Photos: Dejan Dinevski

Зошто решив повторно да одам на Хималаи и што беше различно овој пат?

Хималаите се како ист сон што само неколку пати во животот се сонува.  Хималајството е секогаш посакувана дестинација за човек што сака планински широчини и височини. Не е лесно да се одговори зошто, како што и не е воопшто лесно да се одговори зошто воопшто качуваме планини. Повторно се’ почна многу спонтано, дали и кога да се кружи околу Манаслу масивот, па преку Анди и Киргистан во jуни, се’ до трекинг во Еверест регионот и Сагармата Националниот парк во октомври и ноември.

Photo: Dejan Dinevski    *Катманду, Непал во денови на Тихар фестивалот. Свастиката е дел од непалската и будистичката традиција векови наназад. Се користи за среќа и може да се забележи на разни предмети. Истата е многу подоцна користена од нацистите.
Photo: Dejan Dinevski   *Врвот Пумори, под него врвот Калапатар и Кумбу глечерот. Појдовна точка за искачување на врвот Еверест и Лотце.
Photo: Dejan Dinevski    *Светата планина Кумбила, позиционирана над селото Кумџунг. Во деновите на аклиматизација во Намче Базар, се прави лесен трекинг по околните села до 3900мнв. При тоа се поминува во подножјето на оваа света планина.
Photo: Dejan Dinevski   *Некаде над Намче Базар, кон Тенгбоче. Во далечината се Еверест, Лотце и Ама Даблам во облаци.

Овој пат беше многу поразлично од повеќе аспекти и животоискусувачки. Еверест регионот е многу недостапно место на планетава, од дома ни требаа цели 9 дена за да стигнеме до таму. Почнувајќи од добро познатата рута, Скопје – Белград – Дубаи -Катманду, па локален лет до Мантали во југоисточниот дел на тропски Непал, па се’ до искусно и рутинирано слетување на најопасниот аеродром во светот “Тензинг-Хилари” во Лукла, едниствената точка за влез во националниот парк.

Photo: Dejan Dinevski   *Аеродромот во Мантали на 474 мнв.
Photo: Dejan Dinevski    *Мантали, попатно гратче со помошна писта и единствена врска за лет до Лукла и Еверест регионот. Поради поплавите во септември 2024 година во котлината Катманду, и излевањето на реките, единствената патна врска со Мантали беше нарушена со срушени мостови и уништување на дел од патната инфраструктура. Единствен начин за пристигање е 9 саати во камион по исклучително лош пат или локален лет кој трае 30 минути.
Photo: Dejan Dinevski   *Аеродром Тензинг-Хилари во Лукла во 5:00 наутро. Хеликоптери спремни за пат кон Катманду или Еверест регионот. Важи за најопасен аеродром во светот, но на истиот се нема случено несреќа од 2019 година поради подигање на стандардите за летање. Само 25% од пилотите во Непал имаат способност да слетаат на оваа кратка писта.
Photo: Dejan Dinevski    *Аеродром Тензинг-Хилари во Лукла. Маглата во далечина е знак дека само уште неполн саат може да се полетува. Потоа целиот аеродром потонува во неа и е недостапен најчесто до следното утро. Маглата некогаш не се подига со денови. Ова е една од причините за недостапност на Сагармата националниот парк и Еверест регионот.

Мал авион за 13 патници, сите стиснати како сардини, полунасмеани-полууплашени поради турбулентните падови на авионот на кои магично брзо се навикнуваш. Таму некаде високо, во моменти на анксиозни напади поради нула видливост, пилотите затвораат мала камерна завеса која е единствената вештачка граница со нас и ни велат: “Sorry sir, we have to eat our meal. We put the curtain because of the smell.” (“Се извинуваме, мора да го изедеме нашиот оброк, ја затвараме завесата заради миризбата.”) Добредојде во Непал. Во тој момент сфаќаш каде си.

Photo: Dejan Dinevski    *Летот од Катманду до Мантали во малку полуксузно издание.
Photo: Dejan Dinevski    *Летот за Лукла со 14 патници, едена стјуардеса и двајца пилоти. Товарот се става во предниот дел на авионот.
Photo: Dejan Dinevski    *Летот кон Лукла и Хилари-Тензинг аеродромот од перспектива на кокпитот на пилотите.

Која беше замислената цел и потребна претходна подготовка за хималајските услови

Имавме неколку цели, меѓу кои трекинг стаза од Лукла, преку Намче Базар до Кумбу глечерот, под Еверест, Лотце и Нупце, неколку врва над 5.500 мнв и еден врв над 6.200 мнв. Потоа во правец кон Тибет, преку најголемиот глечер во земјата, Нгозумба во подножјето на Чо Оју и Гокио езерата.

Photo: Dejan Dinevski    *Глечерот Нгозумба на границата со Тибет. Истиот извира од подножјето на врвот Чо Оју, шестиот највисок врв во светот и еден од 8-те осумилјадарки во Непал, висок скромни 8.188 метри. На тибетански се вика Тиркизна Божица.
Photo: Dejan Dinevski    *Платото пред да се стигне до Кумбу глечерот. Во далечината се гледаат Пумори и Нуптце, на границата со Кина и Тибет.

Попатно поминавме покрај врвот Чолатце кое е најубавото природно здание кое сум го видел во живо и Чо-ла преминот на 5.400 мнв. Премногу топоними лесни за паметење, нели?

Photo: Dejan Dinevski   *Езерото Чола со врвовите Табуче и Чолатце. Истото се формира од ледникот на врвот Чолатце. Врвот има карактеристична силуета, и многу позната северна страна која е искачена само од неколку алпинисти во светов.
Photo: Dejan Dinevski    *Поглед од селото Кумџунг кон Кумбу долината и врвот Лотце, еден од 8-те осумилјадарки во Непал, висок 8516 метри.

Подготовки за Хималаите никогаш доволно. И кога мислиш дека се чувствуваш спремно, таму некаде далеку и високо над 4.000 мнв се осознаваш подобро и брзо сфаќаш дека си можел и повеќе. Овој пат за мене лично беше голема борба, првенствено сам со себе, па потоа со планината и условите. Со денови се борев со висинска болест, која ја надминав дури откога се симнав. Текстов го пишувам еден месец после патувањето, се’ уште имам мали главоболки како последица.

Photo: Dejan Dinevski    *Финални подготовки во Скопје. Ова е опрема која ја користам до 6.000 мнв. Истата е спакувана во една торба и тежи околу 17кг. Додека си на трекинг стаза, на себе носиш ранец од 30л со најнеопходните работи за денот, во зависност од временските прилики. Остатокот од товарот оди во големата торба која ја носи портер-носач.

Како се одвиваше ова патешествие по Хималаите

Околу три недели бевме на пат. Прво што ми доaѓа да кажам е многу, многу тешко. Но, кога ќе подразмислам, скоро се се’ одвиваше идеално прецизно и покрај на моменти лошите временски и патни прилики. Сите искачивме тоа што планиравме, немаше никакви несреќи, се вративме живи и здрави. Оставивме нула отисок на планината. Се вративме со безброј нови и незаборавни пријателства. Планината стои, таму некаде во далечината, со сите животински видови.

Photo: Dejan Dinevski    *На симнување од Гокио езерата на висина од околу 4000м. На пат кон цивилизација, видно уморни. Дел од екипата Македонци и Срби и двајца Непалци, едниот шерпа-главен водич на трекингот кој постојано оди прв и се грижи за групата и негов водич-соработник кој оди на крајот на групата и внимава на репот.

Вкупно поминавме околу 170+ км и околу 7.000+ мнв. Патувањето започна од Лукла на 2.800 мнв, преку Намче Базар, последното организирано градче на 3400мнв, каде се прави и првата аклиматизација, потоа кон Тенгбоче во подножјето на принцот на Хималаите, Ама Даблам и Дингбоче на 4.200 мнв во подножјето на првата осумилјадарка Лотце.

Photo: Dejan Dinevski   *Аклиматизација во Намче Базар на 3400мнв. Последното организирано градче каде се прибавува планинарска опрема. Тука има постојани жители кои презимуваат, болница, школо, Музеј посветен на Тензинг и Хилари, првите официјални искачувачи на Еверест итн. Во ова градче се наоѓа и највисокиот ирски паб. Пивото после денови поминати на високо има посебен вкус.

Од тука може да се каже дека започнува Еверест масивот со сите свои пониски ритчиња. Потоа се упативме кон Кумбу глечерот, во подножјето на Еверест. Попатно се поминува низ познатата долина на паднатите планинари кои никогаш не ја напуштиле планината. Фасцинантно место, алеа на херои до недоглед. Меѓу нив и еден наш Битолчанец, Димитар Илиевски кој успешно се качил на Еверест, но никогаш не се симнал. Неговото тело е оставено засекогаш таму горе.

Photo: Dejan Dinevski    *Вечно почивалиште на планинарите кои никогаш не ја напуштиле планината. Се наоѓа на патот од Дингбоче кон Лобуче.
Photo: Dejan Dinevski   *Меморијалниот споменик на загинатиот Битолчанец Димитар Илиевски-Мурато. Бил дел од македонската експедиција (МАХЕ Еверест ’89) во 1989 година. Се искачил на врвот Еверест на 10 мај и на спуштање никогаш не стигнал до предвидениот базен камп. Никој не знае точно што се случило. Неговото тело е засекогаш останато на планината.

Потоа кон Лобуче, базен камп на распеќе за повеќе правци и насоки. По непреспана и бурна ноќ се упативме во правец на Еверест базниот камп и искачување на највисоката точка за дел од нас, врвот Калапатар на 5.650 мнв. Одењето се одвиваше многу споро, со попатни паузи. По околу 5-6 саати се искачивме на планираниот врв и за момент стоевме под Пумори, Нуптце и Еверест.

Photo: Dejan Dinevski    *Еверест, Лотце и Ама Даблам.
Photo: Dejan Dinevski   *Платото под врвовите Пумори и Нуптце, на 5140мнв. Местото се користи како последна појдовна точка за Еверест и Лотце. Тука има неколку хелиодроми, каде се носи личната опрема на планинарите како и општо целата опрема потребна за формирање на базните кампови и нивната функција, почнувајќи од храна, плински боци, шатори итн.

Одвај се довлечкавме назад кон Лобуче каде поминавме уште една бурна ноќ. Потоа продолживме во правец кон езерата и пограничната зона со Тибет. Дел од групата се одвои и отиде да искачува уште еден врв над 6.200 мнв. Ние продолживме кон можеби најубавиот предел и етапа на патувањето, Чо-ла езерото и подножјето на Чолатце врвот. Таму спиевме во базниот камп Џонгла, во подножјето на Чолатце врвот. Место и небо за паметење.

Photo: Dejan Dinevski   *Џонгла платото на 4900мнв, под врвот Чолатце и распеќе кон преминот Чо-ла  и врвот Лобуче. Едно од најубавите места на целоиот трекинг. Место со не повеќе од 3-4 планинарски домови. Неколку јака и кокошки кои ги дојадуваат остатоците од нашата храна.
Photo: Dejan Dinevski   *Јакот и Накот се сметаат за свети животни. Животот на Хималаи не би можел да се одвива без нив и нивната издржливост. Генерално се користат за носење на секаков вид на товар, само во ретки случаи за јадење. Нивното месо се смета за специјалитет и се јаде со посебно внимание.
Photo: Dejan Dinevski   *Инаку, за споредба јаковите се неколку пати поголеми од човекот, а сигурно и десетина пати потешки. Генерално се многу кротки и мирни. Во многу ретки случаи знаат и да нападнат, но таквите се обележани со црвени ластици на самите рогови и се секогаш под допонителна контрола од јакарот кој ги води попатно.

Од тука, утредента во 4:30 часот продолживме кон Чо-ла глечерот и Чо-ла преминот на 5.400 мнв. Утрата се многу ладни, но без исклучок секогаш ведри со преубав воздух. Нула загадување, длабок впечаток за посетители од Скопје.

Photo: Dejan Dinevski   *Платото кон Чо-ла глечерот и преминот на 5400мнв. Ова е едно преубаво земјано плато, со расфрлани монолити, многу автентично. Од време на време некој поток ќе се појави со чиста хималајска вода која одвај се пие. Венецот во далечина се врвови над 6000мнв.
Photo: Dejan Dinevski   *Носачите пред нас со главниот товар. Вообичаено тие тргнуваат барем половина час порано, како би стигнале на време. Оваа делница ја одевме заедно, можеби поради комплаксноста на самата рута и времетраењето од скоро 12 часа.

На самиот премин имаше неколку десетици луѓе, видно среќни дека најтешкиот дел е зад нас. Ние Балканците одвај дишевме, јас патев од константна главоболка со денови, неколку Корејци правеа по педесетина склека на таа висина, а нашите бесценети водичи Шерпи пушеа цигарчиња и се смееа. Доказ дека сме кршливи медитеранци растени на само 200 мнв.

Photo: Dejan Dinevski

Почнавме да се спуштаме брзо и многу стрмно кон Нгозумба глечерот. Во дел спуштањето беше помалку и опасно, не носевме шлемови, ниту внимававме на горните делови. Во момент некој свика: “Пази камен”! Среќа никого не погоди по витално место. Тоа е најчест ризик – фактор за предизвикување на смрт генерално на сите планини. Кога пристигнавме на самиот глечер сите потајно знаевме дека помина најтешкото и висинската голгота и дека започнува враќањето кон дома. Го поминавме во неколку саати, под облачно небо, песоклива подлога и периодични пукања и експлозии на самиот ледник. Звуците на глечерот се многу егзотични и нереални. Секако на моменти има и одрони кои можат да бидат многу опасни.

Photo: Dejan Dinevski   *Глечерот Нгозумба со сета своја убавина и суровост. На места карпи и песок, на места формирани глацијални езерца, ледници по десетици метри високи, од време на време пукаат и тоа е надреален звук. Истиот е природна појава која ја менува својата форма и облик, па според тоа и патеките по него не секогаш се достапни и исти. Се менуваат од сезона до сезона.
Photo: Dejan Dinevski   *Границата со Тибет и масивот Чо Оју, со глечерот во самото подножје. Истиот извира од подножјето на врвот Чо Оју, шестиот највисок врв во светот и еден од 8-те осумилјадарки во Непал, висок скромни 8188 метри. На тибетански се вика Тиркизна Божица.

Конечно неколку саати пред стемнување пристигнавме на Гокио езерото. Тука заслужено одмаравме тело цели 2 дена, пред да го продолжиме патот кон дома. Утредента времето се подобри, и пред нас силно светна уште една осумилјадарка, на самата граница со Тибет, врвот Чо-Оју. Целиот масив изгледа фасцинантно.

Photo: Dejan Dinevski   *Поглед на Гокио езерото од Нгозумба глечерот. Гокио езерата се систем од 5 езера, сите поврзани со планински поток. Истите граничат со глечерот и дел од водата ја добиваат од него. Опкружени се со врвови над 5 и 6 илјади метри.
Photo: Dejan Dinevski   *Селото Гокио на 4900мнв. Идилична населба формирана за потребите на хималајството, во подножјето на врвот Гокио Ри. Попатна точка за преминот Ренџо на 5360мнв и последна организирана станица за високогорците кои пробуваат да се искачат на Чо Оју, кој се наоѓа на само неколку километри од тука.

Конечно почнавме да спуштаме висина и за два дена преку населено место Дхоле, повторно се вративме во градчето Намче Базар од каде што и го започнавме патешествието.

Photo: Dejan Dinevski   *Патот за дома изгледаше подобро од идеално. Домата е сеуште само во мислите, но удобниот и не толку топол кревет за вечерта е таму некаде под облаците. Сосема доволно за да биде вистинито. Пред мене е Tетовчанецот со мека душа.

Тука веќе сите се чувствувавме скоро како дома. Првото Горка Стронг пиво после долго време. Првото бањање после цели две недели. Првото бричење и подстрижување на локален бербер. Непланирано се погодивме во денови на “Тихар” фестивалот, кој трае цели 5 дена и е хинду фестивал посветен на Јама, Богот на смртта, меѓу кои вториот ден е посветен целосно на обожување на кучињата, домашни или улични и се вика Кукур Тихар. Се слави врската на човекот со кучето уште од дамнешни времиња и се смета дека тие се гласници на самиот Бог. Сите деца и млади се на улица, играат и пеат исти песни до доцна во ноќта. Искрено насмеани, свират за нас, за здравје и среќа. Попатно, кучиња жигосани со боја на главите и венци од свежо цвеќе околу вратот. Локалната полиција со стапови во рацете чека на готовс. Ноќ за паметење.

Photo: Dejan Dinevski   *Украсување на локалните тотеми со свежо цвеќе и природни бои е секојдневие. Истото се случува и за време на Тихар фестивалот, само што возбудата и радоста кај локалното население се чувствува многу повеќе од вообичаено.
Photo: Dejan Dinevski   *Цветна свастика во деновите на Тихар фестивалот, од природни бои и свежо цвеќе.
Photo: Dejan Dinevski   *Врската на Непалците со кучињата е за почит, тие имаат посебен статус во општеството.

Трекинг стазите низ Хималаи се многу слични по однос на сместување, преспивање, исхрана итн. Има две сезони за посета на овие масиви, во пролет дел од aприл и мај и на есен дел од октомври и ноември кога е многу постабилно времето. Нас ни се погоди идеално ведро и не толку ладно време за целиот престој на планина. Дожд не заврна ниту еднаш, секоја ноќ беше кристално свежа и бистра и млечниот пат се гледаше како на дланка. До некаде важи правилото дека на пролет се искачуваат осум илјадарките кога е поладно, а додека на есен се искачуваат шест илјадарките и се пешачат долги трекинг стази поради постабилното време.

Photo: Dejan Dinevski   *Портери Непалки, со суви гранки кои се користат како огрев за презимување. Вегетацијата прекинува во некој појас околу 3.700-800 мнв. Потоа е се суво и пусто. Секако на поголема висина од оваа има и постојани живеалишта. Локалното население на дневна или неделна база се симнува во пониските региони и собира дрво за огрев, потоа во големи кошници окачени на грб го носат дома. На овој начин живеат стотици години.
Photo: Dejan Dinevski   *Кристално ведро небо на платото во Горак Шеп на 5140мнв, во непосредна близина на Еверест базниот камп.

Сместувањето е секогаш во лоџови или планинарски домови, кои се најчесто приземни објекти ѕидани во камен без никаква изолација, кровче од лим и дрвени рачно изработени прозори и врати кои обично не дихтуваат. Овие лоџови се состојат од голема трпезарија за сите моментални гости и посебни коридори со спални соби. Кога велам цпални соби, мислам на минијатурни простории од околу 6-7м2 со буквално втиснати два кревета и простор за торби. Кујната е секогаш многу блиску до трпезаријата, мирисот најчесто е насекаде, па и пред да те послужат знаеш што ќе јадеш. Храната овој пат беше многу базична, ориз, компир, супа од лук итн. Протеин речиси да не каснавме со денови и тоа е нешто што влијае во голема мера на нашата енергија и морална состојба.

Photo: Dejan Dinevski   *Чај од путер, карактеристичен напиток од подхималајскиот регион. Традиционално се прави од локални ливчиња за чај, путер од јак, вода и сол. Овој чај се пие во ретки пригоди. Почесто се конзумира црн чај или чај од ѓумбир.
Photo: Dejan Dinevski    *Начин на сушење на измет од јаковите. Се користи како единствен ресурс за затоплување на ладните простории во високите подхималајски села.
Photo: Dejan Dinevski    *Традиционална непалска супа. Деликатес кој се јаде во ретки пригоди. Тој ден бевме во посета на една фамилија од Кумџунг, баба и дедо над 80 години стари, готвеа и не’ гоштеваа со традиционални непалски јадења.
Photo: Dejan Dinevski   *Традиционална кујна во семејна куќа. Сушениот измет од јак се користи и за оган за готвење.

Во трпезаријата има централно огниште кое се ложи постојано и тоа е единственото место каде е топло. Огрев за овие полуотворени печки е сушен измет од јак или нак. На тие висини нема огревно дрво, затоа е и толку многу ладно. Спалните соби и коридорите се брутално студени, посебно пред да изгрее Сонцето. Затоа креветите и јорганите се од најдебелите. Спиењето во такви услови, изнаоблечен со се што си понел е искуство и приказна само по себе. Многу неудобно и непријатно во секој случај, ама на крајот на денот тука никој не дошол за спиење.

Photo: Dejan Dinevski   *Трпезаријата во еден од планинарските домови. Оганот се гаси околу 21:00 часот. По напуштање на трпезаријата, миндерот се претвара во кревети, за спиење на шерпите и портерите.

Имавме многу интересно искуство во деновите на аклиматизација, над Намче Базар посетивме едно старо село со уште постара локална куќа која датира уште од 1600 година и се користи во истата форма. Самата куќа беше превозбудлива за анализирање. Бои, типологија и функции како ништо слично до сега што сум видел. Тоалетот беше многу автентичен, се наоѓа надвор во дворот, на неколку скали повисок. Миризбата се неутрализира со исушени борови иглички. Искористеното се користи веднаш како компост во соседната нива која граничи со тоалетот. Самоодржливо, паметно и многу практично.

Photo: Dejan Dinevski   *Тоалет во традиционална непалска семејна куќа во селото Кумџунг. Борови иглички за неутрализирање на мириси.

Во истата куќа постои и локална семејна просторија за молење која е исто така стара повеќе од 300 години. Преполна со тотеми, тапани и антиквитети. Она што ми остави впечаток е студот во истата. Никогаш не ги греат верските простории и секогаш се молат во екстремно ладен простор.

Photo: Dejan Dinevski   *Ѕид со санкритски мантри, сутри и молитви, свилени шалови за среќа, писма и четива, вечни свеќи кои горат во чест на Буда. Верниците ја практикуваат будистичката религија секојдневно. Повторувањето на Ом-мани-падме-хум веруваат дека има религиозни, магични и спиритуални моќи. Тибетските знаменца во 5 бои ги означуваат петте елементи. Верски ѕид стар повеќе од 300 години.

До која надморска височина стигнав овој пат

Овој пат се искачив до 5.650 мнв на врвот Калапатар. Една земјана, не толку привлечна кафена грутка, со вешто исклесани пешачки серпентини, во подножјето на врвот Пумори. На самата граница со Тибет, опкружен со сите планетарни џинови, Еверест ненаметливо се открива и затскрива таму некаде во позадината, Нуптце гордо исправен како крал на планината. Момент за паметење.

Photo: Dejan Dinevski   *Надреалното сценарио на Кумбу глечерот и платото под Еверест базниот камп. Пумори во позадината со своите скромни 7161 мнв. Пумори во непалскиот јазик значи Ќерка на Планината. Истиот е именуван од пионерот во хималајството, Џорџ Малори кој е несомнено еден од првите тројца кои се обиделе да се искачат на највисоката точка на планетава. До денес нема цврсти докази дека стапнал на Еверест.
Photo: Dejan Dinevski   *А, ова сме ние, дел од екипата кон врвот Калапатар на 5650мнв. Попатно на исклесаните серпентини на земјаното брдо има поставено клупи за одмор од рециклиран материјал. Современ Непал би рекол дека е многу горд на тоа. Како и новата табла пред познатиот камен-знак во Еверест базниот камп, така и овие клупи не би рекол дека доликуваат на околината и се што попатно се доживува. Повеќе се како некаков примитивен показател на минорните технолошки и естетски достигнувања на општеството. Во позадината гордо исправен Нуптце, а во средината Еверест на самата гранична линија со соседна Кина. Да, тоа во средина е највисоката точка на нашата планета Земја. Овој пат толку, некогаш можеби повеќе.

Место кое ќе ми остане во долго сеќавање

Лобуче. Место кое ми е се’ уште како во магла, но ми одзема толку многу емоции и енергија. Место во кое за прв пат се почуствував беспомошно и помалку исплашено, но сепак свесен за околностите и условите. Попатна населба на 4.900 мнв, со не повеќе од десетина куќи. Од тука почнува правото хималајство. Од тука почнува долната зона на Кумбу глечерот. Сетилата наострени, пред тебе епски изгрев од Нуптце, позади нас врвот Лобуче со целата своја подценета убавина, под нозете поток кој е директна врска со Еверест, две кучиња јадат огромни остатоци од јак или нак. Вистински суров Непал.

Photo: Dejan Dinevski   *Патот кон Денгбоче и Лобуче. Деновите се долги и патувањето понекогаш на моменти здосадува. Многу често се наоѓате во состојба на контемплирање на самиот процес и зошто поѓаволите сте тука и го правите ова.

Дали по трет пат би се вратил на Хималаи?

Не. Но, се надевам дека нема никогаш да ги оставам и напуштам планинските височини. Тие носат многу убави и понекогаш малку болни и емотивни моменти. Те учат на животни лекции. Oвој пат конечно ја разбрав пораката: “The best аlpinists are the one’s with the worst memories” (“Најдобрите Алпинисти се оние со најлоши спомени”). Не сум алпинист, да се разбереме, само читам меѓу редови. Трекингот и качувањето во Непал е искуство кое повеќето луѓе никогаш не го забораваат. Лошото уште повеќе.

Photo: Dejan Dinevski   *Камерата е секогаш добар сопатник. Малку тежок и кршлив, но секако верен и многу послушен. Вообичаено на Хималаи правам околу 2000 фотографии. Покоен Др.Угриновски, кога не испрати минатиот пат кон Анапурна ми даде совет да не се мачам со камерата, дека е многу товар за толку долго и физички исцрпувачко патување. Не успеав да му раскажам за камерата и нејзината вистинска улога на вакво патешествие, колку е таа морална храна за човек што сака да слуша шкрапало на Никон.
Photo: Dejan Dinevski   *Одморам тело поред Гокио езерото на 4900мнв. Висинската болест полека ја снемува.

Воздржи се од одземање било какви животи. Воздржи се од бес.  Воздржи се од љубомора. Воздржи се од навредување на било кој друг. Воздржи се од непотребно интоксицирање.

Photo: Dejan Dinevski

Оваа месинг плоча е закачена на главниот портал на влезот во Сагармата регионот и ги претставува главните постулати на кои почива будистичката религија и начинот на живеење на Шерпа луѓето. Без нив и нивниот начин на битисување, хималајството не би било возможно во оваа форма која ја практикуваме.

Автор на текст и фотографии: Дејан Диневски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон

Прочитајте го интервјуто направено со Дејан по неговата прва посета на Непал и Хималаи:

Интервју: Непал ме освои со високите гори, насмеаните жители и сплетот од мириси и вкусови