Се случува често при патување со авион, куферот да не стигне заедно со вас на вашата дестинација. Пријавувате во авиокомпанијата и таа го бара, но по долго и опширно барање, ве известуваат дека вашиот багаж не е пронајден, па ви исплаќаат оштета и тука завршува вашата поврзаност со куферот.
Но, тоа не е крај и за куферот. Куферот поминува 3 месеци во складиште за изгубен багаж, а после тој период – авиокомпанијата го продава на приватна компанија “Unclaimed Bags”. Па така, некој пензиониран механичар го купува часовникот на вашиот дедо или пак медицинска сестра од Флорида станува гордa новa сопственичка на марамата што мајка ти ти ја подарила за роденден.
Секоја година 4,3 милијарди куфери поминуваат низ аеродромите и авионите ширум светот. Околу 25 милиони од нив завршуваат изгубени или погрешно насочени. 0,03% од куферите што нема да се соединат со нивните сопственици, по 90 дена се продаваат од страна на авиокомпанијата.
Компанијата “Unclaimed Bags” од малото гратче Скотсборо, Алабама во САД има огромен магацин од 40.000 м2, каде се складираат предметите од изгубените куфер и се ставаат за продажба.
Оваа компанија постои од 1970 година, кога сопствениот Уго Дојл Овенс сосема случајно започнал со оваа дејност, кога слушнал на радио дека некоја автобуска компанија во Вашингтон имала голем број на останат, изгубен багаж и се обидувала да го продаде. Овенс позајмил 300 долари од својот дедо и го купил целиот багаж, кој потоа го продал за помалку од 24 часа во импровизирана продавница. Потоа, во 1978 година дејноста ја проширил со купување на изгубен багаж од три авиокомпании и тоа трае и денес, со ексклузивни договори кои оваа компанија ги има со поголем број на светски авиокомпании.
Никогаш не знаат што има во изгубените куфери, па ова го опишуваат како “купување мачка во вреќа”. И навистина, со текот на годините во куферите нашле многу несекојдневни предмети, како на пример: куфер полн со египетски артефакти од 1500 година пр.н.е, оклопен костум, ретка виолина изработена од студент на Страдивариус, вакумирани жаби и камера користена во програмата за вселенски летала на НАСА.
Иако 60% од предметите во куферите се облека и акцесоари, има и многу вредни предмети, како: Претседателски платинеум Rolex часовник во вредност од 64.000 долари (продаден за 32.000 долари), дијамантски прстен од 5,8 карати, проценет на 46.000 долари (продаден за 23.000 долари), емералд од 40,95 карати проценет на 25.000 долари (продаден за 17.000 долари).
Во продавницата на “Unclaimed Bags” се случува купувачи да наидат на свои изгубени предмети и да си ги купат. Понекогаш се случува и компанијата да врати вреден предмет на сопственикот, ако на предметот има изгравирано иницијали или важен датум.
Оваа компанија има и online продажба на предметите од изгубените куфери, па така ако некогаш сте изгубиле куфер, може да си ја пробате среќата да си пронајдете дел од вашите предмети на овој ЛИНК.