Светската здравствена организација (WHO) прогласи пандемија на корона вирусот, со што се превземаа поостри мерки за движењата на луѓето надвор од границите на земјите во кои се наоѓаат и многу земји ги затворија своите граници и аеродроми, голем број авиокомпании ги откажаа своите летови од и до земји кои се ставени на листата на ризични земји. Сепак, голем број на аеродроми се сеуште отворени и голем број на луѓе сеуште патуваат.

Се препорачува сите патувања да ги откажете, но ако неизбежно мора да отпатувате некаде, ова се најважни мерки кои треба да ги превземете при патувањето, за да ја намалите веројатноста да се заразите со корона вирусот:

 

  1. МИЕЊЕ НА РАЦЕТЕ

Миење на рацете со вода и сапун е најефикасниот начин на спречување на зараза. Миењето на рацете не треба да биде пократко од 20 секунди!

  • Намокрете ги рацете со ладна или топла вода.
  • Со сапун убаво истријте ги дланките до зглобовите од внатре и надвор и помеѓу прстите, најмалку 20 секунди.
  • Исплакнете ги рацете од сапунот.
  • Избришете ги рацете со хартија за една употреба и таа хартија искористете ја за да ја отворите вратата од тоалетот.
  • Ако немате сапун и вода – користете средства за дезинфекција, но при првата можност – измијте ги рацете со вода и сапун. Средствата за дезинфекција искористете ги и за чистење на сите површини кои ќе ги допирате при патувањето, како потпирачи за раце на седиштата, површината за јадење, далечинскиот управувач и екранот на телевизорчето во авион и сл.

 

2. КОГА ТРЕБА ДА СЕ МИЈАТ РАЦЕТЕ

Рацете треба да се мијат што е можно почесто, практично пред и после секој контакт со друг човек, животно, храна или предмет.

  • Пред, за време и после подготовка на храна.
  • Пред конзумирање на храна.
  • Пред и откако сте комуницирале со некој кој изгледа болно.
  • Пред и после користење на тоалет.
  • Пред и после менување на пелена на дете и откако  сте му помогнале да отиде во тоалет.
  • После кашлање, кивање и бришење на нос.
  • После контакт со површини кои често се допираат, како: кваки, копчиња во лифт, држачи во јавен превоз и сл.
  • После фрлање на ѓубре.
  • После допирање на животно (иако е докажано дека овој вирус не може да се пренесе преку домашните животни куче и маче)

 

3. КОРИСТЕЊЕ НА ЈАВНИ ТОАЛЕТИ

Во јавните тоалети допирот на тамошните површини сведете го на минимум. Носете со вас тоалетна хартија или влажни марамчиња, бидејќи често во овие јавни тоалети нема доволно хартија за лична хигиена. Сите ваши лични предмети не ги ставајте директно на површината кај лавабото, претходно ставете чиста хартија. Исто така, не ја ставајте торбата/ куферот директно на подот во тоалетот. Се подразбира и никако седнување директно на WC даската.

 

4. ДРЖЕТЕ РАСТОЈАНИЕ ОД ЛУЃЕТО ВО БЛИЗИНА

Се препорачува да се држи растојание од минимум 1 метар од луѓето кои се во ваша непосредна близина. Избегнувајте да престојувате во затворени простории, како ресторани и кафетерии. Не се поздравувајте со ракување. Не се допирајте со рацете по лицето. Ако патувате со авион, не е возможно да го одржувате ова растојание од 1 метар, но затоа проверете дали работи климата над вашето седиште преку која се прочистува воздухот во авионот и се елеминираат нечистотиите и микроорганизмите.

 

5. ОДРЖУВАЊЕ НА ИМУНИТЕТОТ

Имунитетот опаѓа кога сте уморни и исцрпени, затоа потрудете се на организмот да му овозможите доволно сон и редовна исхрана богата со зеленчук и овошје, како и да внесувате доволна количина на вода, против дехидрирање. Исто така и физичката активност е добра за одржување на имунитетот, па така ако сте редовно физички активни, продолжете ја оваа активност и на патувањето, но избегнувајте вежбање во затворени сали, подобро оваа активност пренесете ја на отворено – трчајте, пешачете или едноставно вежбајте во вашата соба.

 

6. АКО СЕ ПОСОМНЕВАТЕ ДЕКА СТЕ ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНА ВИРУСОТ

Ако имате некој од симптомите на корона вирусот (покачена температура, треска, отежнато дишење, сува кашлица), тогаш мора да пријавите, заради себе и заради сите околу вас. Каде и да се наоѓате, на аеродром, во авион, во странска држава, обавестете ги надлежните служби, кои ќе ги превземат сите потребни дејства. Ако почувствувате некој од симптомите додека сте во авион, по слетување на авионот обавезно пријавете го тоа на вработените на аеродромот.

.

И не заборавајте – Ако се чуваш ти, ги чуваш и другите!