Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

“Добро дојдовте во рајот на Земјата” – со оваа реченица треба да биде пречекуван секој посетител на Малдиви при неговото стапнување на овие рајски острови.

Малдиви не се само прескапи ресорти со куќички над вода на приватни острови и не се само опција за патување на меден месец. Малдиви не е премногу скапа дестинација ако се одлучите да се сместите на остров на кој живее и локално население. Сепак, за комплетно доживување на Малдиви потребно е да се посети и остров со локални жители и приватен остров – ресорт со куќички над вода, кои несомнено се прва асоцијација за оваа островска земја.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Пред да зафати пандемијата од Ковид-19 имав зацртано план да ги посетам Малдиви, Мароко, Мексико, но пандемијата ги одложи моите планови на неодредено време, па конечно во март оваа година успеав да реализирам едно од овие мои посакувани патувања, ни помалку, ни повеќе – Малдиви, за каде си мислев дека ќе ги поминувам деновите на плажа, одмарајќи се во тиркизната кристално-чистата, топла, морска вода, читајќи книга и дегустирајќи освежителни коктели. Но, Малдиви се покажа како многу подинамична дестинација, со возбудливи, авантуристички и адрeналински доживувања и со нови познанства.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Малдиви се околу 1200 острови во Индискиот океан, групирани во 26 атоли, од кои 200 се населени, а 80 се користат само за туризам и голем број од локалното население нема стапнато на приватните острови – ресорти. Овие острови се со вкупна површина од 298 км2, каде живеат околу 338.000 жители, а главен град е Мале. Локалното население зборува индоевропски јазик – дивехи, но исто така секој од нив знае и англиски јазик, бидејќи го учат во училиште, каде одредени предмети ги учат целосно на англиски јазик. Климата е тропска, со просечна температура од 29 до 32 степени Целзиусови, а најдобар период за посета е од декември до април, кога времето е топло и суво, без тропски врнежи. Но, на Малдиви е топло 365 дена во годината. Официјална религија е Ислам, па на островите каде живее локално население забрането е консумирање на алкохол, што не е случај со приватните острови – ресорти, исто така забранет е и нудизам и не е дозволен престој во ресторани облечени во костими за капење. Овие острови живеат од туризам и риболов.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Моето патување кон Малдиви започна од Скопје преку Истанбул до Мале. Летот од Скопје до Истанбул многупати ми е поминат, па и овој пат ми помина премногу брзо тој час, час и половина, но затоа пак летот од Истанбул кон Мале трае околу 8 часа, и имавме среќа што летот не беше целосно полн, па тие 8 часа сите ги поминавме раширени на повеќе седишта, кратејќи време со гледање филмови, дегустирајќи авионска храна и следејќи го летот на екранот. Среќна што имав седиште до прозор во авионот, па уживав во неверојатната глетка пред слетување – голема тиркизна водна површина во која како од сред нигде изникнуваа помали и поголеми острови. Погледот кон куќичките над вода ме освестија дека навистина пристигнувам на Малдиви и дека веќе можам да го ставам на глава големиот, сламен шешир и да се препуштам на ова ново искуство.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Од Мале со брз брод пристигнавме на островот Мафуши, најпопуларен остров каде живее и локално население и кој е одлична можност да се доживеат Малдиви од тој аспект – комуницирајќи и дружејќи се со локалци, шетајќи по мали, колоритни улички (секако ниедна уличка не е асфалтирана, сите улици се со бел песок, па освен папучи, не се потребни друг вид на обувки), дегустирајќи превкусна локална храна во многуте ресторанчиња, како: нудли, свежи морски плодови, домашен сладолед од кокос, уживајќи во ноќниот живот со разновидни настани организирани од страна на хотелот во кој престојувавме или ноќен клуб – како: вечер на традиционална музика, кино на песок, журка со диџеј на плажа… И се’ тоа на остров долг 1,2 километри, а широк само 260 метри.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Бидејќи на островот живее и локално муслиманско население, забранет е алкохол, па на плажа се дегустираат здрави сокчиња од свежо цедено овошје како: манго, папаја, лубеница, портокал, ананас, кокос и безалкохолни коктели. И сите тие сокчиња чинат по 3 до 4 долари, дури поевтино и од локалите во Скопје. Но, ако навистина не може да издржите без алкохол – тука е бродот за забава со алкохол. Тоа е брод кој навечер плови во близина на овој остров и до кој се стигнува со чамец или помало бротче кое превезува патници од брегот до бродот и обратно.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Нашиот водич Милош кој престојува на овој остров веќе неколку месеци е одлично вклопен во животот на овој остров, па беше упатен и за овој брод, на кој легално се служи алкохол бидејќи се наоѓа во вода, подалеку од островот, па со него го посетивме бродот на забавата со алкохол. Навистина, изборот на алкохол на бродот беше скромен: еден вид на пиво, џин, виски и мохито, а цената како за суво злато, но еј – се наоѓавме на Малдиви, на сред океан на брод со диџеј кој пушташе музика со хитчиња од 2010 па наваму, авантура – вечер што за ништо не би ја менувал секој од нас кој беше на бродот. Наредното утро следуваше “детокс” на плажа со свежо цедени сокчиња.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Плажите и тиркизната вода на Малдиви го надмина секое мое претходно доживување на плажи низ светот. До сега врв ми беа плажите на Куба со Карибската тиркизна боја, но плажите на Малдиви ги надминаа. Ситниот бел песок никогаш не е прежежок за чекорење бос по него, па по песочните плажи може да шетате во текот на целиот ден, но заштитени со крем за заштита од сончеви зраци со фактор 50-ка, никако послаб! Заради близината на екваторот, Сонцето тука силно пече и ретко кој нема да изгори. На Малдиви за првпат во продавниците видов и крем за заштита од Сонце со фактор 60-ка.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

На Малдиви никој не брза, ќе порачате храна и ќе ја чекате околу половина час, можеби невообичаено за наши услови, но секојдневие на Малдиви. Локалците кои се вработени во хотелот каде што престојувавме и кои беа задолжени за дел од екскурзиите, секогаш беа со нас – да ни се најдат, но и да ни ја приближат и прикажат нивната култура и начин на живот. Па така со локалниот водич за екскурзии за нуркање Али пробавме Betel nuts чипс, кое го користат после јадење како освежувач за уста, за кое морам да признаам имаше премногу интензивен вкус, а пробавме и традиционалното слатко Bondi, кое може да се најде во скоро секој маркет и е направено од сув, рендан кокос, густ сируп и вода со вкус на јасмин, кое исто така е и одличен сувенир-подарок.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Едно од најнезаборавните и адрналински доживувања кое ќе го паметам засекогаш е пливањето со ајкули. Според локалците кои ги работеа овие екскурзии со нуркање, ајкулите не се опасни риби, туку луѓето ја имаат создадено таа лоша слика за нив. И навистина, по пливањето со можеби повеќе од 50 ајкули во моја непосредна близина сред океанот, можам да се сложам со нив, иако не сум сигурна дека некогаш би го повторила ова пливање.

Како да не беше доволно пливањето со ајкули, на островот Фулидо отидовме да прошириме познанства со ражи. Ражите таму пливаат до самиот брег, расположени за дружење и галење со луѓе, но треба да се внимава да не се згазнат и да не се прават нагли движења додека се во непосредна близина, бидејќи може да ве прободат со опашката. Смрт предизвикана од ражи е екстремно ретка, бидејќи треба да ве погодат директно во срце со опашката за да настрадате.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Не’ поздрави и јато делфини кои пливаа околу нашиот брод, дел изведуваа акробации над вода, а за кои немавме многу среќа да пливаме и нуркаме заедно со нив, бидејќи иако се обидовме да пливаме по нив – ги пропуштивме, но успеавме да нуркаме со големи водни желки, ражи, многу рипчиња како од фимот “Немо”, како и интересно-чудни риби “еднорози” и да уживаме во подводната глетка на корали.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ручек на бел песок, под чадор на песочен насип е уште една од многуте работи кои се несекојдневно доживување на Малдиви. Песочен насип сред океан создаден со повлекување на водата кој постои само во одреден дел од денот, додека повторно не го покрие тиркизната вода е совршено место за релаксирање и создавање неповторливи фотографии, како и за логорски оган сред зајдисонце.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

За да го комплетираме доживувањето на Малдиви, го посетивме приватниот остров – ресорт Sun Siyam Olhuveli. За каков совршен остров станува збор ни стана јасно уште при самото стапнување на него, кога не’ дочека вработен во ресортот и пред мапа на островот ни ги објасни сите негови содржини, за кој никој од нас немаше што да забележи дека му недостасува. Ресортот содржи 3 различни видови на куќички над вода, повеќе видови на бунгалови на плажа, бунгалови со градина, бунгалови со базен, 3 барови со базени на самата плажа, тениски игралишта, детски игралишта, амбуланта, градина со папагали, спа центар, центар за нуркање, повеќе ресторани, а до ресторанот за ручек се стигнува со превозно средство Buggy – кабриолет со повеќе седишта, кој поминува на неколкуте станици низ ресортот на секои 15 минути.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Островот е баш онака како што си ги имам замислувано Малдиви – рај на земјата, се’ e прилагодено на максимално уживање и релаксација за што се грижат сите вработени кои секогаш ќе не’ сретнеа во ресорот љубезно не’ поздравуваа. Има се’ што ми е потребно.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Топла тиркизна вода, бел песок, палми, куќички над вода. Првото чекорење по мостот кој води кон куќичките над вода е моментот кога си реков дека ова мое патување сакам да трае уште мнооогу долго, а особено престојот во овој ресорт. Но, се што е убаво – кратко трае, па времето на Малдиви ми леташе премногу брзо.

Се обидов што е можно повеќе да уживам во прекрасната природа и во тиркизната вода, да бидам што помалку закачена на интернет со мојот телефон, да пробам скоро од секоја вкусна храна која се служеше, да тонам во мислите лулајќи се на некоја од удобните лулашки на плажите, да успеам да видам по некоја ража и мала ајкула во близина на брегот на островот, да се повозам со кајак, да извежбам aqua gym, па дури и јога за почетници на плажа, да уживам во боите на зајдисонцето и пријатното друштво во малдивските ноќи.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Секако, не недостасуваше и роматичниот дел на Малдиви, па така бевме сведоци на две сосема релаксирани венчавки на плажа, многу роматични вечери на свеќи на плажа, безброј срциња нацртани во песок, а посладната вечер и нашата група ја помина во свечена вечера на песок на плажата. Ако се земат во предвид секојдневните венчавки на плажа и романтични вечери тогаш најверојатно Малдиви е и број еден дестинација за свадбени патувања.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Малдиви е една од ретките дестинации која сакам повторно да ја посетам и тоа многу наскоро. Помалку ме вознемирува предвидувањето на научниците дека малдивските острови целосно ќе потонат под вода за околу 60 години (или до крајот на овој век), како последица на глобалното затоплување, но тоа е уште една причина плус да ги посетите што побрзо. Верувајте ми, ce’ што досега сте виделе не се споредува со Малдиви, а 50-те нијанси тиркизно – сино се малдивски уникат.

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон