Хотелот Nishiyama Onsen Keiunkan сместен во подножјето на планините Акаиши во Јапонија е стар повеќе од 1.300 години и се’ уште го води семејството кое го основало во 705-та година. Хотелот досега го воделе 52 различни генерации од истото семејство на основачот на хотелот Фуџивара Махито.
Во 2011-та година, хотелот е официјално прогласен за најстар во светот од страна на Гинисовата книга на рекорди.
Последното реновирање на хотелот е направено во 1997 година и сега хотелот располага со 37 соби, сите уредени во традиционален, јапонски стил. Има 2 внатрешни и 4 надворешни бањи, а водата доаѓа од 4 различни извори и содржи натриум, калциум нитрат и хлор. Од своето основање, хотелот ја добива целата топла вода директно од локалните извори Хакухо.
Овој хотел низ вековите бил посетуван од многу познати историски личности, како самураи и политичари, и туристи од секој дел од светот.
Цените за престој во хотелот започнуваат од 408 долари за ноќ.