Дејството на оваа авантура се случува во 2017 година, но во ова време околу Новогодишните празници и Божиќ секогаш се сеќавам на неа со многу измешани чувства….
После прочитана статија на National Geographic (моја вечна инспирација) решив да тргнам за Индонезија на островот Јава, каде што се наоѓа главниот град Џакарта и после неколкудневно истражување на мегалополисот и со мал вовед во историјата на една од најгусто населените држави/острови на светот се упатив прво кон еден од најспектакуларните будистички храмови во светот, Borobudur, кој се’ уште се смета како еден од седумте светски чуда, а се’ уште не многу експлоатиран од светскиот масовен туризам.
Тоа беше попатна станица, а мојата цел беше источниот дел на Јава, поточно вулканот Merapi и кратерот Ijen. Индонезија, а посебно островот Јава е еден од најактивните вулкански подрачја на светот, со 16 активни вулкани, посебно во источниот дел близу до Бали.
Со оглед дека масовна туристичка дестинација како Бали не ми беше во фокус, јас имав една мисија – Да се спуштам на дното на кратерот Ijen, да пробам да го најдам Синиот Огин и да ги видам легендарните копачи на сулфурна руда. Веројатно мисијата ви звучи како извадок од филовите за Индијана Џонс, и се испостави дека е баш така. Освен што немаше никакво благо и што видов варијанта на Пеколот.
За да стасам до тој изолиран дел од островот, фатив воз од Џакарта до Surabaya (втор по големина град во Индонезија), изненаден од организираноста и пристојните возови во оваа азиска држава (што е права реткост), па од таму друг воз до Probbolingo. Од Probbolingo локално комби до Situbondo, и од таму веќе немав идеја како да стасам до малото заспано гратче Bondowoso. Ова е една од тие дестинации кои мораат да се патуваат исклучиво со ранец затоа што никогаш не се знае какво превозно средство треба да се фати до саканата дестинација.
На автобуската станица во Situbondo, чекајки автобус кој никогаш не се појави, локалец на мало скутерче се понуди да ме однесе до Bondowoso. Следната сцена се состои од низок aзијат на скутер, вашиот патописец пола метро повисок од него седнат позади со ранецот на грб.
Но, кој не се возел на скутер или во тук-тук во Азија…не бил во Азија! Сите правила на безбедност беа прекршени тој ден, и после една избушена гума на скутерот заради прекумерната тежина, јас успеав да стасам до Bondowoso.
Таму веќе ме чекаше локалниот водич кој детално ми ги објасни следните чекори. Имав еден цел ден да одморам, а одморот ми беше многу потребен затоа што она што ме чекаше испадна една од најголемите авантури во мојот патувачки живот.
Кратерот Ijen, дел од вулканот Merapi во кој на дното се наоѓа езеро, но заради високата концентрација на сулфур, кој буквално се излева во течна и гасовите форма од едно место, помешано со вода прави сулуфурна киселина. Самото езеро во суштина е еден голем резервоар на онаа течност со која одзатнувате мијалник, а изворот на сулфур до него претставува рудник на оваа супстанца која многу се користи во козметичката и хемиската индустрија.
Со оглед дека гасот излегува од дното на кратерот под огромен притисок и температура од 600 C при допир со воздухот понекогаш кондензира и се пали во облик на син растечен огин, правејќи една од најнереалните глетки што може природата да ги даде. Јас дојдов по Син Огин кој е мистериозен колку што е и редок.
Со оглед дека не постои можност да се спушти било каква механизација на дното на кратерот, ниту тоа е дозволено затоа што целата област е дел од национален парк, локалците се спуштаат во кратерот и мануелно ги кршат депозитите на сулфур и како камења, буквално на грб ги носат прво 300 метри нагоре по кратерот, а потоа 3 километри надолу до местото за обработка. Тоа го прават носејќи две корпи на грб кои тежат 70-90 кг (тежина на возрасен човек качен на грб), не носејќи никаква маска да се заштитат од отровните гасови на дното на кратерот и секако постои огромен ризик од паѓање. Кратерот не е обзебеден со никаква ограда, ниту има скали, туку само гола вулканска карпа со одење на сопствен ризик.
Една тура спуштање и качување која трае добри 6 саати, им носи цели 12 долари заработка! Тоа го прават два пати дневно. Тоа беше најлудиот факт кој претходно го знаев и кој ми создаваше еден голем немир пред тргање.
Тргнав со мојот возач на 24 декември (Католички Божиќ) веднаш после полноќ, со теренско возило низ планински пат со многу густа вегетација и потполна темница. По патот врнеше тропски дожд и очигледно само тој знаеше каде вози додека мене ме фаќаше блага нервоза. Со себе носев ламба за на глава, дебела јакна затоа што и покрај тропската клима, на врвот кој е малку под 3.000 мнв, станува многу студено, и индустриска маска со филтри за заштита од отровен гас, во овој случај сулфур.
После двочасовно маневрирање низ густата прашума стасавме на некоја ливада, на која имаше веќе доста луѓе и беше 2 часот по полноќ. Возачот кој слабо збореше англиски ми покажа правец, оди кај што одат сите, јас спијам тука и те чекам кога ќе се вратиш. Нормално дека немаше ни знак ни ништо, само рој од светлини кои се движеа некаде нагоре по планината. Од сите луѓе кои се движат по планината па потоа вулканот, некои се локални туристи, некои се локални да ги наречеме рудари/носачи/аргати. Во темницата не се разликува кој е кој. Јас веројатно бев еден од ретките странци, со оглед дека ова и ден денес не е популарна дестинација за странските туристи. Инфлуенсери во тоа време не ни постоеа, а во денешно време ова и онака би бил голем напор за нив.
Наредните два часа ги поминав во искачување по некаков пат, гледајќи чекор пред себе при константен успон. Во некој момент ми се приклучи едно помладо момче љубопитно од каде сум, и се испостави дека е еден од носачите на сулфурот. Немаше никакви заштитни средства ниту маска. Се викаше Andrew, има голема фамилија и сите ги издржува со таа работа. Сулфурот ги уништува белите дробови, отровен е, а тежината од 80 кг. што ја носат нaгоре буквалнo им ги деформира р’бетите, грбот и нозете. Никој од нив не издржува тука повеќе од неколку години. Ако успее да направи две тури тој ден, ќе заработи 25 долари.
Тоа ми беше еден голем отрезнувачки факт како живееме во западниот свет, а како некои други по малку среќни луѓе заработуваат за живот. Затоа 7 години покасно, секогаш на Католички Божиќ помислувам на тоа дете Andrew, дали се’ уште е жив и дали ја работи една од најлошите работи на светот.
По два часа почна да се чувствува остар мирис на сулфур, кој стануваше се поинтензивен се’ додека не дојдов на работ на кратерот. Самиот кратер е 1 километар во дијаметар и 300 метри длабок. Беше ноќ без месечина, стоев над некаков амбис од десно имаше знак: “Kawah Ijen” – “Забрането спуштање во кратерот!” и само гледав бел чад како се издига од црнилото. Технички кажано оваа атракција е сосема нелегална. Помислив што ќе каже на ова мојата осигурителна компанија?
Ме фати сериозна нервоза, но тргнав во непознатото. Истото правило, светлото надолу, чекор по чекор сe спуштав по некаква импорвизирана патека од камења. Треба да се спуштам цели 300 мeтри да дојдам до езерото и изворот на сулфур, и можеби ако ме послужи среќата и Синиот Пламен!
Мирисот на сулфур стана неподнослив, ја ставив маската и веќе бев на дното на кратерот каде што ме пречека нереална атмосфера на густ бел задушувачки чад кој менуваше правци затоа што дуваше ветер и луѓе кои се шетаа наоколу како зомбиња, без маски и со големи метални шипки во рака, со кои ги кршеа жолтите депозити на сулфурните кристали.
Бев дизориентиран, облаците од сулфур доаѓаа во налети, имав потешкотии да дишам и очите ме печеа ужасно.
Се прибрав и полека сфатив од каде доаѓаат гасовите и тоа беа некакви метални канти од кои еруптираше гас кој кондензираше во жолта лигава течност која се цедеше. Мислам дека ова е дефиниција за Пекол и јас бев во него.
Тука треба да преживеам во следниве неколку часа додека да се раздени притоа и да го најдам Синиот Огин. Талкав наоколу дезориентиран од налетите на сулфурот се додека не здогледав мистариозна сина светлина на врвот на изворот, која како да се разлеваше надолу. Го видов Синиот Огин.
Се тргнав на страна подалеку од изворот да дојдам на себе и чекав се додека не се раздени. Дневната светлина донесе една сосема поинаква димензија за местово кое може само да се опише преку слики.
Имаше туристи помешани со работниците, од кои многу веќе ги имаа наполнето своите корпи со жолтите камења, за кои цела ноќ работеле во отровните услови без маска. И покрај нивната несреќна судбина и напорната работа сите беа пријателски расположени, позираа за сликање за некоја ситна пара и му нудеа на секој да проба да ги подигне и стави двете полни корпи на рамо. И потоа теоретски да се качи 300м нагоре по кратерот. Бев збунет, среќен и тажен во исто време.
Ме чекаше долго и опасно искачување нагоре. Додека со напор го барав најдобриот пат покрај мене со голема брзина се искачуваа носачите со двете корпи на грб. Кое лудило?!?
Кога излегов од кратерот, ме чекаше една од најмагичните глетки што сум ги видел во животот. Тиркизната боја на сулфурното езеро, изгрејсонце, белиот сулфурен гас кој се издигаше над него, и околните вулкани со зелена и густа прашума над која полека се издигаше магла и испарување од дождот.
Ме чекаа уште два саати низдолница, а нозете веќе не ме држеа. Сега мислев како може мал човек натоварен со 90 кг. терет да се спушта низ тој пат, и тоа два пати дневно, а јас со крајни напори се спуштам до колата и возачот кој ме чекаше за назад.
Се договорив со Andrew да ме чека за да му ја поклонам маската и се’ што имав со себе. Тоа на најмалиот гест што можев да го направам за него. Пари не сакаше да земе, тоа би било навреда за овој мал, но многу горд човек.
По патот до Бондовосо поминавме низ плантажте на прочуеното Јава кафе, со колонијалните фарми, реки, водопади и предели со неверојатен шарм.
Крајот на секоја епска авантура носи перманентно менување на перцепцијата за светот, учење на нови лекции, и неверојатно чувство на исполнетост.
Се вратив во Bondowoso, испив едно Kopi Luwak (наводно најскапото кафе на светот кое овде чинеше 2 долари) во заспаниот центар на провинциското гратче, среќен што сум еден од ретките луѓе кои го виделе мистериозниот Син огин на Кратерот Ijen.
Следеа уште многу авантури, но за тоа во некоја наредна прилика.
Автор на текст и фотографии: Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон