Ако сакате да ве фати новогодишно расположение во Скопје – град кој се’ уште нема блеснато во предновогодишна атмосфера, тогаш посетете го “Зимзоленд”.
“Зимзоленд” е прв обид за новогодишен базар во Скопје, по терк на божиќните базари во останатите европски метрополи. Ако очекувате таков базар, можеби ќе се разочарате, но ако одите да се забавувате, да се повозите на некој од адреналинските реквизити, да се лизгате на лизгалиштето, да си направите новогодишна фотосесија, да испиете греено вино, кафе или чај со рум, па и да фатите дел од програмата со караоке и концерти, тогаш не двоумете се да го посетите.
Сместен на платото и паркингот пред спортскиот центар “Јане Сандански” во населба Аеродром, “Зимзоленд” ќе биде отворен за посетители до 19 јануари 2025 година и направен е добар сплет од содржини, освен за најмладите, да има интересни содржини за сите возрасти. На платото пред салата има бина на која се одржуваат настапи со диџеи, караоке, како и вечери со македoнска музика и настапи на пејачи од регионот.
На влезот се наредени дрвени куќарки за продавање на храна (бургери, хамбургери, тостови, хот дог, шеќерна волна, палачинки, крофнички, новогодишни колачиња и лижавчиња, дубаи чоколадо…)
и пијалоци (кафе, чај, греено вино, топло чоколадо, цедени сокови..), како и катчиња за новогодишни фотосесии и голема елка која блеснува со многу сијалички во вечерните часови.
Другиот дел од “Зимзоленд” е исполнет со адреналински реквизити (кои ќе ве потсетат на луна паркот кој веќе со години не постои во нашава метропола) и мало лизгалиште, зимски рај за деца. Освен овој дел, за најмладите посетители се организираат и едукативни новогодишни работилници.
Поголема посетеност има во вечерните часови, кога може да се доживее и новогодишното осветлување со многу сијалички и кога е во тек забавната програма на бината.
Одвојте време за да прошетајте и поуживајте во ова делче предновогодишна атмосфера во Скопје – радост за најмладите жители, време за опуштање од секојдневните грижи за повозрасните посетители.
Програмата на “Зимзоленд” може да ја погледнете ТУКА.
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
Како изгледаат божиќните маркети низ градовите во Европа, прочитајте: