Photo: Verche M. www.patokolusvetot.mk

Дали имате слушнато или го имате посетено овој споменик на ридот Зебрњак, во селото Младо Нагоричане? Многумина го споредуваат со објект излезен од сценографија на популарната серија “Game of trones”.

Овој објект е само дел останат од Спомен-Костурница во селото Младо Нагоричане, оддалечен околу 6 километри од Куманово, десно од магистралниот пат Куманово – Крива Паланка. Бил разрушен на почетокот на Втората светска војна, во 1942 година, од страна на бугарските воени сили.

Објектот е спомен обележје подигнато во чест на загинатите српски војници во Кумановската битка во Првата балканска војна, во 1912 година. Српската војска во која имало и Македонци, извојувала победа над турската војска и со тоа го означила почетокот на ослободувањето на југоисточна Европа од Отоманското Царство.

Photo: Verche M. www.patokolusvetot.mk

Споменикот имал облик на кула со висина од 48,5 метри. Во внатрешноста на споменикот на приземјето се наоѓаат простории со посмртни останки. Над нив се наоѓал простор поделен во девет одаи, во кои биле сместени музеолошки поставки. Над подножјето на споменикот, осумнаесет метри од земјата, се наоѓала меморијална капела до која се стигнувало со отворена спирална рампа.

Photo: Verche M. www.patokolusvetot.mk

Откако ќе пристигнете – може да се паркирате подолу од ридот и имате едно кратко, релаксирачко искачување по Зебрњак.

А, на врвот на споменикот можете да уживате во погледот.

Искористете едно претпладне за да го посетите ова место со своите најблиски, а ако сте љубител на фотографирање – споменикот изобилува со многу агли за изработка на совршена фотографија. Влезот е слободен.

Автор на текст, фотографии и видео: Верче М.

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон