Сте чуле ли за Аралско Море? Некогаш четвртото по големина езеро на светот, но заради големината и салинитетот на водата со право го нарекувале море. Со 68.000m2 езерото по површина е поголемо од две наши држави една до друга. Аралското Море многу наликува на Каспиското, секако доста помало, но ако денеска го барате на карта, тешко дека ќе го најдете.
Зошто? Затоа што скоро веќе и не постои.
Аралското Море се наоѓа на север на Узбекистан, еден дел припаѓа и на Казакстан, а порано целото езеро припаѓало на територијата на Советскот Сојуз. На брегот на тоа езеро се наоѓа градот Moynaq, познат рибарски град во тоа време, со пристаниште и неколку фабрики за конзервирање на производи од риба.
Тоа е дестинацијата која одамна сакав да ја посетам, како дел од мојата тура по Централна Азија и Патот на Свилата.
Градот се наоѓа на најзафрлениот и изолиран дел на Узбекистан, автономната покраина Каракалпакстан, во Аралската пустина, и ми требаше цели 20 часа да стасам до таму од главниот град Ташкент. Ми претстоеше едно ноќно возење од 14 саати со воз до градот Ургенч, едно трочасовно возење со најлудиот таксист по распаднитете патишта на провинцијата за да стасам до главниот град на покраината, Нукус.
Во Нукус има три хотели, од кој едниот е во социјалистички стил, неколку ресторани и една кафетерија, како што доликува на една зафрлена провинција. Од таму организирав приватен трансфер со возач кој наредниот ден ќе ме одведе до градот Moynaq.
Како ме наведе патот овде и зошто толкаво малтретирање?
Наредниот ден ни требаа уште три часа возење, по веројатно најлошиот асфалтиран пат што сум видел (и осетил) уште од времето на Советскиот Сојуз прекриен со дупка до дупка, кратер до кратер во должина од 180 км. Возачот едноставно леташе преку нив, а очигледно ја знаеше и секоја дупка на памет. Ни едно камче не ми остана во бубрезите додека да стасаме на нашата дестинација. По патот нема ни село, ни бензинска, ни мобилен сигнал, само солена степа и секако неизбежните асфалтни кратери.
Кога стасавме во градот имаше еден проблем. Прво, тука нагло заврши постоечкиот пат. Второ, го немаше езерото. А, немаше ни луѓе. Паркиравме на една височина и видиковец кој бил на место на некогашното пристаниште. Од таа точка, се што се гледаше, беше непрегледна пустина над која се дигаа вртолзи прашина и дуваше неподносливо врел ветер. Тишината беше глува и непријатна.
Стоев на местото на една од најголемите еколошки катастрофи на 20-тиот век. Денеска градот Moynaq е град на духовите и брегот на езерото се наоѓа на цели 150 км подалеку на Север!
Од денешното Аралско Море се останати само 10% од водената површина и што е најважно сето ова е предизвикано од човечката алчност и глупост.
Како дошло до ова?
Во 60-тите години на минатиот век додека Казакстан и Узбекистан се се’ уште дел од СССР, Комунистичката партија решава да го пренасочи течението на двете огромни реки Сир-Дарја и Аму-Дарја и водата наместо во езерото да оди во цел систем на канали за да се задоволи амбициозната (и крајно идиотска!) идеја СССР да биде најголемиот производител на памук во светот. Во тоа им успеало, додека во исто време знаеле дека нанесуваат непроценлива штета на езерото, луѓето и на целиот еко систем. Нормално никој не смеел да писне за тоа, но полека се појавувале првите знаци на еколошката катастрофа.
Од 80-тите години па наваму езерото толку многу се повлекува, што сите заедници околу него почнале да пропаѓаат, еко системот колабирал, оставајки само гола песочна и токсична пустелија зад себе. Недостатокот на свежа вода го направил салинитетот на езерото на ниво на Мртвото Море и заедно со составот на почвата натрупана со пестициди почнала да се ствара една тоскична смеса која го загрозила здравјето на луѓето и целиот жив свет.
Рибарскиот град Moynaq останува во сред пустина на 150 км од брегот. Крајно неверојатно и апокалиптично сценарио.
Доколку сакав да одам до брегот, возачот ми кажа дека организираат тури со спиење една ноќ во јурт (тип на номадски шатор), пат до таму нема, а трасата ја знаат само возачите од агенцијата. Брегот сега изгледа како брегот на Мртвото Море. Вода и кристали сол без никакви знаци на живот.
Што се случило со рибарите и рибарските бродови, можеби ќе се запрашате? Помалите бродови ги собрале, луѓето се спакувале и се отселиле, но поголемите бродови останале тука и се’ уште се тука!
Е, токму заради нив решив да го посетам ова чудно и застрашувачко место. Бродовите се тука, оставени на забот на времето и екстремните влијанија на локалната клима да сведочат и да бидат симбол на човечката глупост и алчност.
Од видиковецот, се спуштив некои 30 метри по скали надолу, и јас фактички веќе одев на дното на некогашното езеро. Низ песокот можат да се видат школки, е наоколу беа расфрални кородирани грдосии кои едноставно лежеа врз песокот на ова замислено дно. Од нула до минус 30 метри за 30 години. Си размислував дека изразот ДНО ДНА, е точно замислен за ова место.
На гробиштата на бродовите (како што го нарекуваат ова место) успеав да издржам триесетина минути, жештината беше неподнослива, а ветерот врел. Целата атмосфера беше нереална и токсична во вистинската смисла на зборот.
По осамостојувањето на Узбекистан од СССР овој проблем станува јавен и видлив, но веќе непоправлив. Во градот прават мал музеј каде што може да се разбере за тешката судбина на овој цел регион. Гледавме краток филм каков бил животот во шеесетите со стари снимки од езерото и се’ уште не ми се веруваше дека имало вода на местото на пустината и дека секојдневно ловеле тони риби.
Се вратив во колата и со мојот водич отидовме до фабриката за конзервирање на риба, сега претворена во урнатина за која ми кажаа дека владата планира да го ревитализира местото и да изгради инфраструктура и објекти за заживување на гратчето. Една од првите работи што планираат да направат е да ја урнат фабриката.
Тоа беше се што имаше да се види во Moynaq. Навидум ништо, а во суштина многу страшно сведоштво и подсетување што не’ чека како човечка раса кога сакаме да ја изиграме природата. Таа секогаш ќе најде начин да ни врати, и тоа повеќекратно. Додатна тежина на целото искуство ми претствуваше фактот дека ова сценарио веќе се одвива и кај нашите езера и ние не правиме ништо барем малку да влијаеме на тој процес.
За мене, големиот напор што го вложив да се докопам до ова место значеше огромна сатисфакција и исполнета мисија. После ова, мојот пат продолжи на многу повесели дестинации во Узбекистан, по Патот на Свилата, низ магичните градови: Хива, Самарканд и Бухара, но за тие дестинации во некоја наредна прилика.
Автор на текст и фотографии: Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
За уште еден град на духови, прочитајте:
Фамагуста на Кипар – еден од најпознатите градови на духови, апсурд на политиката и религијата