Ова се неколку најважни работи кои треба да ги направите пред патување во европски град:

  • Купете билет за превоз до вашата дестинација.

Ако не патувате до некоја соседна држава, тогаш најбрза опција е патување до дестинацијата со авион. Најдобро е авионскиот билет да го купите месец  дена или порано од предвидениот датум за летање. Проверете ги попустите кои авионските компании ги имаат во определен дел од годината и секако проверете ги цените за бараниот лет на интернет пребарувачите кои нудат поволни авионски карти, како : expedia.com ,  kayak.com, kiwi.com , skyscanner.com  и сл. Проверете дали ви е потребна виза за државата каде патувате, исто така имајте во предвид дека некогаш е потребна и транзит виза (ако не летате со директен лет), која не секогаш се издава на аеродромот на кој сте во транзитен премин.

  • Резервирајте место каде ќе се сместите

Не се сите европски градови евтини за сместување, дури и за краток престој од неколку денови, па затоа освен хотели, ако патувате со помал буџет , имајте ги во предвид и хостелите. Хостелите се поевтини, идеални за патување во пар или за поголемо друштво и најчесто се на добри локации. Исто така, освен хостелите, поевтина варијанта од хотели за сместување се AirBnB и CoachSurfing. Вашиот избор за сместување треба да биде блиску до јавен превоз (метро станица, автобуска станица, железничка станица), да има wi-fi и дополнителна придобивка е да имате појадок вклучен во цената.

  • Најдете превоз за движење до/во градот

Разгледајте ги опциите и ако е потребно резервирајте превоз од аеродром до/од хотелот/хостелот/апартманот каде ќе треба да се сместите, особено ако слетувате доцна во ноќта или рано наутро. Јавниот транспорт ретко е активен 24/7, затоа земете во предвид и опции како такси превоз и shuttle bus.  Ако се движите низ градот со јавен превоз, секогаш е поисплатливо наместо билет за едно возење, да купите билет за дневно возење или билет со рок на траење од 48 или 72 часа. Секако, земете и бесплатна мапа на градот на која се обележани линиите на транспортните средства, за полесно снаоѓање низ градот. Овие мапи обично се наоѓаат на Инфо пултовите при излезот на аеродромите , на рецепциите на хотелите/хостелите, како и во повеќе продавници низ градот. Дополнително олеснување се мобилните апликации со мапи на градовите, па пред тргнување не заборавајте да ја симнете мапата на градот на вашиот мобилен телефон.

  • Направете листа со знаменитости кои сакате да ги посетите

Листата направете ја според времето кое го имате на располагање за посета и според тоа на што сакате да дадете предност за посета. Не оставајте се за во последен момент, бидејќи туристичките атракции најчесто имаат големи редови за влез и распродадени влезници. Проверете дали местото кое сакате да го посетите нуди интернет продажба на влезници. Земете ги во предвид и дневните тури со туристички водич и турите со hop on hop off автобусите, кои во текот на денот кружат низ сите поважни туристички атракции.

 

  • Пронајдете ги најдобрите ресторани во градот

За пронаоѓање на најдобрите места за јадење во градот,користете ги Tripadvisor.com и Google водичите ,каде може да најдете топ листи на најдобро рангирани ресторани во тој град,  рангирани според  коментари оставени од посетители. Секако проверете го и работното време на рестораните и кафулињата кои планирате да ги посетите. Ако не консумирате секаков вид на храна,ова е уште една причина зашто на време да најдете ресторан кој ќе одговара на вашиот начин на исхрана.

  • Проверете ја временската прогноза

За да знаете какво време ве очекува и дали да понесете чадор, гумени чизми или наочари за сонце, не заборавајте да проверите какво време ќе ве дочека на дестинацијата. И сонцето и дождот имаат своја убавина, а вие ќе бидете спремни за истражување на местото.