Во југозападниот дел, на работ на Полошката котлина, се наоѓа едно од најубавите села во нашата земја, каде заштитен знак е чистиот воздух, бистрата вода, речната пастрмка и гостопримството на луѓето. Доколку овие податоци на некој начин ве асоцираат на селото Вруток, воопшто не сте згрешиле.

Денес сведоци сме дека човекот е се’ повеќе притиснат од секојдневните обврски и изложен на стрес кој го наметнува современиот начин на живеење, па секогаш има потреба од одредена доза на мир и спокој. Кога трагаме за убави моменти – такво доживување можеме да искусиме во шарпланинското селото Вруток. Вруток e вистинско место за одмор со пријатели или пак релаксирани семејни дружења.

Photo: Darko Onosimoski

Ова рурално место располага со чист воздух, бистра шарпланинска вода, еколошка храна, скриени пешачки патеки помеѓу околните листопадни шуми, неколку манастири, стара архитектура, легенди, преданија и многу други нешта. Сите овие вредности го прават привлечно селото за посета во текот на целата година.

Photo: www.patokolusvetot.mk
Photo: www.patokolusvetot.mk

Дополнителна предност е поволната географска местоположба и добрата патна поврзаност со градот Гостивар. Селото Вруток е лесно пристапно за посета поради релативно добрата инфраструктура. Од Скопје може да се стигне до селото Вруток  по магистралниот пат М4, поминувајќи го градот Гостивар и наместо да се продолжи кон магистралниот пат кон Кичево и Охрид, се врти десно по локалниот пат, каде се поминува покрај селото Здуње, Равен и се стигнува до Селото Вруток. На влезот во селото ќе ја поминете хидроцентралата Вруток и од левата страна се наоѓа манастирот “Св. Мина”, со два расторани во непосредна близина.

Photo: Darko Onosimoski

За гурманите, селото располага со голем број  угостителски објекти каде се служат традиционални и вкусни специјалитети. Селото има неколку рибници каде се одгледува различен тип на риба. Пастрмката се приготвува на два начина – отворен начин со извадени коски и затворен начин. Во вруточките ресторани, доколку имате желба, можете сами да си одберате риба која ќе ви ја приготват и за кратко време ќе се најде на вашата трпеза.

Photo: www.patokolusvetot.mk
Photo: www.patokolusvetot.mk

Приготвувањето и сервирањето е главен адут на локалните угостители. Освен риба, на вруточкото мени може да се вкусат и месо под сач, печено јаре, шарпланинско овчо сирење, качамак, галички кашкавал и други традиционални десерт.

Photo: Darko Onosimoski

Доколку почувствувате потреба од рекреација и имате желба за активност и трошење калории, за таа цел има неколку патеки за пешачење. Особено се издвојува патеката која води од изворот на реката Вардар до градскиот парк во Гостивар. Оваа патека е популарна помеѓу локалните рекреативци која ја практикуваат за време на викендите. Друга патека води од селото Вруток преку селото Речане до селото Орќуше, а поупорните рекреативци може да продолжат со пешачење до одмаралиштето Бунец во националниот парк Маврово.

Photo: Darko Onosimoski

Ако вашиот избор е разгледување на селото без подолги рекреативни прошетки, тогаш ви препорачувам да ги посетите убавите манастири “Света Мина” и “Свети Архангел Михаил”, исламските Бекташиско теќе и Шелериско теќе, џамијата на сред село или да го погледнете изворот на нашата најголема река Вардар. Исто така, во непосредна близина на селото се наоѓаат и археолошките локалитети Лазови, Бигор и Селиште.

Photo: Darko Onosimoski

Доколку сакате да поразговарите со мештаните од селото, тие се пријателски расположени секогаш да ви раскажат многу легенди и преданија кои се поврзани со ова село. Дел од многуте легендите се поврзани со карпата која се вика Бабајстарец, за камењата кои личат на скаменети баба и старец и за култниот невестиниот камен кој личи на скаменета невеста. За манастирската црква “Св. Мина” која потекнува од средниот век исто така постојат многу легенди, но нека остане легендата поврзана со крстот во средновековниот манастир “Света Мина” неоткриена и нераскажана во оваа статија. Нека оваа приказната биде уште еден предизвик да одвоите време и разговарате со Вруточани и на тој начин ја задоволите љубопитноста и знаењето за историјата, мистичните приказни и легенди поврзани со ова село.

Photo: Darko Onosimoski

Во минатото, Вруток го посетуваа ученички екскурзии, каде главно беа разгледувани хидроцентралата и изворот на реката Вардар. Денес радува податокот дека секој викенд Вруток станува магнет за голем број гости од различни делови од нашата земја, но исто така и се’ побројни се туристите кои доаѓаат надвор од границите на Македонија.

Автор на текст и фотографии: Проф. Дарко Оносимоски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон