Санторини, сино-белиот остров во Грција, уште познат и како најубав, најроматичен остров во светот, нема да ве остави рамнодушни. Почнувајќи од сино-белите гратчиња Фира и Оја, незаборавното зајдисонце, потоа црниот вулкански песок на плажите, романтичните кафе-барови со спектакуларен поглед, па се до вкусната храна и вино. Има површина од 73 км2, на која живеат околу 15.000 жители, а во тек на сезона, оваа бројка е надмината од бројката на туристите од цел свет кои го посетуваат островот.
Ова се неколку предлог препораки за работи кои треба да ги направите кога сте на Санторини:
- Сместете се во Периса – Ако сакате голем дел од времето да бидете на плажа и да поминете со поевтино, а квалитетно сместување, тогаш Периса е гратчето во кое треба да се сместите. Периса има убави плажи со невообичаен, црн вулкански песок.
- Вулкан – Санторини бил вулкански остров, кој при една негова вулканска ерупција го поделил островот. Вулканот денес е неактивен и може да се посети со организирани екскурзии, но подгответе се за подолго пешачење и непријатна миризба, бидејќи има неколку стари кратери кои испуштаат пареа и сулфур диоксид.
- Изнајмете автомобил или АТВ за движење низ островот. На островот има убаво организиран, редовен автобуски превоз до сите места, но за да не губите време и за да бидете послободни во движењето, подобро е да изјамите мал автомобил или мотор на четири тркала. Но, бидете внимателни – уличките се тесни и стрмни.
- Посета на Фира – Фира е главниот град на Санторини и најпознат по сино-белите фасади на објектите кои се изградени на ридски терен. Фира нема плажи, но затоа има многу ресторани, кафе-барови, скапи хотели со спектакуларни погледи на островот и на морето и уживање е да се пие коктел во едно од тие места. Фира треба да се посети и преку ден и навечер, има многу убави, тесни, пешачки улички каде може да изгубите чувство за време и да уживате во посета на мали продавници за сувенири.
- Зајдисонце во Оја – Зајдисонцето на Санторини важи за едно од најубавите зајдисонца во светот, а најдобро се доживува во Оја. Оја е уште едно сино-бело градче, слично на Фира, но помало и поопуштено, каде сите туристи доаѓаат наоружени со фотоапарати за што подобро да фатат убав кадар од зајдисонцето. Треба да дојдете на време, за да си фатите убава позиција за набљудување и уживање во зајдисонцето, а на крај – кога ќе зајде, Сонцето добива аплауз од присутните туристи. 🙂
- Црвената плажа – Ова е една од плажите која треба да ја посетите, бидејќи е невообичаена, со црвен песок, не е многу голема и може да има гужва. До плажата може да се стигне со автомобил или со брод, на кој може да се качите на пристаништето во Акротири.
- Белата плажа – Оваа плажа е достапна само преку воден пат, со бротче, па за да ја видите ќе треба да се организирате за превоз до неа. На Црвената плажа има мали бротчиња кои на секој половина час пловат кон оваа плажа.
- Камари – Камари е гратче на Санторини каде се наоѓа аеродромот и затоа не го препорачувам за сместување, но ова место е доста живо, преполно со кафе барови, продавници, ресторани, барови на плажа со базени. И овде, како и во Периса, плажата е со црн вулкански песок и водата на морето е кристално чиста.
- Локална храна – Храната на Санторини е вкусна и треба да се пробаат нивните специјалитети, не само гирото (кое овде е во поголеми димензии од стандардните), туку и сувлаки, морска храна, доматни топчиња, ѕаѕики…
- Посета на Винарија – Санторини е познат по своите домородни сорти на бело грозје, како Асиртико, Атири и Аидани од кои изработуваат одлично вино, па така на островот има многу винарии за чија посета не ви е потребна резервација, освен ако не сакате да си резервирате посебна маса со убав поглед. Затоа, ако сакате да уживате во убаво вино, музика во живо и зајдисонце, тогаш задолжително посетете една винарија.
Санторини навистина е еден од најубавите острови во светот, од каде ќе се вратите исполнети со позитивни мисли, спомени од спектакуларните погледи кои се пружаат на секој чекор и незаборавното зајдисонце. И несомнено – ќе посакате повторно да го посетите.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон