Длабоко во босанската, зимзелена планина Дединовец, на 4 километри
североисточно од местото Коњиц, се наоѓа голем нуклеарен бункер, кој бил
изграден по наредба на претседателот на Социјалистичка Федеративна
Република Југославија, Јосип Броз Тито. Куќите пред бункерот, преку кои
се влегува во него, никако не укажуваат дека зад нив се крие цел
масивен лавиринт од нуклеарно засолниште.
Започнал да се гради во март 1953 година, а завршен е во 1979 година, кога бункерот бил предаден на ЈНА за употреба. Неговото постоење било најстрого чувана војна тајна сè до 90-тите години на минатиот век. Освен Тито, за неговата изградба знаеле уште само неколку важни функционери во поранешна Југославија, тогашниот началник на Генералштабот на ЈНА и неговите колеги, кои управувале со ресурсите за безбедност и врски.
Се верува дека го граделе затвореници, кои воопшто не знаеле за каков објект станува збор, а во изградбата учествувале и фирми кои работеле во рамките на воената индустрија. Фирмите граделе само одделни делови од бункерот за да не претпостават што ќе биде вистинската намена на просторот. Изграден од масивна бетонска конструкција, бункерот е конструиран да може да издржи атомска експлозија од 25 килотони, односно удар четири пати посилен од ударот со кој била погодена Хирошима.
Планирано било во него да можат околу 350 луѓе непречено да живеат и функционираат шест месеци без допир со надворешниот свет. Всушност, бункерот претставува цел подземен град, кој се протега на површина од 25.000 м2, од коишто 6.000 м2 се наменети за станбен простор, во форма на потковица. Бункерот е поделен на 12 блокови, со повеќе од 100 простории. Најдлабоката точка е оддалечена од влезот 202 метри по хоризонтала и 280 метри по вертикала.
Константната температура во бункерот е од 21 до 23 степени, а ја одржува голем вентилационен систем, со влажност на воздухот од 60 до 80%. Напојувањето со струја било решено во три варијанти, а има цистерна за гориво со капацитет од 50 тони и базен со 150 кубици питка вода. Од многуте простории, како најважни се издвојуваат просториите за воени операции, од каде што би се следеле случувањата во надворешниот свет, две големи конференциски сали, радио-центар и телефонска централа која била во мрежа со сите главни команди на поранешната република. Големиот кабинет на штабот е опремен со црвени телефони, телепринтери и неонски столови за читање на воени мапи. На ѕидот, во рамка, стои слика на Тито, која не изостанува ниту во другите простории.
Бункерот имал и интересно кодно име – “Истанбул”. Во средина на бункерот се наоѓа блокот на Тито, кој е изграден на повисоко ниво од останатите 11 блокови. Титовиот кабинет и соба се изградени од најквалитетни дрвени материјали, а ѕидовите се обложени со орнаментирани тапети. Во неговиот кабинет се влегува директно од просторијата што била наменета за неговата жена Јованка Броз. И денес, во бункерот стои се како што било наместено кога бил изграден: печатите на вратите го имаат грбот на СФРЈ, на ѕидовите висат географски карти на Југославија, алатот не е сменет, душеците на креветите се завиткани во најлони и така зачувани од забот на времето. “Сè е исто, само Тито го нема… “.
За изградба на бункерот биле потрошени 4,6 милијарди долари и е трета најскапа воена инвестиција во поранешна Југославија, после Бихачкиот подземен аеродром, кој вредел 8,5 милијарди долари и сплитското пристаниште “Лора” од 5 милијарди долари. Денес, бункерот е во сопственост на Министерството за одбрана на БиХ, и за него се грижи војската на БиХ, а најчесто го посетуваат странски воени делегации и еднаш годишно се организира изложба на која учествуваат уметници од повеќе земји.
Исто така, бункерот може да се посети и туристички, со организирана дневна тура, со која ќе се навратите во не така далечното минато на овие простори.