Посетата на старата чаршија во Скопје е секогаш добра идеја, а особено во овој период од годината, кога времето е идеално за прошетки – ни премногу ладно, ни премногу топло.
Одличeн период за да поминете барем неколку часа во уживање на сите места, вкусови и мириси кои ги нуди чаршијата, шетајќи по тесните улички преполни со мали дуќанчиња и интересни локали за вкусна храна и кафе.
Прошетајте по оваа турска чаршија, чие постење датира од XII век и каде како ретко во кој друг дел од градот, тука се’ уште се чува стариот дух на Скопје, со многу мали занаетчиски работилници и дуќани, бурекџилници, чајџилници, ќебапчилници… а, новиот дух на модерното време се отсликува во нови, интересни барови.
Па така, овде пробајте турско кафе сварено на песок или несекојдневно кафе во кокосов орев, свежо цеден сок во ананас, турски локум со безброј вкусови и бои, тазе баклава, орасници и падобранци кои се топат во уста, сочно трилече, топли кикиритки…
Секако, не одете си од чаршијата без да изедете 10-ка со кромид, со топла лепиња и лута пиперка, во било која од ќебапчилниците, зошто овде ќебапите се секогаш тазе, а услугата е брза и љубезна.
Ќе забележите дека многу голем дел од посетителите во чаршијата се странци – сами или во групна посета со водич кој им ја раскажува историјата на градот и чаршијата – која во 2008 година е прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.
Уживајте во прошетка по калдрмата на старава скопска чаршија, ќе откриете барем неколку нови места кои досега ги немате забележано.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон