„Како ништо досега што сум видел на планетава Земја“ – рекол актерот Мет Дејмон за пустината Вади Рум откако завршил со снимањето на филмот „Марсовец“ (The Martian, 2015). И навистина е така – пустината Вади Рум никого не оставила рамнодушен. Пустината Вади Рум, уште позната и како „Црвена планета“ поради изразито црвениот песок, служи како сценографија за снимање на секој филм посветен на планетата Марс. Но, оваа 720 км2 пустина е далеку од само имитација на Марс и важи за една од најубавите пустини на планетава.
Името Вади Рум потекнува од арапските зборови „вади“, што значи долина, исушено речно корито, дно на праокеан, и „ирам“, што значи висок, подигнат, издигнат. Научниците веруваат дека пустината настанала со големо распукнување на земјената површина, која во текот на своето енормно издигнување кршела огромни гранитни парчиња и песочни карпи од планините на афроарапската плоча.
Кон срцето на Вади Рум
Вади Рум станува интересна за останатиот дел од светот по заслуга на Томас Едвард Лоренс или многу попознат како Лоренс од Арабија, кој дел од својот живот поминал во пустината (од 1916 до 1918 година), борејќи се на страна на Арапите за време на Првата светска војна, кога Британците поттикнувале востание на Арапите против Османлиското царство. А воодушевувањето од оваа воедно сурова и најубава пустина, Лоренс го опишал во книгата „Седум столбови на мудроста“.
Најчесто, размислување за пустините е дека се огромни, суви песочни површини, кои е добро да се избегнуваат заради јакото сонце кое немилосрдно пече и заради суровите услови – големите дневни и ноќни температурни разлики. Но, кога ќе влезете подлабоко во пустината, се отвора сосема нов свет и заборавате на сите претходни предупредувања.
Нашиот возач и водич низ пустината
Патувањето кон срцето на Вади Рум го започнавме со не многу брзо возење во постар отворен џип, во попладневните часови, откако се намали интензитетот на сончевите зраци, а имаше уште долго време до зајдисонцето, кое треба да се доживее во пустината. Со самото стапнување во пустината, повеќе ништо не е исто…
Возењето по пустинските дини, опкружени со високи црвени карпи, е вистинска атракција, и буквално сакам секој можен пејзаж пред мене да го меморирам длабоко во себе и се борам со себеси и апаратот за фотографирање – дали да се препуштам на бескрајно штракање со апаратот, или да се препуштам на уживање во несекојдневниот поглед. Топол црвен песок под мене, црвени карпи околу мене, црвено сонце над мене.
Логорот на Бедуините
Застануваме до карпи на кои се гледаат остатоци од петроглифи. Стари се со векови и претставуваат прв ваков пишан документ на античките жители на Вади Рум. Иако е пустина, ова место отсекогаш било населено. Потомци на античките жители се бедуините, кои се занимавале со одгледување на кози и камили. Бедуините се сè уште присутни во пустинава. Тие се посебен народ, створени да живеат во пустински услови, живеат во големи шатори направени од различни платна склопени во една целина. Посетителите ги пречекуваат насмеани и со топол чај. Пустина не си доживеал како што треба, ако не седнеш на чај со бедуини. Чајот е највкусниот дел од ова патешествие, иако се пие топол на над 40°С.
Петроглифи врежани на карпи во пустината
Нашиот домаќин бедуин е ситен, постар човек кој и не знае добро англиски јазик, па повеќе се разбираме со мимики, отколку со зборови. Нè послужува со чај во традиционални стаклени чашки за чај, а млазот на чајот го истура од чајникот кој е повеќе од 50 сантиметри оддалечен од чашката. Тоа е една од тајните за вкусот на чајот, бидејќи така ставен во чаша поприма повеќе воздух и добива подобар вкус. И, навистина чајот е превкусен. Иако е еден од најјаките чаеви кои некогаш сум ги пробала, сепак испив две чашки чај, со што ја згаснав мојата жед, а воедно и го испочитував домаќинот.
Пушка од немирните времиња на Лоренс од Арабија
Не премногу долгото време кое го имаме да го поминеме во бедуинскиот шатор, го користиме за растегнување на миндракот, целата атмосфера тука е како времето да застанало. Бедуинот ни покажува пушка која ни тврди дека е од времето на Лоренс од Арабија, ако не и негова. Се гледа дека е горд на своето потекло и е многу возбуден додека ни покажува дека оваа пушка, иако е празна, сè уште е функционална. Имаат ситници за продавање кои се многу убаво изработени и, секако, се драг спомен од Вади Рум, како стари резбани огледалца украсени со разнобојни камчиња, плетени алки со фигури од камили, камени скулптурички, предмети кои не може да ги најдете во стандардна продавница за сувенири.
Секако дека купувам неколку сувенири и добивам еден на поклон, тоа се подразбира не само во пустинава, туку насекаде низ Јордан. Кога сум веќе кај бедуините, не може а да не ми текне на приказните што кружат низ цел свет, за заводничките способности на згодните бедуини со темен тен и светли очи, на кои имуни не останале жени од Европа и останатите континенти. За моја среќа (или жал), јас не налетав на млад, неодолив бедуин.
Главното обележје на оваа пустина е местото каде што некогаш бил логорот на Лоренс од Арабија. Тоа е дел од пустината кој е заграден со огромни високи карпи, не случајно одбран за логор – заштитнички заграден од сите страни со карпи и секаков звук се одзива како ехо во логорот. Со викање се уверуваме во автентичноста на ехото.
Ликот на Лоренс од Арабије вграден во карпа
Во една карпа сè уште стои издлабен ликот на Лоренс. Од куќата во која престојувал, денеска се останати само темелите и бунарот што сè уште има свежа вода.
Местото каде што се наоѓал логорот на Лоренс од Арабија
Времето изминува и се наближува зајдисонцето. Брзаме да фатиме убава позиција за набљудување на спектарот од бои кои ќе се појават на небото. Со обувките во раце, стапалата потонати во песокот, се искачуваме на една висока црвена карпа. Во далечината се губат последните сончеви зраци, а боите се спектакуларни: жолто-црвени нијанси кои се преточуваат во пурпурни. Неверојатна игра на бои и сенка.
Пустинската тишина му дава уште поголемо значење на зајдисонцето, и додека седам на висока карпа сред пустина си помислувам како сакам овој момент вечно да трае, или барем колку што е можно подолго. По не знам кој пат се согласувам со зборовите на Лоренс од Арабија, кој зајдисонцето во Вади Рум го опишал само со една, но прецизно точна реченица: „Вечерното руменило ги обвива моќните карпи и клисури со пурпурен оган“.
Туристички пустински камп
Под карпата во далечината се гледа пустинскиот камп во кој може да се преноќи. Условите, секако, не се како во хотел со пет ѕвезди, но доживувањето е бесценето и се памти до крајот на животот.
Што и да се изнапише за Вади Рум – малку е. Сите напишани зборови не можат да ја доловат вистинската слика и чувствата што ги буди Вади Рум кога се седи на топлиот црвен песок, опкружен со црвени карпи, тонејќи во тишината сред спектар на бои од зајдисонце, со чувство дека духот на Лоренс лебди насекаде низ пустината.
„Марсовски“ пејсаж во пустина
Додека не ја посетите Вади Рум, можете да уживате во нејзините пејзажи преку ТВ екраните, таа е природна сценографија во филмовите: „Лоренс од Арабија“ (1968), „Страст во пустина“ (1998), „Прометеј“, „Последните денови на Марс“, како и најновиот „Марсовец“ (2015).
А, за да се зачува природната убавина на Вади Рум, пустината е заштитено подрачје под УНЕСКО.
Ниви сред пустина
Изгледа невозможно, но под површината на Вади Рум се наоѓаат големи залихи на подземна вода. Подземната вода се користи за наводнување на пустинското тло на кое бедуините, кои живеат во пустината, одгледуваат зеленчук, житарки и сточна храна. За наводнување користат иста техника каква што користеле старите Египќани и Набатејци, а која и после толку векови – и понатаму дава одлични резултати. Водата се црпи од земја, од длабочина од 30 до 400 метри, и кружни полиња се наводнуваат со помош на подвижна рампа со млазови.
Органски фарми среде пустина
Исто така, се користат и посебни т.н. пластични тунели кои помагаат водата да се задржи што подолго, а растенијата што полесно да ги поднесуваат екстремните пустински температури. Во Вади Рум се наоѓаат и јорданските резерви на питка вода, доволни за наредните 40 години. Дури и доста оддалечениот главен град – Аман се снабдува со вода за пиење од ова подрачје.
Наводнување во пустина
Железница на Аџиите
На неколку места во Вади Рум има делови од пруга кои припаѓаат на Хеџаз железницата. Изградбата на оваа железница започнала во 1900 година, како потреба за транспорт на муслиманските аџии во Мека. Железничката мрежа ги поврзувала Дамаск (Сирија) со Медина (Саудиска Арабија) и се одвојувала кон Хаифа на Медитеранот и кон внатрешноста до Босфор.
Дел од железницата во пустината
Поради почетокот на Првата светска војна, дел од пругата кон светиот град Мека не е доизграден, а железничката мрежа долга преку 1.300 километри е наречена „Железница на аџиите“. Денеска во функција се деловите на старата траса позната под името Јорданска Хеџат железница, која ги поврзува Аман и Дамаск, и Акаба железница која служи за превоз на фосфат.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон