Желбата да го посетиме Кокино, но и да го искусиме изгрејсонцето ни даде идеја за еднодневно кампување на локалитетот. Подготвивме кампинг опрема, која се состоеше од: шатор, вреќи за спиење, светилки, храна, вода и уште некои дополнителни потребни работи. Не знаевме што не’ чека, но знаевме дека ќе биде интересно и возбудливо доживување. И тргнавме…

По 2 часа возење со автомобил од Гостивар стигнавме до Кокино. Пред нас – едно карпесто здание, уметничко ремек дело направено во симбиоза на Мајката Природа и човекот за да послужи за секојдневно набљудување на небесните тела и правење на календари, кое ти влева некакво чувство на мистичност и почит спрема местово.

По пешачење од околу 500 метри се искачивме на една од платформите, каде што и го поставивме кампот, за релаксирано да седнеме да уживаме во зајдисонцето.

Најверојатно едно од најубавите зајдисонца кои сум ги доживеал до сега. Подоцна на небото се појавија безброј ѕвезди во кои ти се губи погледот и се чувствуваш како едно микроскопско зрно во сета таа бесконечност. Скоро и да не спиевме ноќта, возбудени од помислата на изгрејсонцето.

Дојде и тој миг, во 5 часот и 2 минути веќе бевме спремни да го пречекаме првиот зрак седнати на троновите, кои патем и не се баш удобни за кралот и кралицата. 🙂

Првите зраци од сонцето ги огреаа нашите лица, а подоцна ја осветлија и цела опсерваторија.

Бевме среќни што се наоѓаме во вистинско време на вистинското место.

Сето ова навистина не може толку автентично да се долови со зборови и фотографии, треба да се доживее на лице место, што тотално го препорачувам.

 

Автор на текст и фотографии: Марјан Петроски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон