Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Ако ве интересира историја, археологија, римска култура, но истовремено сакате да уживате на долги, песочни плажи и во топло и чисто море тогаш не двоумете се да го посетите Сиде. Мене ме интересира се’ од наведеното, плус сакав вистински да се одморам од секојдневието, со вкусна турска храна и релаксирање во убаво уредени кафе барови покрај морскиот брег, па затоа ова лето воопшто не се двоумев за конечно да го посетам Сиде.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Сиде е едно од најпознатите туристички места во Турција, оддалечен околу 78 км од Анталија, со плажи со златен песок кои се поделени на источната и западната страна на градот, каде се издигнати многу хотели и ресорти на кои ретко кој може да им одолее, а постои и легенда дека ни Клеопатра не одолеала, па Сиде го користела за тајни средби со Марк Антониј.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Сиде е одличен спој на древното и модерното време, а тоа најубаво се доловува шетајќи по уличките во старата чаршија преполна со модерни продавници, кафулиња, ресторани, а чекорејќи по стаклен под, под кој се гледаат остатоци од објекти од римското владеење. А, чаршијата со својот изглед многу потсеќа на нашата охридска чаршија.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Најголем број од античките рушевини во Сиде потекуваат од времето на Римското царство, кога неговата популација нараснала до 60.000 жители, а денес, во модерно Сиде живеат околу 15.000 луѓе.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Животот во Сиде започнал околу 7-ot век пр.н.е кога го основале грчки доселеници од Ким, западна Анадолија, а во одреден период од своето постоење бил и освоен од Александар Македонски кој го завземал во 333 година пр.н.е, без борба, но најдобриот период за овој град се случува за време на римското владеење (кој траел до 3-от век), кога градот го добива својот препознатлив лик.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Доживувањето на Сиде може да се подели на нурнување низ историјата со посета на Антик сити (или Античкиот град), старата чаршија, враќање во сегашноста со посета на модерен кафе бар или ресторан и повторно нурнување – во топлата морска вода, каде на брегот под сенка не’ чека ладен коктел.

Влезот во Античкиот град е преку главна порта, каде се движите по улица со колонада, а улицата води кон јавно купатило, каде сега се изложени саркофази од римскиот период. Наредно се забележува агора (плоштад)  со остатоци од храм и столбови.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Најдобро зачуваната градба е Римскиот амфитеатар, кој потекнува од 2 век и кој собирал околу 15 – 20.000 гледачи, се користел за борба на гладијатори, а подоцна и како црква.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Овој антички град содржи и аквадукт, византиска болница и три храма од кои најпознат е Храмот на Аполон, кој ќе го видите на сите рекламни брошури за Сиде. Може да се каже дека храмот на Аполон е заштитниот знак на овој турски град. И, навистина – остатоците од овој храм се импресивни, а со стапнувањето на просторот околу него како за момент да се враќате векови наназад кога овде цветал животот и имало врвулици од народ.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Градот бил напуштен во 7 век, по земјотрес од кој пресушил изворот на вода, но објектите се извонредно добро зачувани, дел од нив затоа што се градени со бетонски блокови на база на јајца и песок. Населението кое денес живее во Сиде потекнува од турски муслимански доселеници од островот Крит, кои дошле во 1895 година и започнале да градат објекти над античките рушевини.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Посетата на огромниот антички град е прилично напорна ако времето е жешко, па може да се направи пауза со ладен пијалок или вкусна турска храна во некој од многуте кафе барови или ресторани распостелени на шеталиштето покрај морскиот брег. Овде се закотвени и многу едрилици, јахти, глисери… кои нудат дневни (фамилијарни, групни, приватни) тури за пловење околу Сиде и целиот Анталиски регион.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Овде не го пропуштајте зајдисонцето, а кога ќе се стемни прошетајте низ чаршијата на шопинг на облека (брендирана или не), торби, кондури, накит, локуми, сувенири…изборот е голем. Најчест сувенир карактеристичен за Сиде е “назир” или сино око, кој треба да го заштити од уроци оној кој го носи. Тука не очекувајте врвен ноќен живот како на пример во Бодрум или Истанбул, вечерите се мирни, со пијачка во некој од модерно уредените барови.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Убавите плажи се неизоставен дел од Сиде – пространи, долги, со златен песок и чисто море. Велат дека плажите на западниот дел се поразвиени од плажите во источниот дел каде воглавно оди локално население. Но сепак, ако сакате помирни плажи и помалку гужва, тогаш посетете ги плажите во источниот дел. Многуте хотели и ресторти имаат одлично уредени плажи со лежалки, чадори за Сонце и реквизити за водни спортови, што значи може да имате тотално релаксиран одмор со книга и коктел на плажа или пак да го направите адреналински одморот и да возите скутер на вода, да летате со параглајдер над вода и што уште не. Овојпат одбрав вистински да одмoрам на плажа, во тивка и мирна атмосфера, која на неколку пати во текот на денот ја нарушуваше музика од некоја едрилица или јахта, која проаѓаше во морето покрај мене.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Секако, не треба да се изостави и вкусната храна од турската кујна, ви препорачувам да пробате буквално се’ што се нуди – од предјадења, салати, главни јадења до десерти, турската храна нема да ве разочара.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

А, турското гостопримство и овде како и во останатите делови на Турција е на истото високо ниво, наоѓаат начин да бидат и професионални и симпатични во исто време, трудејќи се да остават добар впечаток, па од оваа моја посета на Сиде како турски лик кој ми остави најдобар впечаток, ќе го издвојам келнерот кој беше вработен во хотелот во кој бев сместена и кој откако разбра дека сум од Македонија, почна да ми се обраќа со македонски зборови како “Здраво”, “Како си”, “Што ќе се напиете” и сл, притоа раскажувајќи дека научил македонски јазик патувајќи низ повеќе градови во нашата држава.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Па, кога да го посетите Сиде? Најдобро време за посета е од Мај до Октомври и иако владее мислење дека во овој дел на Турција летата се премногу жешки и влажни, за време на мојата посета оваа година (крај на Јули, почеток на Август) направив паралала на температурите во Сиде со температурите на Халкидики, Грција и излезе дека во Грција е пожешко – 38 С наспроти 32 С во Сиде. Така што, ако не ви сметаат високите температури во Грција, не плашете се од жешкото време во Сиде, тука е и морето за да се оладите.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Постојат туристички агенции кои организираат дневни тури од Сиде за посета на: водопади на реката Манавгат, Памук Кале, Аланија, крстарење околу Анталија, рафтинг, џип сафари на планината Таурус, посета на Делфинариум и турскиот Дизниленд (“Land of Legends”) или во крати црти – за секого по нешто.

Јас не се двоумев, па ако со текстов успеав да ве заинтересирам за Сиде, не двоумете се и вие да го посетите, добар одмор и незаборавни моменти ви се загарантирани.

Автор на текст, фотографии и видеа: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон

 

За Бодрум – популарната, монденска дестинација, прочитајте:

Сите бои на Бодрум – зошто треба да го посетите