Passo dello Stelvio е прогласен за “најдобриот автомобилски пат во светот” од водителот Jeremy Clarkson од ТВ серијата “Top Gear”. Стелвио не е само автомобилски пат. Тоа е едно од епските искачувања на велосипедската трка Giro d’Italia и е на списокот на желби на секој велосипедист во светот. Јас имав шанса да го возам во 2015та година. Го препорачувам на сите велосипедисти, се работи за уникатно искуство. Ова е приказната за еден ден на велосипед низ италијанските Алпи.

За да се искачите до Стелвио имате две опции: можете да тргнете од Прато (северна страна) или од Бормио (јужна страна). Одбрав да тргнам од Бормио само затоа што на мапа ми изгледаше полесно да пристигнам до Бормио со автомобил. Бормио е сместен во срцето на Доломитските Алпи. Најголем дел од патот има тунели пробиен низ околните планини, па морав да возам најмалку 30 километри низ тунели.

Неочекуваниот превој

Секој од нас барем еднаш успеал да се изгуби следејќи го својот GPS. На патот од Бреша кон Бормио мојата GPS апликација реши да полуди и да и ме однесе во едно мало алпско село со тесни улици во кое вртев кругови барем петнаесет минути. Кога конечно успеав да пресретнам неколку жители и да ги прашам како да стигнам во Бормио, тие ми рекоа дека треба да одам преку Мортироло. Тоа беше неочекувана добра вест! Сакав да го видам Мортироло, дури и од автомобил! За сите што се збунети во моментов: Мортироло е уште еден од легендарните превои од Giro d’Italia!

Веднаш да признаам – сакам повторно да се вратам и да го искачам Мортироло на велосипед. Мортироло е еден од најтешките успони и спустови кои сум ги видел. Нагибот е многу стрмен а патот е толку тесен што два автомобили не можат да се разминат. Возев низ десетици серпентини што се појавуваат ненадејно од густата шума. Имате видливост само до следната удолничка или кривина, не повеќе од 50 метри. Без оглед дали сте на велосипед или во автомобил на секој свиок се надевате дека нема некој што доаѓа од другата страна.

 

По угорницата на велосипед

Во Бормио го зедов изнајмениот велосипед – еден пристоен Trek Domane 4.3. Времето беше одлично за искачување – делумно облачно и ладно.

Сите луѓе кои ќе ги сретнете се пријатни и пријателски расположени – и велосипедистите и другите возачи.

Велосипедистите ве поздравуваат сеедно дали ве престигнуваат, разминуваат или вие ги престигнувате. Доколку стоите сите прашуваат едноставно „дали е се ОК?“. Возачите во автомобилите чекаат трпеливо велосипедистите да бидат безбедни и го престигнуваат велосипедот со многу простор помеѓу автомобилот и велосипедот.

Искачувањето на јужната страна има 40 серпентини, со првите 3 на излезот од Бормио кон Стелвио. После тоа нагибот на патот расте додека не се стабилизира помеѓу 7-8% нагиб. Нагибот никогаш не е пострмен од 12% и тоа на многу кратки сегменти.

 Тунели насекаде

На успонот до Стелвио се разминав со голем број велосипедисти. Повеќето групи велосипедисти беа тимови кои тренираат – имаа исти дресови, тимски ознаки, возеа заедно и со импресивно темпо.

Врвовите на Доломитите може да се видат во далечината уште на петнаесет километри до Стелвио, но патот прво поминува низ серија на тунели, со малку простор. Два автомобили oдвај можат да се разминат, а ако влезе автобус во тунелот сите мора да почекаат да помине низ тунелот пред да продолжи сообраќајот. Автомобилите не ги поминуваат велосипедистите во тунелите, само ползат зад нив.

Додека се возев низ една делница, слушнав многу гласно свирење на автомобилска сирена што е невообичаено затоа што никој не им прави проблеми на велосипедистите.

Причината за свирењето стана очигледна на следниот свиок во тунелот. Туристички автобус се спушташе низ тунелот и ја зафаќаше целата ширина на патот. Немаше начин да се разминеме. Автомобилите зад нас започнаа да се враќаат назад, но велосипедистите во тунелот имаа подобра идеја. Сите се сокривме во просторите (лаковите) ископани во sидовите на тунелот за да може автобусот да помине.

 

На половина пат до таму, на серпентините.

На половина пат до искачувањето, стигнав до серпентините. Возењето по серпентините е многу интересно – секогаш имате одличен поглед, а вртењето на свиокот овозможува зарамнување на успонот и малку одмор. Можете да запнете брзо нагоре или само да се опуштите и да уживате во погледот – јас го одбрав второто.

Тука некаде планината ја покажа својата моќ – ме поздрави со дожд и ладен ветер. Времето наеднаш стана забележително постудено. Некои возачи застана за да облечат опрема за дожд. Другите, меѓу кои и јас, се надеваа на подобро време погоре, па продолживме. Серпентините се омилени и кај возачите на автомобили. Мене ме помина група од четири Mazda MX5 (Miata), кои се тркааа и агресивно влегуваа во свиоците. По нив следуваше друга група од три Lotus Elise автомобили. Тие приредија мала забава како на трки со автомобили, иако сето тоа не беше баш безбедно. Се надевам дека имаа одличен провод, исто како и велосипедистите.

 

Последните десет километри – планината го возвраќа ударот

Откако ги поминав серпентините следеше прав дел на патот со прилично лесен успон. Но планината реши да ги отежни работите. Стана премногу ладно – студениот ветер ги замрзнуваше капките од дожд кои ме удирааа ладни иглички. Лошото време и преостанатиот успон од 10 километри многу лесно го нарушува моралот.

Дојде време да се возвратам против алпскиот противник со посоодветни алатки. Застанав на кратка пауза, одлично Lindt чоколадо, се напив многу вода и облеков опрема за дожд. Нагибот на патот се израмни па запнав посилно, се загреав и после паузата се чувствував многу подобро. Го извозев невремето уживајќи во погледот и престигнував некои од возачите кои ме поминаа на почетокот на искачувањето. Stelvio бара конзистентност, не форсирање само на почетокот на успонот. Во последните пет километри Стелвио ме поздрави со последните 14 серпентини. Серпентините се истовремено убава шанса да се одморите во помалиот нагиб во свиоците, да уживате во погледот, па дури и да разговарате со некои од велосипедистите околу вас. На последните свиоци, застанав за неколку фотографии и се запознав со татко и син од Австралија, кои заедно го возеа Стелвио. Таткото има 65 години, и одлично го искачува Стелвио на Colnago C59 велосипед. Се надевам дека ќе можам да го повторам и јас ова кога имам ќе 65 години!

 

Passo dello Stelvio – 2758 метри надморска височина

На третата серпентина пред самиот превој, скоро на врвот, планината се премисли. За само неколку метри, дождот запре и излезе сонцето. Последните свиоци ги возев колку што можев побавно, разгледувајќи наоколу како и секој турист што стигнува до Стелвио и застанував на секој можен момент за да фотографирам. Кога го поминав самиот превој, ме пресретна поглед на прекрасни облаци што ја криеја северната страна на Доломитите кон Прато и Алпите кон Швајцарија.

Ја постигнав целта – се искачив на легендарнит алпскиот превој, вертикално искачување од 1535 метри. Повторно, како и секој друг турист, фотографирав сè и што било.

Кога конечно стигнав на Стелвио, беше преполно со луѓе! Продавници и кафулиња на обете страни од патот, луѓето купуваат, фотографираат, дури и пешачат до алпските врвови околу превојот. Десетици Colnagо, Willier, Canyon, Bianchi велосипеди одмараа на секој достапен sид и на никој не му доаѓа на памет да си „позајми“. Го паркирав мојот Trek покрај еден куп Willier Zero 9 велосипеди, но го држев на око додека го пиев славеничкото капучино.

 

Назад надолу и расипани планови за Гавиа

После добар одмор, време беше да се вози назад надолу. Го облеков секој резервен слој на облека што ја носев со себе и почнав со спустот. По 5 свиоци, повторно влетав во ледениот ветер. Морав да ги вртам педалите во празно за да ги загреам нозете ,а да не додадам поголема брзина низ свиоците. Дождот ме пречека од петтиот километар на спустот од Стелвио и продолжи до петнаесеттиот километар. Се обидов да возам брзо, достигнав 65 км на час, но тоа не беше вистинскиот потег. Не можете да возите брзо кога се спуштате од Стелвио. Користете ги вашите сопирачки и уживајте во погледот. Како се приближував до Бормио времето се стопли и беше мој ред да ги ги поздравувам возачите кои штотуку го започнуваа нивното искачување кон Стелвио, како јас неколку часа порано.

Условите за уште подолга авантура изгледаа одлично кога се приближував до Бормио. Беше 14:30 попладне, топло и малку облачно, па започнав да го планирам искачувањето до Гавиа – третиот познат превој во околината на Бормио. За жал, Алпите не се согласија со тој план. Штом ја свртев последната серпентина на моето симнување (бр.40), дождот повторно започна. Беше силен, студен и доаѓаше токму од Гавиа, која беше целосно обвиена во облаци. Дождот не попушташе па немав шанса да се соочам со втората алпска планина на велосипед.

Се обидов да се возам низ Бормио трисетина минути со надеж за подобро време, но немав среќа. Дождот не престана до крајот на денот. На крајот го вратив велосипедот, стигнав до мојот автомобил и се упатив назад кон Венеција каде престојувавме.

Очекуваниот врв – Mortirolo повторно со автомобил

Враќањето назад повторно ме однесе преку Мортироло. Овој пат со дополнителен бонус: облаците што ја зафатија Гавиа го обвија и Мортироло па целото искачување од петнаесет километри беше во приближно нулта видливост.

Искачувањето на оваа италјанска работа е неверојатно искуство. Јас го искусив точно на начинот на кој треба да се извози низ Алпите – низ четири годишни времиња, со студ, дожд, ветер и сонце. Кога возите низ Алпите имате повеќе од еден противник – се борите со успонот,но многу повеќе се борите со планината.

Би сакал да се вратам и повторно да го возам Стелвио и да одам во Гавиа, па дури и Мортироло. Се надевам со мојот син, исто како и австралискиот тим татко-син.

Автор на текст и фотографии: Божидар Спировски

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон