Доколку посакувате активен одмор, доколу сте во добра форма, обожавате да истражувате и да запознавате нови предели, тогаш Осоговијата е совршена дестинација за вас. Целата Осоговија има одлични услови за планинарење, параглајдинг, планински велосипедизам, зимски спортови…
Осоговијата е прекрасна планина лоцирана во источниот дел на Македонија, која треба допрва да доживее прогрес и нема дилема дека има голем туристички потенцијал.
Осоговските планини се втори (веднаш после Јакупица) по површина планини во нашата земја. Овие планини се пристираат во источниот дел на Македонија. Според староста, Осоговските планини преставуваат стари грамадни планини, кои се одликуваат со заоблени врвови и планински била. Највисок врв на овие планини е Руен, со височина од 2.252 метри.
Едно од најмаркантните туристички места на Осоговските планини е Пониква.
Оваа туристичка убавица преставува важен центар и викенд населба на Осоговските планини. Оддалеченоста на Пониква од Кочани изнесува околу 20 км. Пониква се наоѓа на надморска височина од 1560 метри, во предел на густа букова шума.
Без никаковo двоумење, Пониква претставува еден од најважните туристички рекреативни центар на Осоговските планини и пошироко во целиот источен дел на државата. Она со што може да се пофали овој туристички локалитет, е тоа дека Пониква има добро означен и асфалтиран пат, па не преставува никаков проблем пристигнувањето до неа.
На самиот влез на Пониква се наоѓа мал спортскиот аеродром кој некогаш се користел за воени цели. Има доволно голем простор за паркирање на автмобили.
Овој туристички локалитет располага со угостителски објекти како: хотели, мотели, ресторани, автокампови, бунгалови, детско одморалиште и сл. Објектите се изградени од природни матeријали, најчесто дрво, што одлично се вклупува во целиот амбиент.
За љубителите на зимските спортови ви стојат на располагање прекрасни зимски патеки и жичара. Туристичката понуда на Пониква е збогатена со присуството на игралиштата за мали спортови и ловниот резерват богат со разновиден дивеч, како и стрелиште за глинени гулаби.
На Пониква е изграден духовен храм посветен на “Свети Василиј Велики”. Секоја година на 14 јануари се одржува свечена литургија на Васил, пропратена со собир во манастирот. Традиционално се дели лепче со паричка. Планинарите од Планинарското здружение во Кочани “Осогово” организираат марш од езерото Гратче до Пониква по повод Православната Нова Година и оддаваат почит на “Свети Василиј Велики“.
Пониква е место кое станува се’ поатрактивно за голем број туристи, кои бараат плацеви да изградат приватни викендици, па оттука со право може да заклучиме дека секоја година Пониква станува се’ поголем туристички бренд во нашата земја, па и пошироко.
Автор на текст и фотографии: Проф. Дарко Оносимоски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон