Photo: Sabina Kirilovski

Магичното Кралство на Дизниленд (Magic Kingdom Theme Park/Walt Disney World Resort) во Орландо, САД е едно од најсовршените и најмагичните места кои сум ги посетила до сега.

За моја среќа, пред две години бев поканета од моите пријатели во Орландо да го прославам Денот на Благодарноста и Божиќ со нив, следејќи ги американските традиции. За мене тоа беше неверојатно искуство. Бев воодушевена од гестот кога како подарок за добредојде ми дадоа плик во кој имаше влезница за Магичното Кралство на Дизниленд.

Photo: Sabina Kirilovski

Kога пристигнавме во Дизниленд уште при самиот влез бев воодушевена од редот и организираноста на местото. На влезот ми дадоа значка на која пишуваше “Првпат посетител” (first time visitor) и каде и да отидевме, сите вработени ми честитаа за изборот и средечно ме поздравуваа велејќи “Добредојде и имајте магичен ден”. Покрај значката, ни дадоа и смарт часовници, кои всушност беа наши влезници каде што беа внесени нашите податоци, заедно со влезниците за одбраните места за посета, како и резервацијата за вечера во еден од рестораните.

Photo: Sabina Kirilovski

Светот на Дизни во Орландо се протега на 126 илјади километри и е буквално цел град кој има сопствен транспортен систем, тематски паркови, хотели, продавници со тематски сувенири и многу други магични искуства.

Магичното кралство се состои од 4 парка: Замокот на Пепелашка (Cinderella’s castle), Кралството на животните (Animal Kingdom), Холивудските Студија (Hollywood Studios) и Епкот (Epcot). Најиконичен од сите 4 паркови е “Замокот на Пепелашка”, кој јас имав среќа да го посетам.

Photo: Sabina Kirilovski

Прво го посетивме Епкот кој е идеален за љубителите на агрокултурата и тука може да се видат светски изложени павиљони, аквариуми, аквапоника и сл. и е единственото место каде што можат да се запознаат Елза и Ана од “Снежното Кралство” (Frozen).

Photo: Sabina Kirilovski

Следен на ред беше паркот – Замокот на Пепелашка кој се протега на 60.000 метри квадратни. Посетители имаше илјадници – повеќечлени семејства со своите неколку месечни бебиња и деца, тинејџери, како и повозрасни луѓе и баби и дедовци кои беа над 70 годишна возраст.

Photo: Sabina Kirilovski

Иако беше крај на Ноември, паркот веќе беше новогодишно украсен со разнобојни сијалички, елки – која од која поубава и поголема, балони, божиќни украси, се слушаа божиќните хитови како и хитовите од Дизни, детски џагор, смеење, пеење … Беше буквално како во божиќните филмови на “Халмарк” – весели млади и стари луѓе, кои уживаа во тој сосема поинаков магичен свет, јадејќи шеќерен памук и глазирани шеќерни јаболка, носејќи Дизни реквизити и шарени балони на хелиум. Сите додатни декоративни детали на чашите и чиниите беа во Дизни стилот.

Photo: Sabina Kirilovski

Кога сонцето почна да заоѓа, паркот започна да се преоблекува за ноќниот бал. Надворешноста ја осветлуваа милиони разнобојни светла. Точно во 22 часот беше најавен спектакуларен огномет, кој сите со нетрпение го очекуваа.

Photo: Sabina Kirilovski

Бев сведок на најспектакуларниот, најразнобојниот, најемотивниот огномет кој траеше цели 18 минути, проследен со најпознатите хитови од Дизни, светла, ласери како и специјални ефекти. Самиот замок сјаеше во разнобојни бои кои беа направени од најсовремени уметнички проекции кои ги имав видено во мојот живот. Сите тие илјадници посетители беа со подотворени усти и со воодушевување уживаа во овој спектакл:

Посетата на овој парк беше едно од поубавите и повозбудливите искуства што ги имам доживеано во Америка, како и пошироко. Тоа беше најубавиот Божиќ во мојот живот.

Photo: Sabina Kirilovski

И да, доколку повторно имам шанса да патувам во Орландо, Магичното Кралство на Дизниленд пак ќе ми биде едно од местата за посета. Магичното Кралство – место каде што фантазиите стануваат реалност.

Автор на текст, фотографии и видео: Сабина Кириловски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон