Со Горјан одевме две години кога ми кажа дека работно треба да оди за Лече и дека ќе треба да испланираме одмор на југот од Италија. Малку ме фати во небрано, за Лече само знаев дека е град на средина на штиклата и дека не излегува на море. Во Италија сум била неколку пати и сакав нешто поразлично, а пред се убави песочни  плажи и топло чисто море , па неговиот предлог го прифатив со негодување. Многу ме изненади тоа што Јужна Италија е сосема поразлична од другите делови, многу  потопла, уште потемпераментна и баш таква, полна со преубави плажи и чиста вода.

Штиклата на Италија или полуостровот Саленто излегува на две мориња, Јадранско и Јонско и е место каде што Италијаните од север ги поминуваат летните одмори.

Поради историјата од 2000 години, како и поради  барокните градби,  градот Лече  е наречен Фиренца на Југот. Сите градби се направени со добро познатиот светол камен од Лече. На двата плоштади Piazza del Duomo  и Piazza Sant’Oronzo во близина на Романскиот театар може да го испиете познатото кафе од Лечезе, многу благо, направено со млеко од бадеми или да пробате Пастичото, полнето тесто препознатливо за тој регион, слично на нашата шампита. Најзначајни места во градот се  Романскиот амфитеатар,  преубавата Basilica di Santa Croce,  како и катедралата Cattedrale dell’Assunzione della Virgine, од 12 Век која е и сликата на градот. И, иако е на копно навистина вреди да се посети, а само на саат време од градот се наоѓаат најубавите плажи  како на Јонскиот, така и на Јадранскиот брег.

Југоисточно од Лече се наоѓа пристанишниот град Отранто, познат по Отрантската врата, каде што Јадранското и Јонското море ,, се бакнуваат“.  Отрантската катердрала е позната по исцртаниот поден мозаик од 12 век, на кој е нацртан Александар Велики од Македонија.

Околу Отранто се наоѓаат најубавите плажи.  Би ги издвоила Baia dei Turchi и Torre del Orso. Баиа деи Турки е на 6.5 километри северно од градот. Тоа е прекрасна песочна плажа со  малку гребени од страните, до неа треба да се испешачи, а целата област околу плажата е со дива вегетација. Потоа доаѓа Торе дел Орсо, прекрасна долга песочна плажа со кристално чиста вода.

Le due sorrelle, двете карпи во водата и’ даваат поголема живописност. На двете плажи има се’ што е потребно. Иако се долги, во Август има премногу гужва , па постои забрана да се носат домашни миленичиња на плажите.

Југозападно од Лече, пак се наоѓа, Галиполи – пристанишно рибарско градче на брегот од Јонското море. Познат е по пазарот за риби и морски плодови каде што освен свежи, се продаваат и на лице место зготвени порции.  Во летниот период важи за  ,,журкаџиско “ место , ама па баш таму на пристаништето со вкусна храна од рибниот пазар и локално вино, Горјан ме побара за жена.

Галиполи има долга песочна плажа со кристално чисто море, а околу градот се наоѓаат најубавите плажи на Саленто.  На Север се Пунта Проскуито и Порто Чесарео, долги песочни со бистра јонска вода, плажи какви што ние знаеме дека ги има на Лефкада во Грција.

Потоа Регионалниот национален парк Порто Салваџио кој секој мештанин ќе го препорача,  а јужно од Галиполи се наоѓа 5 километри долгата плажа наречена Малдиви на Саленто или Пескулуз, името се си кажува.  После оваа плажа што не смее да ја пропуштите,  се доаѓа до врвот на штиклата или Санта Марија ди Леука, многу познато туристичко место за италијаните. За вистинко уживање, ја препорачувам плажата Феличоне, на која освен една приколка за пијалоци нема ништо друго.

 

Кога да ја посетите?

Во Септември, затоа што тогаш картите за траект се поевтини . Патувањето со брод од Драч до Бари нема да го осетите. Се патува навечер и наутро сте веќе на италијанско тло.  На саат време од Бари се наоѓа малечкиот етно град Алберобело или  во превод „убаво дрво“. Познат е  по куќичките од камен и мов, наречени “трули” кои датираат од 14 век и се дел од културното наследство на УНЕСКО. Направени без малтер од страна на доселениците за да можат да се расклопат набрзина, за да се избегнат плаќања на даноци кон Кралството Неапол.

Монополи и Полињано а Маре се живописни градчиња на јадранскиот брег со мали но мешани, камени и песочни плажи во заливчиња. Во близина на Монополи, се наоѓа Castellana di Grotte. По препорака на мештаните, тoa e пештера каде се изведува Дантеовиот Пекол и никако не смее да се пропушти.

Патувањето со кола во септември е доживување, ќе можете да ги видите сите преубави места во време кога температурите се од 25-30 степени, водата е топла за капење, плажите полупразни , градчињата релаксирани, а цените во рестораните пристапни. И никако не пропуштајте да се напиете од виното во Саленто. Било да е наливно или во шише, уникатно е. На крајот можеме да заклучиме дека Италија навистина беше одлична идеја !!!

 

Автор на текст и фотографии: Дана Милошевска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон