Аеродромот Тензинг Хилари познат и како аеродромот Лукла, се наоѓа во местото Лукла во источен Непал и важи за најопасен аеродром во светот, каде смеат да слетуваат само најискусните пилоти.
Аеродромот се наоѓа на надморска височина од 2.845 метри, со писта долга само 527 метри и широка 30 метри, која може да ја користат само помали авиони и хеликоптери. Освен патници, авионите превезуваат и храна, градежни материјали и останати потребни работи за населението кое живее таму.
Секое полетување и слетување на овој аеродром е ризик, заради местоположбата и временските услови со тешка видливост – честа појава се густа магла, силни ветрови, облаци, дожд и снег. На аеродромот нема помагала за навигација, ниту ноќни летови, секојдневно се одложуваат или откажуваат летови, а често се случуваат и авионски несреќи.
Аеродрмот го носи името на првите луѓе кои се качиле на Монт Еверест – шерпа водичот Тензинг Норгај и алпинистот Едмонд Хилари. Oвој аеродром е почетна точка за сите планинари кои сакаат да се искачат на врвот на светот.