 и 2 ѕвезди (стара цена = 0,5 евра)
- 3 евра по соба на ден за хотели со три ѕвезди (стара цена = 1,5 евра)
- 7 евра по соба за хотели со четири ѕвезди (стара цена = 3 евра)
- 10 евра по соба за хотели со пет ѕвезди (стара цена = 4 евра)